1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брисел бара посветеност од земјите-кандидати за ЕУ

АТ/макфакс/миа3 јуни 2014

На состанокот во Виена за напредокот на државите од Западниот Балкан, Брисел ги повика земјите-кандидати за влез во Европската унија да покажат посветеност при спроведување на реформите.

Фотографија: dapd

Еврокомесарот за проширување Штефан Филе во својот говор на конференцијата во Виена за земјите од Западен Балкан порача дека вратите на Европската унија (ЕУ) остануваат отворени за сите земји од овој регион, и дека сега останува на политичките лидери во регионот да ги спроведат неопходните реформи.

Земјите кандидатки за пристапување кон ЕУ треба да ја докажат својата посветеност со „сигурни реформи“, изјави еврокомесарот. Според него, преговорите за членство во ЕУ не се состојат само од штиклирање на квадрати. „Треба да се дадат докази“, изјави Филе. „Не зборувам само за реформи, туку за сигурни реформи, кои ќе им бидат од корист на луѓето во текот на целиот процес на приклучување, а не само на крајот“, истакна Филе.

Филе подвлече дека Европската унија, со 28-те земји-членки и повеќе од 500 милиони граѓани станала најуспешниот мировен проект, но дека тој не е завршен, иако постојат сомнежи за подготвеноста на новите кандидати.

„Овој пат не е завршен. Солунската декларација од 2003 година ја повтори едногласната поддршка на ЕУ за европската перспектива на Западниот Балкан. Тоа беше одговор на крвопролевањето кое се случи по распадот на поранешна Југославија“, смета Филе.

Тој нагласи дека таа декларација „јасно стави до знаење дека иднината на Балканот е во ЕУ“ и додаде дека постои согласност дека пристапувањето на земјите од Западниот Балкан во ЕУ е единствениот начин да се обезбеди стабилност и мир во овој дел на Европа, кој предолго беше погоден од војните.

Филе истакна дека политиката на проширувањето успешно продолжила и по влегувањето на Хрватска во ЕУ, преку отпочнувањето на пристапните преговори со Црна Гора и Србија, како и со договорот меѓу Србија и Косово и нормализацијата на односите, што овозможи продолжување на евроинтеграциите на Белград и Приштина.

Министрите учесници на конференцијата во Виена разговараа за подобрување на соработката во рамки на Процесот за стабилизација и асоцијација, земајќи ги предвид нивните слични предизвици и цели во контекст на нивните посебни патеки на приближување кон ЕУ.

На конференцијата, министрите се потсетија дека годинава е стогодишнина од почетокот на Првата светска војна, со што се потенцираше улогата на ЕУ како проект на мир, но и дека проширувањето придонесува кон ширење на мир и на економска благосостојба.

„Интегрирањето во ЕУ не е процес каде што добиваш исто колку што губиш. Резултатот е многу позитивен, колку за 20 милиони во балканските земји што се интегрираат, исто толку и за 500 милиони во земјите-членки“, подвлече шефот на македонската дипломатија Никола Попоски кој учествуваше на состанокот во Виена.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми