1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Европарламентот бара мониторинг за Бугарија

Кристофер Неринг
28 септември 2021

Спорот околу прислушувањето за време на протестите во Бугарија во 2020 ескалира. Европратеници, министри и членови на протестното движење бараат објаснувања. Но истрагата стои во место.

Полицијата дејствува против демонстрантите во бугарската престолнина Софија на 22 септември 2020 година
Полицијата дејствува против демонстрантите во бугарската престолнина Софија на 22 септември 2020 годинаФотографија: Borislav Troshev/AA/picture-alliance

„Ефикасниот и праведен кривичен прогон останува еден од најгорливите проблеми во Бугарија. Прогонот на корупцијата на високите нивоа и натаму е проблематичен. Истовремено, делегацијата е загрижена поради случаите на полициско насилство во летото 2020 година, кои сѐ уште не се предмет на темелна истрага.“

Со оваа изјава Софи ин'т Велд, претседателка на Комисијата за граѓански права, правосудство и внатрешни прашања во Европскиот парламент, по посетата на Бугарија минатиот петок, го вклучи алармот за тревога.

Дел од тој политички сигнал е и невообичаено острата критика на сметка на бугарскиот главен јавен обвинител Иван Гешев. Холандската политичарка Софи ин'т Велд на една конференција за печат во Софија особено ги нагласи „необичните овластувања“ со кои располага бугарскиот јавен обвинител и неговото одбивање да даде одговор на прашањата на ЕУ-делегацијата на тема борба против корупција и истражувањата околу случаите за прислушување и за полициско насилство за време на протестите во 2020 година. ЕУ-политичарката на крајот од Европската комисија побара развојот на случувањата во Бугарија да ги стави под „строг мониторинг“.

Прислушување на активисти

Остра критика на сметка на Бугарија доаѓа во момент кога припадниците на преодната бугарска влада речиси секојдневно ги нагласуваат обвинувањата за случувањата за време на летото 2020 година. Според еден полициски протокол кој веќе „истече“ во средината на септември, за време на протестите над 1.000 лица, од кои околу 30 припадници на протесното движење, биле прислушувани.

Софи ин'т Велд, претседателка на Комисијата за граѓански права, правосудство и внатрешни прашања во Европскиот парламентФотографија: Jonathan Borg/Xinhua/imago images

Слични обвинувања на сметка на поранешните власти уште од април годинава изрекува и актуелниот министер за внатрешни прашања Бојко Рашков. На обвинувањата, во разговор за ДВ, се придружи и министерот за култура Велисав Минеков. Тој тврди дека властите не го прислушувале само него, туку и сите негови соговорници, меѓу кои се и неколку германски новинари.

Овие прислушувања правно се покриени со Параграфот 95 од бугарскиот казнен законик кој дефинира казнено дело преврат, насилно преземање на власта и вооружен бунт. Врз основа на овој закон, како што потврди министерот Рашков, државното обвинителство летото 2020 година се договорило да добие дозволи за прислушување за учесниците на протестите.

Прислушување на новинари

Но, од каде воопшто доаѓа обвинувањето за преврат и вооружен бунт? Во јули 2020 година државниот обвинител Гешев го обвини милијардерот Василиј Бошков, кој се обогати со игри на среќа и побегна во Дубаи, дека стои зад протестите кои се раширија во целата земја. Бошков, кој побегна поради даночен долг, како што тврди обвинителството, ги финансира оние кои на протестите предизвикуваат насилство.

Тоа беше оправдување за првата примена на Параграфот 95 во поновата бугарска историја. Значи, правно гледано се работи за легална, од страна на судот дозволена, акција за прислушување. Тоа важи и во случајот на министерот за култура Минеков. „Јас во обвинителството службено поставив прашање за тоа дали ме прислушувале. На тоа ми одговорија дека илегално не ме прислушувале, од што на крајот заклучувам дека, како што смета обвинителството, легално сум бил прислушуван и за време на моите разговори со германските новинари и со германскиот амбасадор“, вели Минеков за ДВ.

Велислав Минеков говори на антивладиниот протест во Софија на 4 август 2020 годинаФотографија: BGNES

Протести на цивилното општетство или обид за преврат?

Притоа, Минеков, кој беше меѓу организаторите на протестите, тврди дека се работело за легални, ненасилни простести на припадниците на цивилното општество при кои преврат или вооружен бунт воопшто не биле можни. Овие тврдења не е можно да се проверат, но тоа не би било првпат бугарските власти да прислушуваат новинари за време на извршување на нивните должности.

Во јуни истражувачката платформа bird.bg објави полициски документи, според кои неколку новинари, меѓу кои и шефицата на канцеларијата на агенцијата АФП во Софија, биле прислушувани за време на разговорите со учесниците на протестите.

Тајност наместо расветлување

Расветлувањето на случаите за прислушување го забавуваат и политичките борби. Претседателот на парламентарната истражна комисија, Николај Хаџигенов, зборува за најголемата операција за прислушување во поновата бугарска историја. Но, досега, оваа комисија не најде начин како да го прекине молкот на полицијата и на јавното обвинителство.

Антивладини протести во Софија на 29 јули 2020 годинаФотографија: Reuters/S. Nenov

Размерите на акцијата за прислушување, имињата на погодените, како и содржината на протоколот за прислушување сѐ уште се чуваат далеку од очите на јавноста. Но, повторното истекување на скокотливи документи во јавноста предизвикува сомневања дека станува збор за насочен политички мотив.

Ова вклучува видео-снимка која сведочи за бруталноста на полицијата. Снимката објавена кон средината на август покажува како шест полицајци тепаат едно лице, паднато на земја, цели 18 минути.

Но, во меѓувреме, полицајците од видеото беа отстранети од полицијата за „прекумерна употреба на сила“ во друг случај. И тогашниот министер за внатрешни работи, Младен Маринов, беше сменет пет дена по случајот на претепување. Неговиот наследник пред истражната комисија уверуваше дека се обидувал да започне истрага за случајот. Сите овие случаи досега останаа без правни или политички последици.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми