Бритиш Петролеум прифати рекордна казна
16 ноември 2012Британскиот енергетски гигант соопшти дека се согласил да плати казна од 4,5 милијарди долари согласно договорот со американското Министерство за правда во спорот покренат поради еколошката катастрофа со истекувањето на нафта во Мексиканскиот Залив во 2010 година. Компанијата соопшти дека исплатата ќе се изврши во период од шест години.
Покрај тоа нафтениот концерн ја призна вината за прекршоците кои доведоа до смртта на 11 нафтени работници на платформата. Обвинение е покренато против три раководни лица во компанијата.
Министерот за правда на САД истакна дека спогодбата меѓу американската влада и британската компанија за исплата на 4,5 милијарди долари е досега најголема казна која требало да ја плати едно претпријатие во САД.
На почетокот на годинава БП во граѓанските постапки постигна договор за исплаќање отштети на рибарите и другите погодени од оваа катастрофа во износ од 7,8 милијарди долари, но овој договор се уште чека на одобрување од федералниот суд.
Во април 2010 година експлодираше нафтената платформа „Дипвотер Хорајзон“ предизвикувајќи ка најтешката нафтена катастрофа во историјата на САД.