Бројот на невработени во Германија во пораст
7 јануари 2014Германската сојузна агенција за вработување со седиште во Нинберг информираше денеска дека во декември минатата година 2.873.000 лица биле без работа, што претставува пораст од 67.000 луѓе во однос на претходниот месец или пораст од 33.000 лица без работа споредено со истиот месец во 2012-та година.
Од Агенцијата информираат дека во декември споредено со ноември е забележан пораст во бројот на невработени во сите германски сојузни покраини, со исклучок на Хамбург и Северна Рајна Вестфалија. Шефот на Германската сојузна агенција за вработување Франк-Јирген Вајзе информираше дека податоците не се причина за аларм.
„Бидејќи бројката на невработени луѓе благо порасна во декември, па порастот не е нешшто невообичаено за тој месец“, нагласи Вајзе. Тој смета дека поради поволните временски услови бројни сезонски работници можеле да работат и во декември, па бројката на невработени и не е толку голема колку што се очекувала.
Но, ако се погледне целата 2013-та година, тогаш бројките покажуваат дека невработеноста е зголемена за првпат од 2009-та година, кога 53.000 лица повеќе бараа работа, или бројот на невработени изнесуваше 2.95 милиони.
Вајзе оцени дека 2014-та година ќе биде година на предизвик за Агенцијата која ја раководи. Таа ќе се обиде да им помогне при наоѓањето работа на лицата кои подолг период се невработени и ќе се погрижи „тие да останат на добро работно место“. Предизвик ќе бидат и младите лица кои за првпат влегуваат на пазарот на труд и наоѓаат работа. Барателите на работа би требале да добијат подобри обуки за снаоѓање на пазарот на трудот.