1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брисел бара опозицијата да се врати во Собранието - СДСМ е за техничка влада

ЖА/миа/макфакс5 јуни 2014

Комесарот за проширување на ЕУ Штефан Филе на денешната средба со лидерскиот двоец на СДСМ - Зоран Заев и Радмила Шекеринска во Брисел, побарал од најголемата опозициска партија во Македонија да се врати во Парламентот.

Фотографија: Petr Stojanovski

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, во соопштението што го лиферуваше кабинетот на Филе по утринската средба, еврокомесарот ја повикал опозицијата да се вклучи во работата на Собранието, како најдобар начин за решавање на проблемите и да придонесе за неопходните реформи во земјата.

„Комесарот Филе ја повика опозицијата да се вклучи во работа на Парламентот, како најдобар начин за решавање на проблемите и да придонесе за реформите неопходни за земјата. Напуштањето на демократските институции ги слабее истите, а силни демократски институции се во интерес на земјата“, се наведува во соопштението на Европската комисија.

Во соопштението, во однос на средбата Филе-Заев-Шекеринска, се потврдува дека по неодамнешните избори во земјата тие разговарале за повторените препораки на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во однос на пристрасното медиумско покривање и недоволната поделба меѓу државата и партиските активности.

Тоа го посочи и СДСМ во своето соопштение од оваа средба:

„На средбата се разговараше за наодите на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, којашто констатираше спојување на партијата и државата, партизирано судство, пристрасни медиуми, партизирани институции, отсуство на фер натпревар. Претседателот Заев и заменик претседателката Шекеринска на средбата истакнаа дека токму тоа се причините за непризнавање на изборниот процес и за неучество на опозицијата во Парламентот. Тие укажаа дека опозицијата е целосно свесна за тежината на ваквата одлука, но дека власта е таа којашто спречува да дојде до израз вистинската волја на гласачите“, соопштуваат од СДСМ.

На средбата била изразена подготвеност опозицијата да почне преговори со власта за формирање техничка влада и за механизми што ќе овозможат слободни, фер и демократски избори.

На крајот од ова соопштение се наведува дека комесарот за проширување ја повторил континуираната поддршка на Комисијата за напорите на земјата на нејзиниот пат кон интеграција во ЕУ.

„Во овој контекст, комесарот истакна дека новата влада има јасна одговорност за решавање на овие недостатоци, како и на оние што во неколку наврати се посочуваат во извештаите за напредокот на земјата на Европската комисија и тоа како прашање на итност“, се наведува во соопштението од кабинетот на Филе.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми