1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоБугарија

Бугарија: злоупотреба на тајните служби за политички цели

Кристофер Неринг
20 јули 2020

Бугарите со денови протестираат барајќи оставка на премиерот Бојко Борисов и јавниот обвинител Иван Гешев. Тие на обвиненијата возвраќаат дека демонстрантите ги „купил“ еден пребеган олигарх.

Bulgarien I Proteste in Sofia
Фотографија: picture-alliance/dpa/V. Petrova

Илјадници луѓе во Бугарија повеќе од една недела се на улица. Нивните главни барања се оставка на владата на премиерот Бојко Борисов и главниот јавен обвинител Иван Гешев. Тој пак за возврат во вторникот објави снимки од прислушувани разговори со кои треба да се потврди дека демонстрантите ги „купил„ и со нив управува еден „олигарх“ кој е пребеган во странство. Ова е постапка без преседан која би можела да прерасне во еден од најголемите скандали во земјата.

Што всушност се случи?

Во вторникот пред новинарите излезе портпаролката на главниот бугарски јавен обвинител, Сијка Милева и прочита долго соопштение за јавноста. Главните точки беа транскрипти од четири прислушкувани разговори. Тие би требало да докажат дека најновите протести во Бугарија на кои се бара оставка и од главниот јавен обвинител Иван Гешев ги финансира Васил Божков, кој своето богатство го има заработено организирајќи игри на среќа. Против Божков кој наводно се крие во Дубаи, веќе одамна се води истрага, а сега и поради наводни противдржавни активности. Според наводите на државното обвинителство и тајната служба ДАНС (Државна агенција за национална сигурност) прислушуваните разговори се меѓу Божков и парламентарецот Александар Паунов и на Божков со новинарот Огнјан Стефанов, еден од водачите на протестите. Интересно е притоа дека Стефанов во 1980те е регистриран како доушник на тајната служба која на располагање му дала и еден таен стан.

Иван ГешевФотографија: BGNES

Кој смее да прислушува во Бугарија?

Употребата на „специјални разузнавачки средства“, значи методи на тајната служба како што се следење, прислушкување, поставување прислушни апарти, контрола на пошта или електронски комуникации во Бугарија е регулирано со законот за „специјални разузнавачки средства“. Според овој закон, сите безбедносни служби и јавното обвинителстви можат од судот да побараат вакви мерки при што во формалното барање мора точно да се наведат причините или траењето на користење на овие мерки. За да се контролира користењето на овие чуствителни интервенции во основните права на бугарските граѓани не е потребен само судски налог, туку и редовни контроли кои ги извршува Националниот уред за контрола на специјалните разузнавачки мерки и постојаниот Одбор на бугарскиот парламент за контрола на тајните служби. Ниту едно од овие тела, како ни претседателот на Државната агенција за национална сигурност, ДАНС, која ја спровела оваа акција на прислушкување, до сега не се огласија во врска со овие настани.

Во што е скандалот?

Постапката на јавниот обвинител Иван Гешев е навистина скандалозна: не толку во однос на прашањето дали прислушувањето на Васил Божиков било законско. Со оглед на фактот дека јавното обвинителство подолго време спроведува истрага против милионерот кој организирал игри на среќа, можно е прислушувањето да било и судски одобрено (што секако не значи дека Божков е навистина виновен за она за коешто се терети).

Повеќе:

-Бугарска верзија на „Нема правда, нема мир“

-Борисов отпушта министри за да ги смири протестите

-Протести во Бугарија: Законите треба да важат за сите

Скандалот е всушност во објавувањето на транскриптот од прислушување на телефонски разговори. Поради повеќе причини овој чекор е без преседан, непримерен и нелегален. Не само што јавниот обвинител Гешев непрофесионално го објави и го компромитираше тајното прибирање на информации за постапка која е во тек. Во секоја судска постапка во правна држава таквите „докази„ би биле неприфатливи. Освен тоа, јавното обвинителство однапред јавно го осуди осомничениот, што може да биде доволна причина за да се запре постапката. Уште потежок престап е тоа што главниот јавен обвинител со објавување на транскриптите од прислушуваните телефонски разговори го прекршил законот во член 32. Законот за користење на „специјални разузнавачки средства„ јасно вели дека информации добиени со прислушување смее да бидат употребени само за „спречување, разјаснување и докажување на казнено дело и за државна безбедност.“ Надвор од ова сите информации добиени со прислушување се строга тајна. Гешев еклатантно ги прекршил овие две одредби. Дополнително, објавувањето на идентитетот на лицата со кои разговарал Васил Божков, а против кои јавното обвинителство не води истрага, според европските закони за заштита на податоци е гротескно. Дотолку повеќе што се работи за еден новинар и еден парламентарец кои уживаат посебна заштита од прислушување.

Фотографија: picture alliance/dpa/A. Franke

Мешање во политиката

Летото 2018 година, претседателот на германската тајна служба, Сојузната агенција за заштита на уставниот поредок, др.Ханс Георг Масен мораше да поднесе оставка. Причината беше тоа што јавно ги коментираше испадите на десните екстремисти во Кемниц. Беше скандал затоа што политички функционери не смеат врз основа на информации стекнати од тајните служби да се вплеткуваат во политички процеси кои се во тек.

Скандалот во Бугарија има паралели. И главниот државен обвинител Иван Гешев со објавување на информации од тајните служби на неприкладен начин се вмеша во дневната политика. Притоа не се работи за истрагата против Васил Божков која е во тек, туку за тоа дека настојувал да дискредитира протести на граѓанското општество насочени против него.

Заклучок: непрофесионално, илегално политичко самоубиство

Таа постапка на главниот јавен обвинител, од гледна точка на тајните служби, полицијата и законите е многу непрофесионален и илегален. Не може да се превиди ни тоа дека целта на Иван Гешев била исклучиво да се дискредитира движењето кое бара негова оставка. Во секоја демократија која се држи до начелата на правната држава тоа е еднакво на политичко самоубиство. Тоа што требаше да го ослободи од притисокот на јавноста може да се заврши само со оставка или смена на Иван Гешев. Но, изгледа дека бугарската политика во овие кризни времиња игра по сопствени правила.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми