1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија стравува од странски притисок во спорот со Скопје

ДТЗ /ДВ
13 ноември 2020

Неизвесност, тензии и обвинувања за тајни планови во пресрет на министерскиот совет закажан за вторник, на кој министрите за надворешни работи на Европската Унија треба да ја одобрат преговарачката рамка за Македонија

Nord-Mazedonien Bulgarien Borissov zu Besuch bei Zaev in Skopje
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Во пресрет на министерскиот совет закажан за вторник, на кој министрите за надворешни работи на Европската Унија треба да ја одобрат преговарачката рамка за С.Македонија, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен очекува позитивно решение меѓу Македонија и Бугарија. Таа денеска телефонски разговараше со премиерот Зоран Заев на кој му порача дека Македонија е позитивен пример за Западен Балкан за остварените реформи, за постигнатите договори со Грција и Бугарија, и за лидерството во регионалната соработка. За разлика од оптимизмот на Брисел за изнаоѓање на решение со цел што поскора интеграција на Северна Македонија во ЕУ, од Бугарија и понатаму пристигнуваат обесхрабрувачки тонови.

Странски притисок

Опозицијата, предводена од бугарските социјалисти, побара од владата да информираат до каде се разговорите со С.Македонија. Тие се сомневаат дека владата на Бојко Борисов потпаднала под странски притисок и дека е на пат да отстапи од црвените линии, кои се дел од декларацијата на бугарското Собрание, кое испорача неколку услови за Македонија. Со сличен став настапи и потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.

Таа на Бугарската национална телевизија изјави дека најверојатно постои изработен проект за надминување на несогласувањата со Северна Македонија на 17 ноември. Јотова која е од редовите на бугарската опозиција заедно со претседателот Румен Радев, смета дека спротивно од тврдењата на бугарските власти, Софија е под постојан притисок од Брисел да не става вето на одобрувањето на преговарачката рамка.
„Мислам дека бугарската влада не ја зборува целата вистина последните денови. Веројатно постои проект што ќе биде предложен на состанокот на министрите за надворешни работи на 17 ноември“, изјави Јотова.

Но, вицепремиерот и министер за одбрана, Красимир Каракачанов цврсто стои на ставот дека бугарската Влада се придржува кон договорот за добрососедство и рамковната позиција. Каракачанов од говорницата порача дека никој не вршел притисок врз бугарската Влада, рече дека Софија поддржува членство во ЕУ, но повтори дека Македонија не се придржува до договорите.

„Без надминување на говорот на омраза, без ревидирање на образовниот систем заснован на лажни факти, Бугарија нема начин да се согласи да се закаже првата меѓувладина конференција за почнување пристапните преговори за Северна Македонија“, изјави Каракачанов.

Според податоците на истражувањето на Галуп Интернешнл Балкан, спроведено меѓу 808 возрасни бугарски граѓани со директно интервју, 51,1 отсто ја поддржуваат Северна Македонија за членка на ЕУ, но само со спроведување на договорот со Бугарија.

Анализа на Еуроњуз

Блокадата на македонскиот евроинтегративен процес е поради внатрешните политички проблеми во Бугарија и долготрајните протести против корупцијата , анализира реномираниот Еуроњуз. Според магазинот, официјална Софија, иако дала зелено светло за Македонија во март, досега не дала конкретни причини за нејзиното незадоволство и покрај нејзините инсистирања, барањата за јазикот и идентитетот да бидат дел од преговарачката рамка. На овој начин, како што пишува Еуроњуз, се нарушува кредибилитетот, но и сликата на Европската Унија во регионот.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми