1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Британците на референдум за изборниот систем

5 мај 2011

Велика Британија денеска (05.05) одржува национален референдум на кој граѓаните имаат можност да одлучат за промена на изборниот систем во земјата. За време на дебатата се издвоија две силни кампањи.

Фотографија: AP

Едната кампања ги поддржува промените, додека втората ја убедува јавноста дека треба да се задржи статус кво.

Актуелниот британски изборен систем е дел од вековната парламентарна традиција во земјата. Начинот на кој гласачите ги бираат своите парламентарни претставници е многу едноставен. Оној што освоил просто мнозинство од гласовите е избран. Системот се нарекува „Прв преку пречката“ и функционира уште од раниот 19-ти век. Денеска граѓаните треба да одлучат дали ваквиот систем треба да се промени.

Џејн Кенеди е поранешен пратеник на Лабуристичката партија која раководи со кампањата на противниците на промените. Таа смета дека актуелниот систем треба да остане:

„Мислам дека овој систем веќе со децении ни‘ носи стабилни влади. Тоа е систем што функционира и кој луѓето го разбираат. Оној што ќе освои најмногу гласови на изборите, победува и добива најмногу пратеници“.

Можеби е едноставен, но поддржувачите на промените велат дека системот не е фер.

„Актуелниот систем е застарен и потребна му е обнова. Тој функционираше многу добро кога имавме само две партии, но сега кога се далеку повеќе, тој систем произведува перверзни резултати. На последните избори, две третини од избраните пратеници беа избрани и покрај тоа што мнозинството од гласачите гласаа против нив. Тие немаат мнозинска поддршка и немаат легитимитет“, вели Џонатан Бартли, потпретседател на кампањата за промени.

Време е за промена, велат поддржувачите на барањето за поинаков изборен системФотографија: AP

Големите против малите партии

Лабуристите и конзервативците, како две најголеми партии во земјата, го поддржуваат стариот систем затоа што им обезбедува непречено владеење и ги фаворизира во однос на помалите партии. Одлуката за референдум беше донесена откако актуелната конзервативна влада на Дејвид Камерон мораше во својата коалиција да ја вклучи и помалата Либералдемократска партија, чие предизборно ветување до гласачите, пак, беше токму промената на изборниот систем.

Новиот систем на гласање кој сега се нуди е на половина пат меѓу актуелниот мнозински и пропорционалниот систем кој постои во многу други европски земји. Според многумина експерти, она што се нуди е премногу комплицирано и нема да донесе драматични промени во британската демократија. Реформата се нарекува „Алтернативен глас“. Со неа се бара од гласачите да го рангираат нивниот избор по редослед, прв, втор, трет... итн. Кандидатот со најмалку први гласови се елиминира, по него и следниот, се додека еден не освои 50 процентна поддршка.

Според многумина експерти, она што се нуди е премногу комплицираноФотографија: AP

Граѓаните не се многу заинтересирани

И покрај енергичната кампања на обете страни, чувството е дека референдумот не предизвикува голем интерес кај граѓаните.

„Јавноста не знае ништо за изборните системи, и искрено, не ја ни интересира. Долги години го истражувам ова прашање и единствено што открив е дека ова прашање воопшто не ги интересира граѓаните“, вели професорот по Уставно право, Роберт Хејзел.

Противниците на референдумот велат дека тој ќе биде само непотребно трошење на државни пари. Неговите поддржувачи, пак, се убедени дека доколку успее, тоа ќе означи историска промена во британската парламентарна традиција.

Автор: Кетрин Болсовер / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми