1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брисел: Итните реформски приоритети клучни за Македонија

Марина Максимовиќ
11 јануари 2018

Земјите од Западен Балкан мора да им дадат највисок приоритет на реформите во областа на владеење на правото, правосудството и основните права, велат во Европската комисија. ДВ дознава детали од работниот извештај на ЕК.

Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Првиот состанок на комесарите на Европската комисија во 2018 година беше посветен на институционалните приоритети на ЕУ во следниот период. Покрај реформите на економската и монетарната унија, зајакнување на надворешните граници и Шенген, формирањето на единствениот европски дигитален пазар, сите европски комесари разгледаа и уште една зацртана цел - приближувањето на Западниот Балкан кон ЕУ. Истата тема ќе биде на дневен ред и в петок, кога во Софија европските комесари ќе разговараат со бугарските претставници за приоритетите на бугарското претседателство со ЕУ. Во согласност со најавите од Брисел и официјална Софија порача дека во текот на шестмесечното претседавање нејзин приоритет ќе биде токму напредокот на Западниот Балкан.

„Во прашање е процес кој се заснова врз постигнатото. Перспективата е тука. Посветеноста и желбата се тука. Политичката атмосфера е тука. Го поздравуваме фактот дека Бугарија во мај ќе организира вонреден самит на ЕУ лидерите и Западниот Балкан за да се нагласи сето наведено“, вели портпаролот на ЕК, Маргаритис Шинас.

Шефицата на ЕУ дипломатијата Федерика Могерини оценува дека регионот во изминатата година минал низ „тешки моменти на длабоки кризи“, но денес благодарение на „тешките одлуки и заедничката работа“ тие кризи се главно решени, а патот кон реформите и ЕУ е обновен.

Нема спуштање на критериумите

Во ЕК велат дека токму 2018 година ќе пружи уникатна шанса за неповратно приближување на Западниот Балкан кон ЕУ.

„За тоа да го постигнат земјите од регионот мораат да им дадат највисок приоритет на реформите во областа на владеењето на правото, правосудството и основните права. ЕУ нема да прави компромиси околу критериумите за членстви“, вели портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчич.

Таа објаснува дека во ЕК во моментов работат на два документа кои се однесуваат на Западниот Балкан. Првиот е новата Стратегија која треба да биде претставена во февруари, додека за април е планиран редовниот годишен извештај за напредокот кој ќе биде пресек на состојбата во сите земји во процесот на евроинтеграцијата и препораките на ЕК, како и што понатаму за секоја земја одделно. Притоа, според Коцијанчич, ЕК смета дека е важно да се направи одвоена работна рамка за секоја земја од Западниот Балкан. Иако Стратегијата и извештаите сѐ уште се во „интерна работна фаза“, претставници на ЕУ за ДВ изнесуваат некои детали за напредокот на западнобалканската шесторка.

Македонија може до пристапни преговори

Во ЕУ велат дека очекуваат од власта и опозицијата во Скопје да продолжат со исполнување на политичкиот договор од Пржино. Истовремено од Скопје се очекува и да работи на примена на Итните реформски приоритети и враќање на патот кон ЕУ.

„Само така Европската комисија ќе може да препорача отворање на пристапните преговори“, предупредуваат во ЕУ. Притоа, европските претставници велат дека од Македонија очекуваат да продолжи да ги „зајакнува односите со соседите“.

Од Комисијата велат дека и Албанија е на добар пат да ги започне преговорите за членство во ЕУ во следните шест месеци доколку продолжи со темпото на засилени реформи, пред сѐ во правосудството и борбата против корупцијата.

Регионалната соработка и добрососедските односи ќе бидат еден од условите за напредок на земјите од Западниот Балкан не само во 2018 година, туку и услов за членство во ЕУ. Говорејќи за словенечко-хрватскиот граничен спор, претседателот на Европската комисија им порача на сите земји од Западниот Балкан дека веќе нема да биде можно да ѝ се приклучат на ЕУ, доколку претходно не ги решат билатералните гранични прашања со соседите.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми