1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брисел очекува коректна истрага против ХДЗ

28 октомври 2011

По отворањето истрага во Хрватска против владејачката ХДЗ поради нелегално финансирање, од Брисел порачуваат дека случајот не смее да се злоупотребува. Оттаму не веруваат дека другите партии се однесувале поинаку од ХДЗ.

Јадранка КосорФотографија: DW

Известувачот за Хрватска во Европскиот парламент, австрискиот пратеник Ханес Свобода смета дека по отворањето на истрагата земјата мора да „покаже и докаже дека истрагите се водат коректно“. Судовите мора да делуваат без притисоци од било која страна, вели Свобода. Според него, опозицијата не треба да го злоупотребува случајот, особено затоа што во него не се работи за цела партија, туку за поединци во неа.

Без разлика дали станува збор за Унгарија, Украина, или сега Хрватска, европскиот парламент се залага против секаков вид на политичко правосудство, вели европратеникот.

„ЕУ и јас лично како известувач за Хрватска се држиме до законите и судските одлуки. Тоа е решавачко, бидејќи ако дојде до пресуда, само по себе е разбирливо, дека е пожелно да се повлечат и политички последици, но се до пресудата треба да се почитува пресумпцијата на невиност“, вели Ханес Свобода.

Ханес СвободаФотографија: AP

Дорис Пак вели: сите се исти!

Германската пратеничка од конзервативната група, Дорис Пак има поинакво мислење од Свобода. Таа смета дека фактот што една партија, во случајот ХДЗ, се наоѓа пред суд поради финансирање на партијата, не е ништо ново во демократските држави. Во Германија тоа им се случи на повеќето политички партии. Целиот случај е поврзан со закон за финансирање на политичките партии и поради тоа такви закони мора да постојат и точно да ги одредуваат правилата за финансирање.

Пак се надева дека по изборите, предмет на истрага ќе бидат и другите партии во Хрватска, бидејќи таа не може да замисли дека другите партии во земјата „се однесувале многу поинаку од ХДЗ“. Пак заклучува дека „вревата која се дигна поради овој случај е само силна предизборна викотница“.

Иво СанадерФотографија: DW

Од Европската комисија одбија да коментираат поединечни случаи, но велат дека во предпристапните преговори со Хрватска, на земјата и биле посочени реформите во правосудството и борбата против корупцијата како едни од најважните. Од Европската комисија порачуваат дека Хрватска сега треба да продолжи со напредок на тој пат, а истражните и правосудните тела да си ја вршат работата согласно со нивниот мандат и да ги почитуваат законите.

Денеска во Загреб и покрај најавите не започна судењето против поранешниот премиер и лидер на ХДЗ, Иво Санадер. Нему требаше да му биде прочитано обвинението кое го товари за корупција и злоупотреба на службената положба. Санадер е обвинет и за воено профитерство, обвинение кое за првпат се покренува во Хрватска против бивш државен функционер. Адвокатот на Санадер изјави дека на експремиерот му се влошила здравствената состојба, по што судијата го одложи рочиштето.

Автор: Ален Леговиќ/ Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми