Бројни жртви во напади во Пакистан
30 декември 2012Два автобуса со шиитски верници беа уништени од експлозии во округот Мастунг во југозападната пакистанска провинција Белуџистан. Убиени се најмалку 19 луѓе и 25 се ранети.
Двата автобуса се целосно уништени, и можно е бројот на жртви да биде повисок, јавуваат западни медиуми.
Според полициски извори, експлозивна направа најверојатно била поставена на мотор и активирана со далечински управувач.
Автобусите со верници биле на пат во соседен Иран каде шиитите се мнозинство и каде се голем број верски места на шиитите. Меѓу повредените се и двајца полицајци и дел од обезбедувањето на автобусите кои патувале со полициска придружба.
Во Пакистан загинаа и 21 полицаец. По нивното киднапирање од страна на радикално-исламистичките талибански борци, тие се пронајдени мртви. Полицајците се најдени со врзани раце и очи,наредени еден покрај друг и застрелани еден по еден, соопшти претставник на локалната власт во провинцијата Кибер. Еден од полицајците, тешко повреден, преживеал. Од четвртокот како исчезнати се водат 23 полицајци, по нападите на пакистанските талибанци на три гранични бази.