1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Патување

Бугарија: Русите доаѓаат!

31 август 2017

Бугарското летувалиште Кранево на брегот на Црното Море, налето едноставно е преплавено од руски туристи. Покрај тоа, Русите инвестираат во спортски објекти, што на Кранево би му донесло гости во текот на целата година.

Bulgarien Schwarzmeerdorf Kranevo
Фотографија: DW/A. Andreev

Аптекарката во бугарското летувалиште Кранево почнува да зборува руски, иако муштериката ѝ се обраќа на бугарски јазик. Потоа ја забележа својата грешка и се извини: „Извини, но 90 отсто од купувачите се Руси“. Така е во целото место на Црното Море. Во Кранево живеат околу 1.000 луѓе, но тоа место во текот на летото се трансформира во руско летувалиште. Рестораните, кафулињата, продавниците, спортските и хотелските комплекси се рекламираат на руски. И на улица и на плажа речиси секаде може да се слушне само руски јазик.

„Русите нарачуваат многу, не се пребирливи и не штедат на пијалок. Повеќе ми се допаѓаат од Скандинавците, кои тука ги има малку“, раскажува Венко, 30-годишен келнер во ресторан на плажа, додека му додава на гостинот мени, внимателно преведено на руски јазик.

Бугарија како омилена дестинација

„Кокошката не е птица и Бугарија не е странство“. Оваа изрека - која на руски дури и се римува - зборува сѐ за причините руските туристи да летуваат на бугарскиот брег на Црното Море. Летот од Москва или Санкт Петербург до Варна не трае долго, а луѓето прилично добро зборуваат руски јазик. Кириличното писмо, блискоста на двата јазика, културолошките и историските сличности на земјите - сето тоа ја прави Бугарија една од омилените дестинации за Русите за време на летната сезона. На листата на омилени места за одмор на руските туристи, Бугарија се наоѓа меѓу првите четири земји - пред Франција и Италија.

Магазинот „Нешнал географик травелер Русија“ Бугарија ја вброи меѓу најдобрите дестинации за семејни одмори. „Рускиот пазар за нас е интересен и поради тоа што, покрај вообичаените понуди, се бараат и дополнителни услуги“, вели во интервјуто за весникот министерката за туризам на Бугарија Николина Ангелакова. Во тие услуги, меѓу останатото, се вбројуваат велнес и спортски туризам.

Фотографија: DW/A. Andreev

Хокеј на мраз на летни горештини

Сето тоа може да се види во Кранево. Во заднината се протега простран спортски и спа-комплекс, а на километарската плажа стотици руски деца и млади, кои доаѓаат со спортските клубови, секое утро се борат, џогираат и вежбаат. Тука е уште и, во 70-тите години од минатиот век отворениот, пионерскиот камп „Ѓорги Димитров“, раскажува Оги, домар на малиот резорт во близина. „А сега ова“, вели покажувајќи на новоизградената широка сала. „Die Black Sea Ice Arena“ чини веројатно 50 милиони евра. Еден пријател ми кажа дека само трошоците за струја достигнуваат четирицифрена сума. Дневно!“, воздивнува Оги, нималку среќен поради тоа што арената му го попречува погледот кон морето.

Гротескно - купишта снег кои со лопати се исфрлени од арената и кои се топат на 35 целзиусови степени. Младите гости во костуми за капење носат лизгалки в раце. „Black Sea Ice Arena“ е првата сала со мраз во Бугарија која може да се користи за време на целата година. Тука има и олимписки базен со 400 седишта.

Во игра се главно руски пари, вели еден жител на Кранево. Дали оваа инвестиција е воопшто исплатлива? Еден стручњак кој сака да биде претставен како „Николај“, верува дека инвеститорите ги немаат предвид само туристите од Русија. „На сите руски спортски организации кои ги испраќаат децата и младите во Кранево, им се потребни добри услови за тренирање. Русија целно вложува пари во подготовките на идните спортисти и натпреварувачи. Тоа е работа на престиж“, објаснува Николај.

Навистина - хокеј на мраз, уметничко лизгање, пливање... Сето тоа се  олимписки спортови во кои вложуваат Русите. Покрај тоа, „Русите едноставно сакаат лизгање, дури и на лето“, вели една Русинка.

Фотографија: TR/AFP/Getty Images

Аптеки и продавници за алкохолни пијалоци

Таа е една од над половина милион Руси, кои до крајот на сезоната ќе го поминат својот одмор во Бугарија. Главно доаѓа средната класа: семејства со деца, некогаш и со „бабушките“ (бабичките), што за западните туристи е несекојдневна појава. Можат да се видат секаде - најчесто во аптеки и во продавници за алкохолни пијалоци. Бугарските фармацевтски производи и природните лекови се многу популарни кај Русите, уште од времето на источниот блок. Истото важи и за црвеното вино и ракијата. Русите времето на плажа главно го поминуваат под чадори за сонце со книга, а не со мобилни телефони.

Сепак, не се радуваат сите на големиот број руски туристи. Русите можеби и се благослов за туризмот, но не смее да се зборави што сторија советските војници во Бугарија, велат критичарите. Во бугарската јавност руските туристи често се нарекуваат „домашни окупатори, кои го купуваат нашиот брег“.

Но, жителите на Кранево на тоа гледаат поопуштено. Тоа се пристојни, пријателски настроени и мирни луѓе“, вели Украинката Лариса, која како илјадници други странски работници од Украина и Молдавија помага да се ублажи недостатокот на работна сила за време на летната туристичка сезона во Бугарија. „Би сакала со семејството да се преселам во Кранево“, вели Лариса. И таа се надева дека, токму благодарејќи на новите спа и спортски комплекси, туристите ќе доаѓаат во текот на целата година.

 

Александар Андреев Александар Андреев е долгогодишен новинар и раководител на бугарската редакција на Дојче Веле.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми