1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брунбауер: Бегалската криза е целосно фијаско на ЕУ

Борис Георгиевски25 август 2015

ЕУ нема стратегија за Западниот Балкан, а тамошните земји дополнително назадуваат поради авторитарните тенденции. Скопје 2014 е националистички испад, а градот е обезличен, вели во разговор за ДВ, професор Улф Брунбауер.

Фотографија: Anna Perezolova

ДВ: Втората конференција посветена на односите меѓу ЕУ и Западниот Балкан ќе се одржи во Виена на 27 август годинава. Сметате ли дека ЕУ и нејзините водечки членки прават доволно за да му помогнат на регионот и да го приближат поблиску до Унијата?

Улф Брунбауер: Мислам дека можеме да говориме за двонасочен неуспех. Од една страна, ЕУ, или попрецизно, нејзините водечки сили како Германија, не сторија доволно во последните години за да ги приближат балканските држави поблиску до, и идеално, во ЕУ. Се чини дека постои одреден замор од проширување, а тековната грчка криза и конфликтот во Украина ги преокупираа европските институции и лидери, кои затоа не инвестираат доволно внимание на нерешените прашања на европската интеграција на Западниот Балкан. Во однос на Македонија, на пример, дури се чини дека некои ЕУ-членки се сосема среќни што Грција става вето на отворањето на преговорите, на тој начин криејќи се зад грчката непопустливост.

Од друга страна, владите во Западниот Балкан исто така не успеаја да ги наметнат потребните реформи со неопходната енергија. Во Босна и Херцеговина нема никаков напредок поради непопустливоста на етно-националните елити. Во Македонија е дури забележливо назадување на демократските слободи. Србија се‘ уште одбива да го стори она што мора, а тоа е да ја признае независноста на Косово. Корупцијата и проблемите со владеењето на правото ги мачат сите земји во регионот, без забележлив напредок. Сепак, една од причините за овие проблеми е тоа што политичките елити не чувствуваат дека нивните земји имаат реална шанса да влезат во ЕУ во блиска иднина. Знаеме дека потенцијалното членство е единствениот силен надворешнополитички инструмент кој го има ЕУ на располагање. Без тоа, стравувам, ќе бидеме сведоци на натамошно назадување на Балканот. Потребен ни е храбар чекор од ЕУ, имајќи ја предвид и нестабилната геополитичка состојба во регионот. За некои влади, авторитарниот Путинов модел изгледа привлечно. За да се спречи тоа,и за да им се даде на луѓето во регионот перспектива,неопходен е некаков вид Маршалов план за Западниот Балкан.

Моето чувство е дека во моментов, ни Брисел, ниту највлијателните ЕУ-членки немаат некаква стратегија кон Западниот Балкан, вели БрунбауерФотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka

Некои експерти сметаат дека низ целиот регион е забележливо демократско назадување. Македонија и Србија конкретно се споменуваат во тој контекст, како земји со растечко авторитарни политички водства. Дали ЕУ ја жртвува демократија заради стабилност во овие земји, со премолченото прифаќање на недемократските пракси?

Моето чувство е дека во моментов ни Брисел, ниту највлијателните ЕУ-членки немаат некаква стратегија кон Западниот Балкан. Не мислам дека постои свесно вртење кон поддршка, или доброволно прифаќање на авторитарните тенденции во име на стабилноста. Напротив, гледам игнорирање на предизвиците за Западниот Балкан. Постои и чувство на замор, можеби дури и разочараност меѓу ЕУ -олитичарите затоа што е потребно толку долго време да се имплементираат европските стандарди во земјите од Западниот Балкан. Што се однесува до Србија, политиките на ЕУ навистина делуваат наивни, со оглед на затворањето на очите пред очигледните авторитарни тенденции на актуелната влада. Она што ЕУ мора брзо да го сфати е да прифати колку ужасни и огромни ќе бидат последиците доколку продолжи актуелната инертност. Западниот Балкан е дел од Европа и колку побрзо биде интегриран во ЕУ, толку подобро. Во спротивно, веќе присутната широко распространета разочараност на граѓаните само ќе се зголемува, што ќе доведе до внатрешна нестабилност.

Во Германија веќе подолго се води дебата за големиот број на баратели на азил од балканските држави и дали да се прогласат и други држави (Албанија, Косово, Црна Гора) за т.н. земји со сигурно потекло. Каков е Вашиот став за овој проблем? Имаат ли мигрантите од Балканот легитимно право, имајќи ја предвид состојбата во нивните земји?

Барателите на азил од Балканот немаат издржано барање за азил како што е тој дефиниран во Женевската конвенција, затоа што не се прогонувани како поединци врз основа на политички, верски или расни причини. Дотука, кога зборуваме за азил, прогласувањето на овие земји за „земји со сигурно потекло“ делува издржано. Од друга страна, постојат многу причини поради кои луѓето сакаат да ги побегнат од катастрофалните економски услови во кои многумина од нив живеат во овие земји. Во случајот на ромското малцинство може да се каже дека како група, тие се соочуваат со структурна дискриминација низ целиот Балкан, па и Европа. Разбирливо е што сакаат да побегнат од сиромаштијата и животот кој тешко може да се подобри. Главниот проблем е што ЕУ и нејзините држави-членки немаат јасни имиграциски политики. На ЕУ земјите им се потребни имигранти, но постојат толку малку можности за легално мигрирање од трети земји што ги тера економските емигранти од Западниот Балкан да аплицираат за азил, како единствена шанса за да добијат право да останат во земји како Германија. Конечно треба да прифатиме дека западнобалканските земји се дел од Европа и да имплементираме либерални миграциски режими за нив. Ова ќе им помогне и на земјите на потекло и на земјите во кои доаѓаат затоа што, вообичаено, слободата на движење е добра. А зборуваме за мали земји!

