1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брисел нема јасен план за Грција

Бернд Ригерт / Е.М. Фиданоска5 јули 2015

Дали негативниот одговор на Грците на референдумот значи и „не“ за еврото? Дали и натаму ќе се преговара? На банкротираната држава итно и‘ се неопходни пари.

Фотографија: picture alliance/chromorange/Ohde

По грчкото „не“, во Брисел нема официјални изјави на трите институции кои со месеци безуспешно преговараа со владата во Атина. Но, зад кулисите се дознава дека кредиторите, Еврогрупата и Европската Комисија, не стојат на располагање за формални преговори веќе во понеделник. Грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис при гласањето на референдумот денеска рече дека „дил“ е можен во рок од 24 часа. Тоа не е многу веројатно, зашто на масата за преговори нема ништо за што може да се преговара. Варуфакис вечерва на Твитер „ретерираше“ и нагласи дека употребил условна форма.

Нова средба на Еврогрупата во вторник? Јерун ДајселблумФотографија: Getty Images/AFP/J. Thys

Се чека барање од Атина

Грчкиот премиер Алексис Ципрас во писмо минатата среда побара трет пакет за помош во обем од 29 милијарди евра и реструктуирање на долговите. Сега 18-те други министри за финансии од Еврогрупата сакаат прво да знаат дали ова барање се‘ уште важи и какви противуслуги би дала Грција. Во Брисел се вели дека е можна средба на министрите за финансии во вторник. Подоцна во текот на неделата најверојатно ќе има и средба на шефовите на држави или влади на Еврогрупата или на сите членки на ЕУ.

Постапката е всушност позната

Сите овие средби меѓутоа не можат да ги заменат преговорите на екслертско ниво кои се регулирани со договорот за европскиот чадор за спас ЕСМ. Според насоките за доделување кредити, би морало да биде оценета финансиската состојба на Грција, која од доаѓањето на власт на коалицијата Сириза-Анел пред 5 месеци е рапидно влошена. Освен тоа, ЕСМ-договорот предвидува дека мора да се склучи нов договор со Атина, односно во Грција многу омразениот „Memorandum of Understanding“. Овој меморандум потоа мора да ги содржи реформските ветувања и финансиски прилагодувања на примателот на кредитот. Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле пред референдумот најави дека практично би морало повторно да се почне од нула. Освен тоа, на Шојбле му е неопходен нов мандат од Бундестагот. Ако се‘ оди добро, според европски дипломати, сите овие чекори би траеле околу две до три недели.

Прво Меркел оди во Париз

Утре германската канцеларка Ангела Меркел прво во Париз со францускиот претседател Франсоа Оланд ќе разговара околу натамошните чекори. Меркел и Оланд во последните недели повеќе пати лично се сретнаа со грчкиот премиер Ципрас и попусто се обидуваа да посредуваат. Во настапите пред референдумот грчкиот премиер зборуваше за уцени од страна на досегашните кредитори. Неговиот министер за финансии европските партнери ги нарече терористи. Тоа, како што велат ЕУ-дипломати, не е баш поволно за идните преговори.

Претседателот на Европскиот Парламент Мартин Шулц во интервју за радиото Дојчландфунк предвиде излегување на Грција од еврозоната. „Тоа сигурно е така, но по референдумот, ако речат НЕ, ќе мора да воведат некоја друга валута, затоа што еврото како платежно средство не стои на располагање. И, како сакаат Грците да исплатат плати? Како ќе исплатат пензии? Само, во моментот кога некој воведува нова валута, тој излегува од еврозоната“, изјави Шулц за Дојчландфунк.

Можни нови преговориФотографија: Reuters//Bundesregierung/Guido Bergmann

Само ЕЦБ може да ја држи Грција над вода

Ако ЕСМ треба со Грција да договори трет пакет за помош, тогаш тоа мора да оди многу брзо, зашто државата де факто е банкрот. Тоа шефот на ЕСМ, Клаус Реглинг, го објасни уште вчера. Се шпекулира дека грчките банки и покрај драстичните ограничувања веќе утре може да снемаат евра во готовина. ЕЛА-кредитите за Грција, кои ЕЦБ ги замрзна на ниво од 90 милијарди евра, може да се потрошат за 24 часа. Грчката централна банка веќе најави дека сака зголемување на сите ЕЛА-кредити. ЕЦБ за тоа ќе одлучува најверојатно утре.

Советот на ЕЦБ најверојатно нема да ја остави Грција на цедило. Членот на директориумот на ЕЦБ, Беноа Куре, денеска рече дека банката ќе понуди повеќе помош ако е тоа неопходно. „Ако мора да направиме повеќе, ќе направиме“, рече тој без да наведе детали. „Ќе ги употребиме неопходните инструменти.“ Грчката влада вечерва отфрли да шпекулира околу евентуално воведување паралелна валута или обврзници на владата за платниот промет во Грција.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми