1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чадор, шарм и чадни бомби

Макс Хофман / превод: ЕМФ24 ноември 2015

Брисел поради борбата против теророт е парализиран неколку дена. Тоа досега не донесе ништо, а не е ни изненадување, зашто карактеристика на белгиските власти е пред се‘ некомпетентност, оценува Макс Хофман.

Фотографија: DW/B. Riegert

Брисел трпи многу: градежните гревови, постојаниот сообраќаен инфаркт, ѓубрето на улиците, па дури и есенскиот дожд кој не престанува. Па, има чадори и го има толку многу истакнуваниот „шарм“ на овој сепак толку „забавен“, „откачен“ и „жив“ град, кој проштева се‘. Проблемот само е во тоа што единствено со шарм не може да се фатат терористи.

Веќе неколку дена по ред на портите на главниот европски град фактички виси огромна табла со натпис „затворено“: нема метро, нема големи манифестации, нема настава. Жителите на Брисел се откажуваат од своето секојдневие, порадо остануваат дома - се разбира што е можно подалеку од прозорците на своите станови, онака како што тоа го бараат властите - и се надеваат дека „сериозните“ укажувања за можност од „непосредни“ напади ќе може да бидат спречени од страна на полицијата и војската.

Чуден хумор на Твитер

Сепак, зошто некој би имал доверба во белгиските власти, останува загатка. Уште во времињата кога бриселскиот кварт Моленбек се‘ уште не беше врежан во европската свест како исламистичко упориште, полицијата на оваа „шармантна“ земја беше позната пред се‘ по својата некомпетентност и своеволие. Срамно сведоштво за тоа се грешките во истрагата во случајот на Марк Дитро, варварски педофил чии злодела пред 20 години ја шокираа цела Европа.

Се разбира, секој си посакува да е поинаку. А бриселци, со своето легендарно трпение, се подготвени барем донекаде да имаат доверба во својата полиција. Тие во неделата вечерта послушно го следеа повикот за мирување на социјалните мрежи додека траат големите акции. Додека во одделни квартови на европската метрополи повторно свиреа сирени и летаа чадни бомби - што во меѓувреме е стандардна слика на градот - под хаштагот #BrusselsLockDown на Твитер веќе немаше супстанцијални информации, туку само слики од мачки. До израз повторно дојде тој чуден хумор, тој шарм.

Макс Хофман, раководи со студиото на ДВ во Брисел

Хаос во надлежностите и комуникацијата

И, што донесе тоа? Ништо, барем така се чини. Голем број апсења, како и минатата недела. Најголемиот дел од уапсените наскоро веројатно повторно ќе бидат ослободени од страна на судиите. Единствениот кој во овие услови може да го оправда сето тоа е избеганиот Салах Абдеслам, еден од осомничените атентатори од Париз. Тој, по 13 ноември, наводно е виден во Моленбек, во Лиеж и на автопат во насока на Германија. Речиси се чини како цела Белгија да знае каде се крие, само властите не можат да го фатат.

Тоа, ако се погледнат надлежностите, и не е така едноставно. Не една, или две, туку цели шест полициски институции се надлежни за 19-те населби во Брисел. А, тука е уште и целата каша со јазиците: едни зборуваат фламански, други француски, па ако се има пех, тогаш едниот не го разбира јазикот на другиот. Тоа уште во минатото имаше огромни последици, како на пример при една железничка несреќа во 2001 година во Пекро, кога загинаа 12 луѓе. Вработените во железницата во Фландрија и во Валонија поради јазични „бариери“ не можеа да комуницираат.

Опасност за Европа

Но, да се вратиме на бриселските власти. Тие, се разбира, со децении знаат каква „отровна исламистичка супа“ се вари пред се‘ во Моленбек. Против тоа не преземаа којзнае што, освен, се разбира, што понекогаш фрлаа чадни бомби и клоцаа врати. Меѓутоа, сега, кога нивната работа - и покрај тоа што градот неколку дена е парализиран - не донесе речиси никакви резултати, е нешто не треба да ги загрижува само жителите на Брисел. Некомпетентноста на белгиските власти во меѓувреме е опасност за цела Европа!

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми