Британски медицинари: Можен е втор бран на коронавирусот
ЖА /ДВ
24 јуни 2020
Кратко откако британскиот премиер Борис Џонсон најави олеснување на корона-рестрикциите во Англија, медицинските експерти му упатија остро предупредување во заедничко писмо.
Реклама
Водечките британски здравствени експерти остро ги критикуваат досега најопсежните олеснувања на корона-мерките во Англија. Во отворено писмо, објавено во „Британскиот медицински журнал", тие предупредуваат од сериозен ризик од втор бран инфекции со коронавирус во Велика Британија.
Мора брзо да се дејствува за да бидат избегнати натамошни жртви и загуби за стопанството, истакнуваат медицинарите во писмото упатено до партиските раководства. „Многу елементи на инфраструктурата, потребни за сузбивање на вирусот, само што се создадени, но претстојат значајни предизвици."
„Додека размерите на пандемијата во Велика Британија е тешко да се прогнозираат, расположливите докази укажуваат на можноста од избувнувања локални жаришта и постоење ризик од втор бран", се вели во писмото.
Владата има обврска не само брзо да ги санира економските последици од првиот бран на пандемијата, туку и земјата да ја подготви соодветно за втор бран. Во потписниците на апелот се вбројуваат претседателите на Кралскиот колеџ за хирургија, Колеџот за физика и Кралскиот колеџ за ургентна медицина.
Коронавирус: Кога маката ќе те направи инвентивен
И во иднина ќе треба да живееме со пандемијата на коронавирус. Но, добро е што во меѓувреме има толку многу идеи кои ни го олеснуваат секојдневието со вирусот - иако на некои треба допрва да се навикнуваме.
Фотографија: JF Group GmbH
Добар апетит на вечера во стакленик
Конечно може да се отиде некаде на вечера: рестораните се повторно отворени по повеќе недели пауза. Во Културниот центар Медиаматик во Амстердам гостите можат да јадат во мали „оранжерии“, стаклени куќички, добро заштитени од ветар, временски прилики и коронавирусот кој евентуално може да им го пренесат други посетители. Концептот има добар прием, до крајот на јуни се резервирани сите маси.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/P. Dejong
Во ресторан со стаклена преграда на масите
Во многу ресторани пак на масите се поставува стаклена преграда, како оваа во „Гага кафе“ во Милано. Гостите при јадењето се заштитени од останатите со вграден плексиглас и од поторот меѓу масите, заради намалување на опасноста од инфекција. Заштитна маска сепак е обврска, барем додека не се јаде.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Furlan
Фризерски салони со заштита
Посебни правила во време на пандемијата на коронавирус важат и во фризерските салони. Заштитни маски за уста за фризерите и муштериите, и овде мијалниците се одделени со стаклена преграда. Нема веќе кафе додека се чека во салонот, долго задржување е табу. На муштериите ионака им е важно само повторно да имаат добра фризура.
Фотографија: Imago Images/J. Tack
Судбоносното „да“ пред гостите во автомобили
Кој вели дека свадбите во време на корона мора да бидат без гости? Во едно автокино во Диселдорф младенците склопија брак додека гостите ја следеа церемонијата ѕиркајќи преку шофершајбните од нивните автомобили. На крајот на венчавката следеше бучно свирење со автомобилските сирени. Ова беше прва германска свадба во автокино.
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Strauch
„Црни острови“ во канцеларијата
Вака би можело да изгледа бирото на иднината: црни обележани простори на подот покажуваат колку можете да им се приближите на колегите, без да го прекршите правилото за дистанца од два метри. Преградите од плексиглас зад мониторите даваат дополнителна заштита. Но, за оваа визија на „футуристичката канцеларија“ од една филијала во Амстердам е потребно пред сё едно - многу простор.
Фотографија: Reuters/Cushman/Wakefield
Ред при чекањето
Не само во затворен простор, туку луѓето и надвор во идните месеци мора да држат меѓусебно растојание. На станица на метрото во францускиот град Ница стапалките во кругови покажуваат каде смеат да стојат патниците кои чекаат. Слични примери има низ цел свет. Но, и на ваков начин не може да се спречи турканица при влегувањето.
Фотографија: Reuters/E. Gaillard
Едносмерно движење
И во трговските улици во Данска луѓето треба да се движат по определени правила. Исто како и во автомобилскиот сообраќај, во Аалбог важи и за пешаците - секогаш движи се на десната страна. Целта е така да се избегнат премногу блиски средби. Дали тоа навистина функционира, барем на прв поглед, според оваа фотографија, е сомнително.
Фотографија: Reuters/H. Bagger
Живот во шише
Во густо населениот Хонгконг, некои луѓе со пресечено пластично шише не само што се погрижуваат за држење физичка дистанца, туку обезбедуваат и целосна заштита на лицето од евентуални капки кои содржат вирус. Мора да се признае, не изгледа баш удобно, но барем е евтин пронајдок.
Фотографија: AFP/A. Wallace
Направа за отворање врата
Држење физичко растојание е едно, избегнување инфекција преку површини е друго. Многу луѓе при влегувањето во лекарски ординации или јавни тоалети затоа ја отвораат вратата со лакт, но постои и нешто подобро. Овој „отворач на врати“ го решава проблемот, барем така тврди производителот.
Фотографија: JF Group GmbH
9 фотографии1 | 9
Британскиот премиер Борис Џонсон вчера најави дека од четврти јули во Англија повторно можат да отворат кафулињата, рестораните и хотелите. И спортските игралишта, кината, музеите, галериите и библиотеките можат повторно да почнат со работа.
Истовремено Џонсон најави скусување на задолжителното физичко растојание меѓу луѓето од два на еден метар. Новите мерки важат само за Англија, во Шкотска, Велс и Северна Ирска одлучуваат тамошните влади.
Владините советници за медицински прашања вчера олеснувањата на корона-мерките ги означија како неризични. Велика Британија е најтешко погодена земја во Европа од пандемијата на коронавирус. Според Институтот Џонс Хопкинс, регистрирани се 308.000 заразени, а преку 43.000 лица починаа поради коронавирусот. Експертите сметаат дека сивите бројки се многу повисоки.
Како да не им дадете шанса на вирусите и бактериите во кујната?
Во време на пандемија на коронавирусот особено важна е хигиената, не само личната. Редовното и правилно миење раце е главната „заповед“ за личната хигиена но постојат и златни правила за хигиена во кујната.
Фотографија: Johanna Schmeller
Слушајте ја мајка ви!
Уште од мали научивме: рацете мора задолжително да се мијат пред јадење. Истото важи и за готвењето. Дури и повнимателно, затоа што кога готвиме, можеме да ја загадиме храната со бактерии, која потоа сите ќе ја јадат. Правилното миење на рацете трае најмалку 30 секунди. Насапунети треба да бидат ноктите како и наборите меѓу прстите.
Фотографија: picture alliance/dpa/C. Klose
Само еднаш не е доволно
Задолжително мијте ги рацете не само пред да започнете со готвењето, туку и во текот на целиот процес. Особено ако сте допреле сурово месо, риба, јајца или отпадоци. Бидејќи сите тие се носители на бактерии кои не треба да се шират на другите производи. Особено на суровата храна, како што се салатите или доматите.
Фотографија: dapd
Одделно месо, одделно зеленчук
За да се избегне контаминација меѓу различните производи, за животинските производи не треба да се користат исти алатки како за другите производи. Ова е особено важно за ножевите и за даските за сечење. Најдобро е да имате специјална даска и специјален нож само за сурово месо. Инаку, пред да ги користите за сечење на зеленчук, даската и ножот треба да се измијат со детергент и со топла вода.
Бактериите се минијатурни. Она што нам ни изгледа како гребаница е огромна шведска маса за салмонелата. Изгребаните кујнски даски многу тешко се мијат. Значи, ако даската е веќе премногу изгребана - подобро да купите нова.
За нас драскотина, за бактериите - вселена
Фотографија: picture-alliance/L. Halbauer
Менувајте ги почесто!
Кујнските крпи, сунѓери и четки се омилено засолниште за бактериитеи вирусите. Затоа, по секоја употреба, тие треба да се исплакнат со врела вода, а потоа да се исушат. Кујнски сунѓери и крпи не треба да се користат повеќе од неколку дена. Потоа треба да ги замените или да ги ставите во машината за перење на 70 степени.
За крпите истото важи како и за сунѓерите: по употребата тие треба да се исушат и да се заменат најмалку еднаш неделно. Со овие крпи, во никој случај не треба да сушите сурово месо или да ги бришете остатоците од протеини - за оваа намена користете хартиени крпи и потоа веднаш фрлете ги.
Фотографија: picture alliance/chromorange/B. Türk
Во ладно. И во кутии.
На температура под 7 Целзиусови степени, повеќето микроорганизми или не се репродуцираат или го прават тоа многу бавно. Затоа храната која брзо се расипува како месо, риба или јајца треба да се чуваат во најстудениот дел во фрижидерот - обично во кутиите на дното. Многу е важно редовно да се мие внатре фрижидерот, бидејќи во спротивно ќе се појават цели колонии бактерии.
Фотографија: Colourbox
Жешко!
Безбеден начин да се уништат вирусите и бактериите е високата температура. Затоа месото, рибата и јајцата секогаш треба да бидат добро термички обработени. Што значи дека внатрешноста на овие намирници треба да се загрева на најмалку 70 степени и најмалку 2 минути. Салатите, зеленчукот и овошјето кои се јадат свежи мораат да бидат добро измиени. И само тогаш можеме да посакаме: Добар апетит!