Илјадници бегалци и мигранти од Блискиот исток, Африка и Азија секојдневно се обидуваат да стигнат до Западна Европа преку Македонија и Србија. Грција ги принудува илегално да преминуваат во Македонија, додека Унгарија гради ограда на својата граница со Србија. Може ли ЕУ повеќе да стори за да им помогне на овие луѓе и на земјите кои се обременети со кризата?

Сведоци сме на целосно фијаско на земјите-членки на ЕУ. Исправени пред хуманитарна криза од драматични размери, владите на ЕУ водат политика „нека му умре козата на комшијата“. Ова е нехумано, од аспект на бегалците кои бегаат од војна и кои преживеале тешки маки на нивниот пат до Европа. Истовремено, тоа е и многу кусовидо, затоа што предизвикува проблеми за земјите кои и во нормални времиња немаат функционален систем за заштита на бегалци. Многу е нефер тоа што сиромашните земји во Југоисточна Европа се оставени самите да се справуваат со овој пан-европски проблем. Во истовреме е и опасно, затоа што земји како Македонија се преоптоварени со бројот на бегалците, што ги правите таквите слаби држави уште покревки. Не треба да заборавиме дека ЕУ-земјите се вмешани во војната во Авганистан и ги поддржуваат бунтовниците во Сирија. Поради тоа, Европа не може да мижи пред хаосот во овие земји. Сите имаме хуманитарни обврски, а Европа е на пат целосно да потфрли на тоа поле и да ги остави земјите со неефикасна бирократија да се справуваат со предизвикот.

„Скопје 2014 е чист кич, смешен проект со неверојатно низок квалитет и вкус. Скопје е обезличено.“Фотографија: DW/N. Velickovic

Македонија веќе повеќе од една година се наоѓа во длабока политичка криза и некогаш добрата перспектива за членство во ЕУ, се чини, е минато. Која е причината според Вас за ваквото назадување на земјата?

Главната одговорност е кај премиерот Никола Груевски, кој стана исклучително авторитарен изминативе години. Под негово водство, нациионално-конзервативната ВМРО-ДПМНЕ и нивните албански партнери уназадија дел од демократските придобивки. Ми се чини дека Груевски навистина пројавува автократски склоности. Покрај тоа, тој ги заменува вистинските реформи со националистички испади, како што е „Скопје 2014“. На едно структурно ниво, актуелната политичка криза исто така ги разоткрива сериозните недостатоци во политичката култура во Македонија. Нема волја за компромис, повеќето политички актери сметаат дека политиката е игра на сѐ или ништо и дека на победникот треба да му припадне сѐ. Овие проблеми само се засилуваат поради етничката поларизација на земјата. Се чини дека албанските територии станаа држава во држава, каде доминантната албанска партија може да прави што сака. Ова само може да го зголеми цинизмот на населението во државата, што е и причината поради која не постои доверба во институциите. А демократијата единствено може да функционира ако постои доверба.

Владата на ВМРО-ДПМНЕ потроши речиси 600 милиони евра во последните години на изградбата на т.н. проект „Скопје 2014“. И додека дебатата за неговата естетска вредност сѐ уште трае, неговата цел останува нејасна. Дали се работи за проект за изградба на идентитетот на нацијата, имајќи ги предвид минатото на државата и проблемите со соседите и дали како таков тој ја промовира земјата во позитивно светло?

Мислам дека целта на Скопје 2014 е многу јасна: се работи за националистичка мобилизација. Тоа е пример за политика на симболи која треба да го компензира недостатокот на вистински политички и економски развој. Со Скопје 2014, владата сака да му фрли песок в очи на народот, и изгледа дека тоа и успева. Груевски и ВМРО-ДПМНЕ сакаат да се претстават како единствени вистински бранители на нацијата, кои ја искачиле изградбата на македонската нација на повисоко ниво. Исто така сметам дека проектот е намерна провокација кон Грција (и Бугарија). Груевски, во сиот свој цинизам- и заинтересиран единствено за останување на власт- ја има следната пресметка: колку повеќе е непопустлив во спорот за името и колку е попровокативна неговата политика на симболи кон Грција, толку се поголеми шансите дека Грција ќе го задржи ветото за почетокот на преговорите за членство во ЕУ. Тоа значи дека Македонија нема никакви шанси за членство, па поради тоа ниту владата не мора да спроведува реформи, дел од кои би биле непопуларни. Но, во секој случај, Груевски е во комфорна ситуација да може да ја обвинува Грција за недостатокот на напредок за членство, а во истовреме да се претставува себеси како непоколеблив бранител на нацијата.
Патем, оценката за естетската вредност на зградите и спомениците не е предмет на дебата: тоа е чист кич, смешен и од неверојатно низок квалитет и вкус. Скопје е обезличено.

Професор Улф Брунбауер е заменик-директор на Институтот за Источни и Југоисточно европски студии и професор по историја на Југоисточна и Источна Европа на Универзитетот во Регенсбург, Германија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми