1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

БРИКС - дипломатско одење по јаже

Астрид Пранге / Александар Методијев15 јули 2014

Светот е на гости во Бразил, а претседателката Дилма Русеф деновиве беше опкружена со претседатели од 4 континенти. Дипломатскиот маратон почна со финалето на Светското првенство, а продолжува со самит на БРИКС.

Фотографија: Reuters

Листата на гости од висок ранг е голема. Покрај канцеларката Ангела Меркел, сојузниот германски претседател Јоахим Гаук и рускиот претседател Владимир Путин, на стадионот Маракана во Рио де Женеиро веќе се сретнаа и јужноафриканскиот шеф на државата Јакоб Зума, унгарскиот премиер Виктон Орбан, како и претседателите од Габон, Тринидад и Тобаго и Хаити. Тие заедно го проследија финалниот натпревар на Светското првенство меѓу Германија и Аргентина.

Само аргентинската претседателка Кристина Фернандез де Кирхер во последен момент, поради здравствени причини, се извини и ја откажа својата посета. Но, ларингитисот не ја спречи Кристина Фернандез де Кирхер на 12 јули да го пречека рускиот претседател Владимир Путин во Буенос Аирес. Во сенка на Светското фудбалско првенство таму се случи латиноамерикански минисамит. Според извештаите на весникот „Кларин“, аргентинската претседателка ги поканила своите колеги Ево Моралес од Боливија, Николас Мадуро од Венецуела и Хозе Мухика од Уругвај на официјална вечера со Путин. На дипломатската листа со желби беше една заедничка изјава против таканаречените „фондови-мршојадци“, кои ја засилуваат заканата за аргентинската економија.

Додека Аргентина се радува за руската поддршка, Путин мора на неговото латиноамериканско патување да оди како по јаже, бидејќи според извештаите од соседен Бразил рускиот претседател ќе треба да поработи на тоа што во завршната декларација од самитот на БРИКС-земјите: Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка ќе има посебен параграф за конфликтот во Украина.

Фотографија од претходен самит на БРИКС одржан во Санкт ПетербургФотографија: picture-alliance/dpa

„Бразилската влада се обиде да се спротивстави на притисокот од Русија, но само со умерен успех“, стои во еден од извештаите во бразилскиот дневен весник „О Глобо“. Наводно, во планираниот параграф треба да се осудат санкциите на ЕУ и САД кон Русија и да се упати на ОН како форум за наоѓање решение на конфликтот. Бразилското Министерство за надворешни работи не сакаше да ги потврди овие информации за Дојче веле.

Притисок од ЕУ

По самитот на БРИКС во Форталеза и Бразилија денеска и утре (15 и 16 јули) Бразил ќе мора да ја објасни својата позиција во однос на украинскиот конфликт, бидејќи на 17 јули во четиридневна официјална посета на земјата пристигнува претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо.

Уште еден значаен гостин во Бразил ќе биде и кинескиот претседател Ши Џинпинг, кој по самитот на БРИКС во Форталеза, на 17 јули ќе дојде во Бразилија во прва официјална посета и ќе одржи говор пред бразилскиот парламент.

Од 2012 година Кина е најголемиот трговски партнер на Бразил. Размената на стоки меѓу двете земји надминува 80 милијарди американски долари. Посетата се совпаѓа со 40-годишниот јубилеј на дипломатските односи меѓу двете земји.

Индија во сенка на Кина

Текстилна фабрика во Форталеза. Бразил сака да ги продлабочи економските партнерстваФотографија: picture-alliance/ dpa

Голема непознаница во низата високо рангирани државни функционери во Бразил е индискиот премиер Нарендра Моди, кој ќе се сретне со бразилската претседателка Дилма Русеф на маргините на самитот на БРИКС на 16 јули. Двете земји соработуваат заедно во повеќе организација, а меѓу другото и во „Форумот Ибас“, кој ги вклучува трите демократии - Индија, Бразил и Јужна Африка. Ако се споредува со Кина, политичката и економска размена меѓу Бразилија и Њу Делхи уште е мала.

Трговијата меѓу двете држави изнесува речиси 10 милијарди американски долари. Во една нота на бразилското МНР стои дека „Индија и Бразил имаат многу силен потенцијал за билатерална трговија и инвестиици“. На бразилската дипломатија останува да го искористи тоа.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми