1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брисел праќа помош за поплавените подрачја

Марина Максимовиќ/ А.Трајковска18 мај 2014

ЕУ праќа помош за жртвите од поплавите во Србија и во Босна и Херцеговина. Во тек е распоредување на оперативни екипи, моторни чамци, пумпи и хеликоптери од 14 земји членки. Но, се слушаат и критики за спората реакција.

Фотографија: Reuters

„Сета помош која се бараше е веќе на пат“, изјави во саботата (17.05.) гласноговорникот на Европската комисија задолжен за хуманитарна помош и реакција во вонредни ситуации Дејвид Шерок.

Во Европската комисија наведуваат дека на итното барање на Србија за помош први одговориле Германија, Бугарија, Словенија и Австрија. Набрзо им се прклучиле Чешка, Франција, Хрватска, Латвија, Литванија и Естонија, така што во саботата вечер и во текот на денешниов ден во цела Србија се очекува разместување на првите пумпи со висок капацитет, чамци за спасување и екипи специјалци од Европската унија. Истовремено во Босна и Херцеговина стигнуваат моторни чамци и хеликоптери кои ги обезбедија Словенија, Австрија, Луксембург, Велика Британија, Словачка, Белгија и Германија.

Пратките од Луксембург веќе се во регионот

Досега 14 земји членки го прифатија повикот за помош упатен од Србија и БиХ, но оваа бројка се менува секој момент. Земјите членки се јавуваат и го нудат она што можат да го обезбедат. „Во овој момент е на пат сета побарана помош. Имаме информации дека пратките од Луксембург се веќе во регионот, а најголемиот дел од помошта ќе стигне в недела (18.5.)“, изјави Шерок за ДВ.

„Помошта стигнува“, вели Дејвид ШерокФотографија: DW/M. Maksimovic

Истовремно од ЕУ се испратени екипи стручњаци од подрачјето на цивилната заштита кои во Србија и БиХ би требало да соработуваат со локалните власти за координација и испорака на примената европска помош.

Прво итна помош, а потоа помош за санација

Одговорниот портпарол на Комисијата на ЕУ за хуманитарна помош Шерок подвлекува: „Сега е најважно што поскоро да се достави побараната помош во погодениот регион и тоа се случува во овие моменти. Потоа ќе видиме како понатаму. Постојат други средства кои тогаш ќе се применуваат. Сега е сѐ уште рано да се говори за тоа“, одговара Шерок на прашањето дали ЕУ ќе му помогне на регионот во санацијата на последиците од оваа катастрофа.

Фотографија: klix.ba

Од Брисел укажуваат на начинот на кој функционира цивилната заштита на ЕУ, која мора да ги координира сите информации, одговори и помош од 32 земји членки на овој механизам во кои се членки 28 земји на ЕУ, плус Македонија, Лихтенштајн, Норвешка и Исланд.

Покрај помошта, од ЕУ кон погодените подрачја стигнуваат и пораки за поддршка и сочуство, кои ги испрати комесарката за хуманитарна помош Кристалина Георгиева. „Би сакала да испратам мое најискрено сочуство на роднините и пријателите на оние кои исчезнаа во овие страшни поплави“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми