Брисел почнува постапка против Унгарија
17 јануари 2012„Решивме да покренеме постапка поради прекршување на европските договори“, најави денеска претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо во Стразбур по средбата со еврокомесарите. Се работи пред се‘ за законот со кој се засилува влијанието на владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан врз Централната банка на Унгарија.
Сега се чека одговор од Унгарија
Владата во Будимпешта има рок од еден месец да заземе став, се вели од кругови на ЕК. Европската комисија бара разјаснување во вкупно три точки-спорни се законите во врска со независноста на Централната банка, како и во поглед на судството и заштитат на податоците. Писменото барање за објаснување е првиот чекор во постапката против прекршувањето на европските догвоори, која може да заврши со тужба пред Европскиот суд на правдата и парична казна.
Десноконзервативната влада на унгарскиот премиер Виктор Орбан постојано е мета на критики во ЕУ поради својот курс. Меѓународниот монетарен фонд и ЕУ во декември ја прекинаа својата мисија во земјата поради спорните уставни промени. Мисијата преговараше со унгарските власти за финансиска помош во висина од околу 20 милијарди евра за високозадолжената држава.
Автор: ЖА/СН/дпа/афп
Редактор: Симе Недевски