1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија – руска територија од другата страна на Дунав?

30 април 2022

Во Бугарија постојат сите предуслови за успешно и судбоносно влијание од страна на Москва - и тоа е многу опасно, смета Александар Андреев.

Bulgarien - Jährliche Versammlung der Russlandfreunde in Kazanlak
„Путин - претседателот миротворец“: проруски демонстрации во Казанлак, БугаријаФотографија: BGNES

Работата е сериозна. И со тоа не мислам само на агресивниот национализам или огромната поддршка која Владимир Путин ја уживаше во Бугарија пред почетокот на војната во Украина. Туку мислам на новиот бран јавно мислење кој опасно се шири во Бугарија. И тоа за жал, претежно од млади луѓе и делумно необразовани луѓе кои сакаат да се ослободат од своите фрустрации преку споделување антизападни пароли.

Станува збор за мешавина од антилиберализам, омраза кон сите елити, теории на заговор, антисемитизам, антициганизам и восхит кон силникот во Москва кој сака да го исуши „либералното мочуриште“. Затоа што се чувствуваат разочарани од Европа и Западот, овие луѓе се борат против западната цивилизација и сѐ што е модерно, со тоа што измислуваат домашни „православни христијански вредности“ и конструираат архаичен светоглед. Поглед на свет во кој се бројат само крвта и почвата, во кој насилството е оправдано и железната тупаница на Путин конечно ќе го постигне сето она за кое тие копнеат.

Бугарија е нај-проруската земја во Европската Унија. Тоа се должи на длабоко вкоренети историски, културолошки и верски причини. Пред руската војна во Украина, поддршката за Путин во оваа земја беше околу 50%. Сега опадна на 25%, што е сѐ уште страшно висока бројка. Војната позитивно се одрази и во однос на позиционирањето на Бугарија и изборот на сојузниците. Денес 63% од Бугарите сметаат дека е подобро тоа што земјата е во ЕУ и НАТО, отколку да биде во сојуз со Русија. Па и покрај ова, бугарското општество е безнадежно поделено. Путин и војната може да се осудуваат, но во истовреме се трага по објаснувања и „олеснителни околности“.

Демонстрации во Софија - мнозинството Бугари е сепак против Путиновата војна (7.04.2022)Фотографија: Georgi Paleykov/NurPhoto/picture alliance

Зависна и традиционално пријателски настроена кон Русија

Таквите објаснувања постојано ги пласираат не само помалите проруски партии, туку и традиционалните (и традиционално пријателски кон Русија ориентирани) партии, како Социјалистите, или (зачудувачки) партијата на турското малцинство ДПС.

Руското влијание во денешните воени и многу драматични времиња во Бугарија предизвикуваат политички и економски и ментални зависности. Бугарија е земјата во ЕУ која најсилно зависи од испораката на енергенси, не само гас, туку и нафта и гориво за атомската централа Козлодуј. Друг важен економски фактор се 500 илјади руски туристи годишно и околу 50 илјади Руси кои имаат купено недвижности во Бугарија.

Бугарската армија, која е дел од НАТО, е во најголем дел опремена со оружје и опрема од советско време, а советските воени авиони МИГ се поправаат во Русија. Дел од денешните офицери со висок ранг во армијата се обучувани во поранешниот Советски Сојуз - и и натаму се пријателски настроени кон Русија. Има дури примери како Организацијата на резервните офицери кои агресивно ја шират воената реторика на Москва. И старите зависности на тајните служби од времето пред 1989-тата не треба да се потценуваат. Поранешните соработници на комунистичката бугарска државна безбедност и натаму се активни во политиката и економијата. И безбројните шпионски скандали, кои на виделина исфрлија руски мрежи во Бугарија и предизвикаа протерување на руски дипломати, говорат сами за себе.

Александер АндреевФотографија: DW

Бугарија, Северна Македонија и руските амбиции на Балканот

Со руската војна во Украина и со бугарската зависност од Москва тесно е поврзан уште еден политички развој, макар не толку воочлив: бугарското вето против започнувањето преговори на ЕУ со Северна Македонија.

Тоа вето го поддржува широко мнозинство во Бугарија и директно оди во прилог на руската пропаганда. Русија од 19 век се поима себеси како сила која треба да го контролира Балканот. Владимир Путин ја продолжи таквата политика. Со сета сила се залага против врзувањето на балканските земји во ЕУ и НАТО - во моментов Балканот за него е уште едно важно боиште со таа разлика што битките таму сѐ уште се без крвопролевање, тоа е борба за освојување на срцето и паметот. 

Сумирано тоа значи дека она што денес го гледаме е обид на Русија со помош на проруските елити на Балканот да го разгори спорот помеѓу Бугарија и Северна Македонија и да ги поколеба луѓето на Западен Балкан во нивните стремежи за европска интеграција.

Бугарското вето против започнувањето преговори на ЕУ со Северна Македонија оди во прилог на руската пропаганда (фото: бугарскиот и македонскиот претседател, Румен Радев и Стево Пендаровски)Фотографија: Cabinet of the President of Republic of North Macedonia

Пропаганда и лажни вести

И, поради тоа што поимот пропаганда не може да се заобиколи, мора да се каже дека војната што се води во Бугарија е многу валкана. Почнувајќи од манипулативниот и делумно безобразен речник на руската амбасадорка во Софија („Бугарија, евроатлантскиот нокшир”), сѐ до неуморната работа на стотици платени или доброволни корисници на социјални мрежи кои постојно го фалат Путин и паушално ги етикетираат Украинците како нацисти и фашисти. Аналитичари тврдат дека т.н. фабрики за тролање се борат за надмоќ и дека ако се читаат коментарите на Фејсбук повеќе од половината се про-Путин и против Украина, делумно со цинични смајли емотикони под објавите за злосторствата во Украина.

Но, не се работи само за троловите, ботовите и делумно „професионалните”  корисници кои ја шират пропагандата на Кремљ во Бугарија. За жал и некои медиуми со отворена или скриена симпатија известуваат за Путиновата војна, за неговите цели и неговите произволни аргументи.

- повеќе: Војната на Путин и бугарските колаборационисти

Еден водител од јавниот радиодифузен сервис, сопственикот на еден информативен портал или влијателна веб-страница за вести која докажано шири руска пропаганда од најлош вид - ги мултиплицираат циничните клучни поими од Москва и за гости во интервјуата канат докажани шарлатани или политичари со проруска ориентација. И сето тоа оди спакувано под мотото - плурализам на мислења. Со други зборови: постојано шират лажни вести, лаги и пропаганда и ги блокираат сите забелешки повикувајќи се на слободата на говорот.

„Нато - надвор од Бугарија!“ - плакат на проруски демонстрации во Софија, 21.03.2022Фотографија: BGNES

Истите тие „медиуми”, „новинари”, јутјубери, инфлуенсери или онлајн форуми слично се однесуваа и за време на корона-пандемијата, постојано зборуваа за „Ковид лагата” и ширеа антиваксерско расположение. Многу медиуми во Бугарија се буквално киднапирани од политички и економски интереси. Земјата не попусто е последна во однос на медиумските слободи, не само во ЕУ, туку на целиот Балкан. Бугарија е и докажано најкорумпираната земја во ЕУ со правосудство кое не заслужува да се нарекува така. Дел од бугарската интелигенција е сама по себе пријателски настроена кон Русија, војската и тајните служби и натаму се под сомнеж дека си негуваат стари врски од советско време. Тешко дека човек може да си замисли поплодна почва за руско влијание.

- повеќе: „Кремљ сака да предизвика внатрешна криза во Бугарија“

Бугарија, Тројанскиот коњ нa Русија

Бугарија - земја која често се нарекува Тројански коњ на Москва во ЕУ и НАТО. Земја која во една руска поговорка е опишана вака: „Кокошката не е птица, Бугарија не е странство“. Каква страшна поговорка, кога ќе се земе предвид дека Бугарија уште од времето на царевите се сметала за сопствена територија од другата страна на Дунав. Таа е и земја која двапати аплицираше да стане 16-та советска република во советското време. Земја на Црното Море која е на само неколку стотици километри од местата на кои се водат борби во Украина.

Земја длабоко поделена од и поради Русија, и која по прекинот на испораките на руски гас исто така мора да се подготви за неизвесна економска и политичка иднина.

 

*Овој текст е скратена верзија на излагањето „Војната и руските влијанија во Бугарија“ што го одржа Александар Андреев на годишното собрание на Германско-бугарскиот форум во Берлин на 26 април 2022 година.

Александар Андреев Александар Андреев е долгогодишен новинар и раководител на бугарската редакција на Дојче Веле.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми