Британски судија со српско потекло на чело на Европскиот суд за човекови права
4 ноември 2011
Николас Браца застанува на чело на еден од најмоќните судови во Европа. Неговите одлуки навистина не се обврзувачки, но најчесто се прифаќани од страна на националните влади. За граѓаните кои сметаат дека се обесправени во своите држави и онеправдани од националните судови, Европскиот суд за човекови права е нивната последна легална инстанца.
Браца ќе го замени Жан Пол Коста, кој на чело на овој суд во Стразбур застана во 1998 година, а заминува на возраст од 70 години. 66-годишниот Браца беше избран на тајното гласање во јули од страна на 46-те членки.
Тој има српско потекло, неговиот татко Милан Браца бил концертен виолинист кој по Првата светска војна се населил во Велика Британија. Неговата мајка пак потекнува од семејството Расел, во кое судската професија има долга и успешна традиција во Велика Британија.
Николас Браца работел како адвокат и судија во Велика Британија, а од 2007 година е еден од двајцата заменици претседатели на Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Од 2007 година тој е и почесен доктор на Универзитетот во Глазгов.
Последен пат Британците имале свој човек на чело на Судот во Стразбур во 1965 година.
Односите меѓу Судот за човекови права и Велика Британија инаку во моментов се напнати. Британскиот парламент се противи на спроведувањето на одлука од Стразбур, според која на затворениците мора да им биде загарантирано изборното право. Британскиот министер за правда Кенет Кларк во февруари побара реформа на Судот за човекови права, за да бидат појаснети неговите односи со националните парламенти и судови.
Автор: ЖА/АТ/дв/афп
Редактор: Борис Георгиевски