1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Британците на избори

Самира Шекл
7 јуни 2017

Ден спроти гласањето на парламентарните избори во Велика Британија, анкетите и натаму предвидуваат комфорна победа на конзервативците. Меѓутоа, лабуристите забрзано ја намалуваат разликата.

Kombi-Bild Jeremy Corbyn Theresa May TV-Debatte

По необичната предизборна кампања, која мина во сенка на трагедијата на терористичките напади во Лондон и во Манчестер во изминатите дваесетина дена, Велика Британија утре гласа на парламентарните избори. Кампањата беше привремено прекината непосредно по терористичкиот напад на лондонскиот мост, но привидната суспензија на кампањата не ги запре лабуристите и конзервативците да се „боцкаат“ меѓусебно со предизборни коментари. Лабуристите ја критикуваа премиерката Тереза Меј и нејзиното рекордно кратење на сретствата за полицијата, додека од Конзервативната партија изјавија дека лабуристите нема да бидат силни во борбата против тероризмот.

„Неизбежно е да се зголемат дискусиите за безбедност сѐ додека лабуристите се фокусираат на кратење сретствата за полицијата, а конзервативците поставуваат прашање дали лабуристите се доволно силни во борбата против тероризмот“, вели Том Фолет, проект менаџер и менаџер за политика од тинк-тенк организацијата „РесПублика“. „Во секој случај, домашните проблеми играат важна улога на овие избори и гласачите сега знаат оти животот продолжува и по терористичките напади.“

Политика на две партии

Предизборната кампања во 2017 година доведе до враќање на двопартиската политика, додека поддршката во помалите партии се намали, а лабуристите и конзервативците понудија целосно различни програми. „За првпат во мојот живот, изгледа дека во понуда имам реален избор“, вели жителот на Лондон, Алекс Џенкинс.

Кога Меј повика на избори, изгледаше дека убедлива победа на конзервативците е речиси сигурна. Лабуристите имаа огромно заостанување во анкетите, но сега разликата е драстично намалена.

Фотографија: DW/S. Shackle

„Изгледа дека намалувањето на разликата ги поттикна симпатизерите кои се собираат околу лидерот на лабуристите Џереми Корбин, меѓу кои има голем број млади луѓе“, вели Фолет. „Корбин се соочува со два проблема: младите луѓе историски имаат ниска стапка на излезеност на денот на изборите, а во урбаните средини, каде се концентрирани гласовите на младите и студентите, населението и инаку ги поддржува лабуристите. Според изборниот систем на Велика Британија, овие дополнителни гласови нема да предизвикаат промени.“

Во изминатите години, истражувањата на јавното мислење во предизборниот период беа исклучително неверодостојни, па е тешко да се предвиди што ќе се случи утре (8 јуни). „Големината на падот на делот на гласовите за лабуристите веројатно секогаш беше преценета, со оглед на тоа дека многумина од нивните претставници во парламентот остануваат популарни на локално ниво, а сѐ уште постојат и огромни емоционални бариери за некои лица да гласаат за конзервативците - без разлика колку и да не им се допаѓа лидерот на лабуристите“, вели Софи Гастон, шефица на меѓународни проекти во Демос.

Брегзит блуз

Изборите беа распишани по огромниот уставноправен чин - британскиот излез од ЕУ. „Ова требаше да бидат избори во врска со Брегзит, но во голема мерка беа водени околу лидерството“, вели Гастон. „Некои од проблемите во домашната политика, како што е социјалната грижа, беа под рефлектор, но големите приказни повеќе се вртеа околу тоа колку тактички добро или лошо Меј или Корбин постапуваа со овие проблеми, отколку околу дебатите во врска со самите политики.“

Мнозинството истражувачи на јавното мислење сѐ уште на ториевците (конзервативците) им даваат јасна предност и генерални предвидувања упатуваат на победа на конзервативците, но изгледа дека тоа не мора да биде она што првобитно се очекуваше. „Ова се избори кои многу луѓе не ги сакаа. Имавме парламентарни избори во 2015 година и референдум во минатата година. Исцрпени сме и се прашувам дали сите политичари ќе бидат казнети за тоа во гласачките кутии“, вели жителот на Брајтон, Зои Еванс. 

Фотографија: picture-alliance/dpa/PA Wire/A. Devlin

Ако се земе предвид дека Меј влезе во изборите експлицитно наведувајќи оти на конзервативците им е потребен поголем мандат за да ја зајакнат нејзината позиција во преговорите во врска со Брегзит, би можело да биде штетно ако таа не го зголеми партиското парламентарно мнозинство. „Премиерката отиде против сопствените инстикти за да ги свика овие избори, и нејзиниот мандат во сопствената партија ќе биде загрозена од исходот на изборите, кој изгледа, нема да го оправда ризичниот потег“, вели Гастон.

Што и да се случи на утрешното гласање, предизборната кампања не помина добро за Меј, која ја оштети својата репутација со серија гафови и драстични промени на ставовите. „Меј веќе е оштетена со кампањата која ја поткопа нејзината репутација на 'сигурни раце'“, вели Фолет. „Поголемиот број премиери профитираат во 'периодот на меден месец' во кој се забележува висок личен рејтинг. Нејзиниот беше скратен поради изложеноста на изборите.“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми