1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Британија: беспомошни против тероризмот

Барбара Везел
7 јуни 2017

Сѐ уште е нејасно дали и како последните терористички напади во Лондон ќе влијаат врз британските избори. Она што е јасно дека постојат недостатоци за кои ќе мора да одговараат и конзервативците и лабуристите

London Polizist sperrt Straße nach Anschlag
Фотографија: Reuters/E. Keogh

Британската премиерка Тереза Меј најави нови мерки по последните терористички напади во Лондон. Тоа беше трет напад во последните три месеци, и сега е време за остар одговор. Нејзината најава опфаќа потреба од построги казни за осомничените терористи и посилна заложба за борба против исламизмот и екстремизмот.
Наскоро ќе видиме дали гласачите ќе ја наградат Меј за нејзиниот одговор. Токму таа, како министер за внатрешни работи, скрати 10 илјади работни места во полицијата, ги намали нивните плати и продуцираше недоволно екипирана, немотивирана полициска сила. А гласачите го паметат тоа, затоа што се случи пред само неколку години. Млад полицаец во Британија едвај врзува крај со крај. Кој би ја сакал таа работа?
Посветената полициска работа на терен е незаменлива во потрагата по криминалците. Во Британија преовладува „домашниот тероризам“. Кратењата на Тереза Меј ги погодија токму уличните полицајци кои беа најдобро информирани за случувањата во нивното соседство. Со нив беа погодени полицајците кои имаа контакти со локалните џамии и свештеници и кои беа во состојба да информираат за потенцијалните исламистички екстремисти.

Радикализација во паралелни општества

Барбара Везел

Веќе неколку години постоеше национална програма наменета за превенирање радикализација. Нејзините основачи ја фалеа поради различните успеси, но сега е веќе предоцна. Таа беше попречена и од социјални причини: некои муслимански групи се спротивставуваа на програмата „Привент“ поради неговата наводна дискриминаторска нота. Во делови од големите британски градови, паралелни општества се формираа со децении - општества кои се одраз не на мултикултурализмот, туку на алиенацијата од западното општество. Во тие делови постојат шеријатски судови и муслимански училишта во кои непречено се учи и студира конзервативниот исламски бренд.

Политичката одговорност за ваквиот развој лежи кај обете големи партии во Британија. Лабуристичката партија ги затвораше очите пред проблемите во некои муслимански населби поради политичка коректност. Но, конзервативците исто така беа неуспешни последниве години, на пример, во однос на контролата на муслиманските училишта. Тие немаа волја да се справат со некои претставници на овие групи.

Многу зборови, малку акција

Новите закони нема да ја сменат ситуацијата. Потребни се храбри реформи за справување со тероризмот на домашен терен. Невооружениот „боби“ е надминат. Полицаецот кој храбро им се спротивстави на напаѓачите со својот пендрек на мостот во Лондон сега се слави како херој. Но, доколку беше вооружен со огнено оружје веројатно ќе успееше да го спречи злосторството пред напаѓачите да ги нападнат случајните минувачи со ножеви.
Кратењата на полициските сили мора да бидат целосно анулирани. И повеќе од сѐ, потребна е искрена дебата за грешките од минатото и за актуелната состојба во некои заедници. Тоа значи дека британската влада мора да соработува со различни муслимански заедници и да разговара со нив, наместо за нив. Повеќе закони, од друга страна, ќе послужат само како седативи- само во последната деценија беа донесени 11 во име на борбата против тероризмот.

Ќе успее ли Тереза Меј? Како министер за внатрешни беше теснограда и неинвентивна и на крајот - не особено успешна. Нејзиниот ривал, Џереми Корбин, од друга страна, нема владејачко искуство и покажува мала желба да се зафати со проблемот, кој е непопуларен кај левицата. Доколку се чувствуваа вознемирено по нападите од минатиот месец, Британците веројатно ќе се чувствуваат немоќно кога ќе дојдат пред гласачките кутии неделава.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми