1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија пред нови избори

Кристофер Неринг
4 мај 2021

Бугарскиот премиер Бојко Борисов не можеше да формира влада, но не можеа ниту другите политички сили. Еден месец по парламентарните избори, се чини сигурно е дека гласачите повторно ќе мора да излезат на гласање.

Bulgarien I Parlamentswahl
Фотографија: Nikolay Doychinov/AFP

На балканскиот политички пејсаж никогаш не му недостасуваат живописни ликови. Оваа галерија од почетокот на април е побогата со музичарот и телевизиски водител Станислав „Слави“ Трифонов, кој со партијата „Има таков народ“ освои 17,4 отсто од гласовите. Така, тој заврши како второпласиран зад партијата ГЕРБ, која ја предводи Борисов, и која доби 25,7 насто од гласовите.

Трифонов од нула, водејќи ја кампањата најмногу на социјалните мрежи, ги престигна и социјалистите и партијата на бугарските Турци. Тој се залага за мнозински изборен систем, половина помалку пратеници во парламентот, директен избор на републичкиот јавен обвинител и на шефот на полицијата.

Борисов не можеше да обезбеди мнозинство, Трифонов не сакаше ни да се обиде. Затоа ќе се оди повторно на избирачките места.

Слави ТрифоновФотографија: TV/Handout/REUTERS

Традиционалните партии го платија цехот

„Исходот на изборите беше како земјотрес“, вели Борјана Димитрова, директорка на институтот за испитување на јавното мислење Алфа Рисрч. Најголеми изненадувања се, вели, успехот на Трифонов и падот на социјалистите. За второто, Димитрова го обвинува раководството на поранешната комунистичка партија, кое во последните години настапува „популистички, антилиберално и проруски“.

Повеќе:

-Стапицата во која не влезе Слави Трифонов, и другата која го очекува

-ГЕРБ го врати мандатот за состав на влада, Бугарија пред нови избори

-Бугарските избори и македонската јавност

Протесните гласови на многу Бугари, на кои им е доста и од Борисов и од социјалистите, се распределени на три нови сили. Освен пратијата Има таков народ, во парламентот влегоа и партиите Демократска Бугарија (9,29%) и Исправи се! Мафијата надвор! (4,64%). Тие профитираа од масовините протести минатото лето, кога граѓаните му префрлаа на Борисов за корупција и врски со мафијата.

„Исходот на изборите со повеќе нови партии е мала сензација и позитивна последица од протесното лето“, вели Арет Демирчи од канцеларијата на фондацијата „Фридрих Науман“ во Софија. „Избирачите јасно рекоа дека нема сѐ да остане по старо, но не овозможија мнозинство на новите. Покрај тоа, дојде до исклучување - новите партии однапред категорично одбија да соработуваат и со конзервативците на Борисов, и со социјалистите, и со партијата на Турците.“

Бојко БорисовФотографија: Barbara Gindl/APA/picture alliance

Сè е можно

Затоа сега во Бугарија постои политичка криза, но почна да дише демократијата, вели Весела Чернева, директорка на Европскиот совет за меѓународни односи во Софија. Изборите не ги следеа ни насилство ни повици за бојкот, а сите партии ги прифатија официјалните резултати.

Се очекува претседателот Румен Радев да го распушти парламентот можеби веќе оваа недела и да распише нови избори, веројатно за 11 јули. Дотогаш, би можело да биде непријатно за Борисов, бидејќи преодната влада, освен со подготовките за изборите, би можела да се занимава и со истрага на обвинувањата за корупција. Сите други партии го бараат тоа, а и претседателот Радев е наклонет кон такво нешто.

Се чини дека сите политички сили очекуваат уште подобар резултат на повторените избори. Борисов и Трифонов не се ни појавија во парламентот, иако беа избрани за пратеници, но веќе испраќаат борбени пораки преку Фејсбук. Со социјалистите дојде до низа оставки, додека турската партија се обидува да го мобилизира електоратот во провинцијата и дијаспората.

Сè е можно, ни вели Борјана Димитрова, од тоа новите партии да освојат мнозинството, преку продолжување на патот што би водел до уставна криза, па сѐ до враќање на Борисов. А Арет Демирчи предупредува дека стариот политички лисец Борисов не треба да се отпишува однапред.

Фотографија: BGNES

Редица важни задачи

Додека граѓаните чекаат нова влада, се трупаат задачи. Од надминувањето на пандемијата и инвестирањето на европски средства во обнова на економијата, преку спорот со Скопје, па сѐ до реформите во судството и борбата против корупцијата. Бугарија е рангирана на очајното 112-то место во светот на списокот на Репортери без граници според слободата на медиумите, додека Фридом Хаус смета дека во оваа балканска земја не владее демократија, туку „хибриден режим“.

Но, во моментот, нема место за сето тоа во јавната сфера, дури и коронавирусот е потиснат длабоко во втор план. Цела Бугарија расправа за новиот судир меѓу Борисов и Трифонов и за тоа во каква состојба некоја нова влада би ја затекнала државата по дванаесет години владеење на ГЕРБ. Ако воопшто дојде до промена на власта.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми