Брука во Треглиц
6 април 2015
Непосредно пред Велигден, во малото гратче Треглиц со 2.88 жители, во близина на Лајпциг, се случи пожар. Беше запален објект наменет за сместување 40 бегалци, чие стигнување се очекуваше во мај. Првите резултати на истрагата укажуваат на подметнување пожар во кој нема повредени. На инцидентот претходеа многу закани на десничарите, кои градоначалникот го принудија на оставка во март.
„Во Треглиц гореше зграда во која требаше да се вселат бегалци. Против омразата на пироманите, многу луѓе се борат со отвореност, нивната парола гласи: Сега повеќе од било кога, ни чекор натаму. Тоа е и повик кон немите набљудувачи, сомничавите: сторете нешто добро!“, пишува „Зиддојче цајтунг“ и продолжува:
„Во зграда во која требаше да живеат азиланти е подметнат пожар. Оваа реченица би требало да биде невозможна, не би требало да биде повеќе од конфузна идеја, ментален блиц, фикција. Но, оваа реченица стана невозможна во друг смисол, зашто стана реалност, ноќта минатиов викенд во Треглиц. Оваа реченица е невозможна зашто разумен човек таа вест може да ја прими само со чувство на тагам бес и немоќ. Но, како со зборови да допрете до оние во чии глави гори силен оган па се вистински подготвени да запалат зграда?
Нееднаквоста на оружјето, ден по нападот во Треглиц, изгледа вака: од еднастрана е омраза, која зад себе остава јагленисан покрив и многу стравови. Од другастрана постои постојан труд да се промовира отвореност, а нејзината транспарентност е сликовита: на бело платно отпечатоци на дланки и слоганот: „Едни со други, едни за други.“ Тоа е хендикеп-натпревар, но тој уште не е загубен.
Еден понеделник во ноември лани во „Зексише цајтунг“ се појави есеј. Пегида во Дрезден прерасна во масовно движење, авторот дијагностицираше: „Ова е манифест за загриженост за која општсеството мора отворено да разговара, и тоа пред за проблемот да се погрижат оние кои азилантските домови најрадо би ги запалиле.“
Се разбира дека Треглиц не е нацистичка флека, легло на десничари, како што тоа не е ни источниот дел на Германија. Без оглед на тоа, треба да се дискутира кои општествени карактеристики на истокот на земјата поттикнуваат случаи како овој во Треглиц. Се разбира. добар знак е кога по нападот ќе се соберат заедно 300 луѓе. Сепак, треба да се прашаме, зошто беа само 300, зошто не двапати или трипати повеќе?“, пишува „Зиддојче цајтунг“.
Отровни семиња
„Тагесцајтунг“ од Берлин асоцира на минатото: „Домот за азиланти во пламен буди сеќавање на слични напади во Росток и Хојерсверд во 1991 година. Но, постојат разлики: тогаш источните Германци беа разочарани од она што им го донесе обединувањето на Германија, па се истурија на оние уште послабите од себе. Меѓутоа, со експоненцијалниот пораст на насилни кривични дела и вербално малтретирање на бегалци и странци, во последните неколку години се‘ повеќе никнуваат повеќе видови отровно семе“, констатира „Тагесцајтунг“.
„Либекер нахрихтен“ предупредува: „Кога градоначалникот на Треглиц, Маркус Нирт на почетокот на март поднесе оставка поради протестите на десничарите, односно стравот за безбедноста на своето семејство, тоа беше пораз. Но, тоа не беше единечен случај: во Пирна, во Саксонија, градоначалникот добивал закани, во Магдебург градоначалникот е под полициска заштита, во Берлин веќе не се објавуваат адресите на политичарите. Посебно заплашува тоа што голем дел од учесниците на протестите на десничарите не реагира на фактичките аргументи. Тие веруваат во она во што сакаат да веруваат, дури и кога сите факти зборуваат спротивно. Сепак, покрај со државната репресија, ќе мора и натаму да се аргументира со факти. Тоа е напорно, но е неопходно“, пишува „Либекер нахрихтен“.