1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија (повторно) меѓу Русија и Западот

1 јуни 2018

Бугарија е зависна од рускиот гас, но во истовреме членка на ЕУ и НАТО. Надминувањето на јазот меѓу Брисел и Москва ја става земјата во надворешно-политички жив песок од кој тешко излегува.

Russland Moskau Besuch Bulgarischer Premier Borissow
Фотографија: BGNES

Посетите на бугарскиот претседател Румен Радев и премиерот Бојко Борисов на Русија повторно ги подгреаја шпекулациите дека Софија би можела да му сврти грб на Западот и да се доближи до Москва. Бугарија, иако членка на ЕУ, е зависна од рускиот гас, а се обидува и да ја обнови својата нуклеарна централа Белене со руска технологија. Освен економските, Бугарија и Русија имаат и заеднички историски, јазични и културни врски.
Дел од бугарскиот политички естаблишмент инсистира дека земјата може да биде некој вид медијатор меѓу Русија и Западот, или во најмала рака да профитира од добрите врски со Москва. Во тој контекст често се споменува и името на бугарскиот лидер од Втората светска војна, царот Борис. Во 1942 година, тој наводно му рекол на германскиот министер за надворешни работи Јоахим фон Рибентроп дека „Бугарија секогаш ќе биде на страната на Германија и никогаш нема да биде против Русија“.

Погрешен историски пример

Но, постојаното цитирање на овој пробламтичен- и историски непотврден- цитат противречи на вистинската природа на ЕУ. Блокот не е, како што можеби наведува цитатот, продукт на политика на големите сили, наметнат врз другите од Германија, Франција, САД или Русија. Бугарија не е принудена да биде во сојуз со едните или другите, како за време на Втората светска војна, кога царот Борис морал да одлучува дали поголема опасност за неговата земја се германските или руските трупи.

повеќе на темата: Бугарските амбиции во големата игра околу гасот


ЕУ е проект за доброволно стапување во европска интеграција. Ниту една земја никогаш не била принудена да се приклучи, а земјите можат слободно и да заминат, како што е случајот со Велика Британија.
Бугарија воопшто не е под притисок да се дистанцира од Русија. Но, во оној момент кога ќе донесете суверена одлука да влезете во ЕУ и да станете партнер со 27 земји-членки, тогаш мора да ги прифатите и нејзините политики. Доколку постои договорен настап на ЕУ кон Русија, тогаш тој мора да се следи. Но тоа не е, како што некои тврдат, случај во кој политиката е „диктирана од други“.

Односите на ЕУ и Русија

Денешните апологети на цитатот на царот Борис веројатно ќе аргументираат дека тој бил некаков поглед во иднината, имајќи го предвид наводното приближување меѓу Германија и Русија. Навистина, францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел се сретнаа со Путин во мај. Но со оглед на тврдиот став на ЕУ во однос на клучните прашања како конфликтот во Украина, Сирија, Иран и труењето на поранешниот шпион Скрипал, големо прашање е дали Германија и Русија ги засилуваат своите односи. Неодамнешните разговори со Русија се одржаа само за да се спаси атомскиот договор со Иран и да се разговара за економски теми.
Ништо од тоа не сигнализира стратешка реориентација на ЕУ кон Русија, како што често се тврди во Бугарија. НАТО и САД остануваат гарант на безбедноста на ЕУ и тоа нема наскоро да се промени, затоа што и покрај недоразбирањата меѓу Брисел и Вашингтон, обете страни имаат корист од стратешката алијанса.
Бугарските политичари мора да ги почитуваат обврските кои произлегуваат од членството во НАТО и ЕУ, наместо да се обидуваат да извлечат корист од нарушените односи меѓу ЕУ и Русија. Членството во тие западни организации и натаму се исплати, и затоа Бугарија не треба да игра дипломатски руски рулет.

Даниел Смилов е бугарски политички аналитичар и правник во Центарот за либерални стратегии во Софија.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми