За да се формира коалиција во Берлин сега е неопходна „висока уметност“, смета претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер. Тој е уверен дека од Меркел може да се очекува сѐ, само не промена на курсот.
Реклама
На европските самити во наредните месеци од Германија не може да се очекуваат јасни определби, туку само одговори условени со чекање. Додуша, Ангела Меркел ќе седи на масата во Брисел, но истовремено дома ќе мора да работи на составување коалиција каква што досега немало - со Либералите (ФДП) и Зелените. Дури откако коалицијата ќе биде готова, ќе има и јасен европски курс. Шефот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер, проценува дека курсот на Германија нема да се промени. „Со оглед на тоа што Германија под раководство на госпоѓа Меркел беше, е и мора да остане сидро на стабилност во ЕУ, ќе мора да се состави стабилна коалиција најбрзо што е можно. На две или три нозе, тоа зависи од разговорите во наредните денови“, оцени Јункер, кој не очекува радикален пресврт во Берлин, но смета дека се можни проблеми во деталите.
„Патот е долг“
ФДП е за стриктен курс на штедење во еврозоната и построга бегалска политика. Зелените, пак, се за широки реформи во еврозоната и во делот на климатската политика имаат значително поголеми барања отколку досегашната влада. Европратеникот од Зелените, Свен Гиголд, смета дека патот до целта - Јамајка-коалиција (црно-жолто-зелена), е долг.
„Владеење на Зелените бара значително поголема заштита на климата. Коалициониот договор ќе мора да создржи јасен 'зелен' потпис и во делот на социјалната нееднаквост, Европа, трговската политика и бегалците. Како тоа ќе биде можно со ЦСУ, ФДП и ЦДУ, досега ми е нејасно.“
Белгискиот министер за надворешни работи Дидие Рендерс не очекува драматична промена на курсот. Тој се надева „дека по изборите во Германија ќе има забрзан чекор“ кон реформи во Европа. „Сега Франција, Германија, Холандија и другите треба да постигнат напредок во делот на практични реформи во еврозоната, но и по прашањето на миграцијата, одбраната и безбедноста“, изјави Рендерс.
Францускиот претседател Емануел Макрон има намера во својот говор за иднината да предложи реструктуирање на еврозоната во вистинска монетарна заедница која е гарант, која има свој буџет и свој министер за финансии. Тој на канцеларката телефонски ѝ ја честиташе победата и на Твитер напиша: „Решително ќе продолжиме со нашата соработка за Европа и за нашите земји.“
Ахиловата пета на Меркел
Од Унгарија, преку Фејсбук, се јави премиерот Виктор Орбан. Тој на германски кратко напиша: „Будимпешта честита!“ Наводно, неговите приврзаници тоа го толкуваат како поддршка за деснопопулистичката АфД, која стана трета по јачина политичка сила во Бундестагот и која е блиска со партијата Фидес на Орбан. Бегалската политика на германската канцеларка, според шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц, е Ахиловата пета на Меркел. Курц вели дека не е изненаден од резултатите од изборите во Германија. Бегалската криза не е вистински сериозно третирана од страна на партиите во Европа, уверен е Курц, кој сака да го стори спротивното. На средината од октомври, на парламентарните избори во Австрија, тој има намера да победи и евентуално да склучи нова коалиција со деснопопулистичката ФПО.
Јункер е „загрижен“ поради влезот на десните популисти на АфД во Бундестагот. Но, додава дека тоа нема да ја промени политиката во Европа: „Оној кој мисли дека во Европа, особено во Германија, дошол момент да се каже она што го зборува екстремната десница, тој е во заблуда и ја доведува Европа во голема опасност“, изјави Јункер за ДВ.
Ангела Меркел, незаменливата
По 16 години поминати како претседател на политичката партија ЦДУ и единаесет години на чело на германската влада, се чини дека ерата на Меркел може да има уште едно продолжение.
Фотографија: Reuters/M. Rehle
Првата заклетва
„Сакам да и служам на Германија“ беше ветувањето на Меркел за време на кампањата за канцелар на земјата. По тесната победа, на 22 ноември 2005 година Меркел даде заклетва и стана првата жена канцелар, но и првиот шеф на влада кој доаѓа од Источна Германија. Таа застана на чело на широка коалиција составена од ЦДУ и СПД.
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Bergmann
Кој се плаши од кутрето на Путин?
На дипломатскиот фронт, Меркел мораше да се соочи со моќен противник. Таа е позната поради својата сталоженост и смиреност. Но, Владимир Путин очигледно сакаше да го стави на тест нејзиното трпение за време на приемот во 2007 година. Тој набрзо ја најде нејзината слабост: Меркел се плаши од кучиња.
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Astakhov
Фонд за црни денови
Меркел вообичаено е смирена што и помогна за време на кризите. Колабирањето на финансиските пазари во 2008 година предизвика проблеми за германската економија. Поради тоа, Меркел презеде акција. Таа беше инволвирана во планирањето на фондовите за спас на еврозоната. На крајот, германската економија се извлече речиси без последици, но мерките за штедење најмногу ги почувствуваа Грците и Шпанците.
Фотографија: picture-alliance/epa/H. Villalobos
Втор мандат
Иако резултатот на ЦДУ/ЦСУ на парламентарните избори во 2009 година беше вториот најслаб резултат за партијата во повоениот период, тоа сепак беше победа за Меркел. По широката коалиција со социјалдемократите во претходниот мандат, овој пат Меркел можеше да состави влада со посакуваниот партнер - про бизнис либералите од ФПД.
Фотографија: Getty Images/A. Rentz
Брзо исклучување
Иако по професија е физичар, инцидентот во Фукушима во 2011 година ја претвори Меркел од поддржувач - во силен противник на нуклеарната енергија. Веќе одобрените планови за продолжување на работниот век на германските нуклеарни централи беа откажани и спротивно на нејзините предизборни заложби, Германија наскоро го сопре производството на нуклеарна енергија.
Фотографија: Getty Images/G. Bergmann
„Првиот маж“ на Германија
Дали некој го препознава? Го чул неговиот глас? За време на десетгодишното владеење на Меркел, нејзиниот сопруг Јоахим Зауер, остана незабележан. Професорот по хемија на универзитот Хумболдт во Берлин стапи во брак со Меркел во 1998 година. Тој секогаш останува во позадината кога неговата сопруга е во официјални посети, но во нивниот приватен живот се чини дека е обратно.
Фотографија: picture alliance/Infophoto
Пријателство ставено на тест
Објавувањето на информациите дека блискиот сојузник САД ги пресретнува телефонските разговори на врвните германски политичари отвори голема афера пред меѓународната јавност. Ниту мобилниот телефон на Меркел не бил безбеден од тајните служби на САД. Аферата предизвика проблеми во домашната и меѓународната политика на Меркел.
Фотографија: Reuters/F. Bensch
Грчкиот пациент
Меркел има обожаватели низ целиот свет, но во Грција нивниот број е значително помал. На ниту едно друго место во светот Меркел не била толку демонизирана како што беше во Грција за време на должничката криза во еврозоната. Старите анимозитети беа повторно нагласени по барањата на канцеларката за штедење, економски реформи и кратење на трошењата од властите во Атина.
Фотографија: picture-alliance/epa/S. Pantzartzi
Емотивна, барем еднаш
Иако е воздржана и позната по минималните гестови и изрази на лицето, Меркел не можеше да се воздржи за време на финалето на Светското првенство во фудбал во Рио кога заедно со германскиот претседател го бодреа националниот тим. Во тој период Меркел беше на врвот на својата популарност, исто како и германската репрезентација, со која заедно влијаеа на градењето на меѓународниот имиџ на Германија.
Фотографија: imago/Action Pictures
Ние можеме да го направиме тоа, зарем не?
Кога стотици илјади бегалци пристигнаа во Германија канцеларката изјави дека законот за азил нема лимит. „Ние можеме да го направиме тоа!“ беше мотото на Меркел за време на бегалската криза. Таа тврдеше дека има план. Но, во меѓувреме многумина Германци се прашуваат дали навистина „можеме да го направиме тоа?“
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe
Што е следно?
По терористичките напади во Париз на 13 ноември минатата година Франција објави вонредна состојба. Ангела Меркел на соседите им понуди „целосна поддршка“. Сепак, стравот од тероризам беше сеприсутен. Без сомнеж, Меркел беше соочена со најголемиот предизвик во нејзиното владеење токму на десетгодишнината од нејзиното стапување на функцијата...
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka
Критични сојузници
На партискиот конгрес на ЦСУ во ноември 2015 година канцеларката беше критикувана од баварските сојузници. Хорст Зехофер ја обвини Меркел дека загубила контрола над границите со нејзината политика кон бегалците. Тоа беше понижување кое мораше да го истрпи стоејќи без можност да возврати на обвинувањата.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/S. Hoppe
Зарем не може да остане подолго?
Меркел би сакала трет мандат за Барак Обама, иако скандалот со прислушувањето од страна на НСА беше причина за резервираност од нејзина страна. Сепак, Обама ја напушта политичката сцена и му го отстапува местото на Доналд Трамп. Весникот „Њујорк Тајмс“ ја нарече Меркел „последниот чувар на либералниот Запад“.