1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бродскиот пат низ прашумата

А. Пранге/А.Шубиќ/БГ15 август 2014

Пред точно 100 години низ Панамскиот канал мина првиот брод Анкона. Каналот кој ги спојува Атлантикот и Пацификот сега се проширува. Тоа е и денес страшно тешка задача, но за среќа нема толку жртви како кога беше граден.

Фотографија: AP

Сонцето успева да се пробие до третата брана на Панамскиот канал само околу пладне. Во остатокот од денот, ѕидовите високи 30 метри фрлаат долга сенка врз кањонот изграден од човечка рака. Стотици работници денеска работат на веројатно најголемото светско градилиште. Ставаат арматура во ѕидовите на каналот, поставуваат шини за вратите на браната и го подготвуваат дното на каналот за водата која ќе дојде.

Низ градилиштето минуваат камиони со големина на семејна куќа кои ја превезуваат црвената кал. Над нив до небото се издигнува вистинска шума од дигалки. Џира Флорес е задолжена за работата на проширувањето на Панамскиот канал и објаснува: „Следниот чекор е поставување на вратите на браната. Таа ќе биде пренесена до каналот на посебни носачи“. Тоа е навистина работа за џинови: челичните врати за браната се произведуваат во Италија и преку Атлантикот пристигнуваат на посебни бродови. Секое крило на вратите е широко 57,6 метри, во просек е високо над 30 метри, дебело е 10 метри и тешко 3.300 тони. Само производството, транспортот и поставувањето на вкупно 16 нови врати за браната чини над 400 милиони евра.

Во проширувањето на Панамскиот канал инвестирани се милијарди евраФотографија: picture alliance/AP Photo

Ако е денес тешко, како било пред 100 години?

На постојниот Панамски канал сѐ уште функционираат некои делови кои цел век им пркосат на водата, тропската клима и секојдневната употреба. Тешко е и да се замисли како воопшто е изграден Панамскиот канал без денешните огромни багери, дигалки и специјален материјал. Фердинанд де Лесепс не ни претпоставувал што го очекува кога ги почнал работите на каналот. Кон средината на 19. век тој се прославил со изградбата на Суецкиот канал и бил длабоко уверен дека лесно ќе ги спои и Атлантскиот и Тихиот океан. На крајот на краиштата, двата океани се оддалечени еден од друг само 80 километри. Работата започнала во 1881 година и набрзо се претворила во вистинска катастрофа.

Проектот бил целосно погрешен затоа што на почетокот се планирало целиот канал да се изгради на едно ниво, без брани. Притоа, лоша проценка била направена и за тоа колку земја ќе треба да се ископа при изградбата, а ни самиот Лесепс воопшто не знаел што да прави со реката која минувала директно на неговиот пат. Таа река го претворила целото градилиште во огромна маса кал, а армијата работници со лопати и колички требало да ја ископаат новата сообраќајница. Но, ни тоа не било најлошото, туку тропските горештини и маларијата. Работниците масовно умирале од болести и од одрони на земјиште. Францускиот конзорциум, под чија палка се одвивал проектот, набрзо банкротирал, а Лесепс морал работата да им ја препушти на Американците.

Фотографија: RODRIGO ARANGUA/AFP/Getty Images

Американско „решение“

Американците со работа започнале во 1884 година. Реката добила сосема ново корито, покрај каналот се поставени железнички шини за да се одвезува ископаната земја, почнала војна против комарците, но и против владата во Панама. За да прекинат секаква дискусија околу тоа кој е сопственик и кој ќе управува со сообраќајницата, Американците во 1903 година едноставно го окупирале просторот околу каналот на територијата на независна Панама. Не сметајќи ги воените судири, во текот на американската изградба на каналот, дневно во просек гинеле по 1,9 работници. Севкупно на изградбата на каналот настрадале околу 28 илјади луѓе.

Денес, за среќа, околу каналот нема ни воени судири, ниту жртви меѓу работниците, но се’ уште постојат Американци кои не можат да му простат на својот поранешен претседател Џими Картер, кој и’ ја врати територијата на Панама. Тој договор стапи во сила на полноќ, на преминот од 1999 во 2000. година.

Актуелното проширување на каналот сега го работи конзорциум на фирми од Панама, Шпанија, Италија и Белгија, а и Кина е заинтересирана за соработка. Проширувањето е неопходно заради протокот во каналот, кој веќе не беше способен да ги прими новите мега-тонски транспортни бродови. И актуелното проширување е огромен потфат во кој од 2007 година до денес се ангажирани околу 34 илјади работници. Потребно беше да се ископаат и пренесат уште околу 100 милиони кубни метри земји и карпи и Џира Флорес е горда на постигнувањето. „Тука на пацифичката страна преместиме цел рид. Порано од оваа точка воопшто не можевте да го видите оној мост“, вели таа.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми