1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Бугарија се врти во круг“

Бистра Зајлер/ Жана Ацеска8 ноември 2014

Бугарија има нова десноцентристичка влада. Премиерот Бојко Борисов планира решително справување со проблемите. Но, неговите шанси за сузбивање на лошиот економски менаџмент, корупцијата и резигнацијата не се големи.

Фотографија: BGNES

„Породувањето“ беше тешко: по предвремените парламентарни избори на почетокот на октомври, во Софија беше потребен цел месец преговори, пазарење и блефирање. Конечно, формирана е новата коалиција, но таа е доволна само за малцинска влада на изборниот победник, граѓанската партија ГЕРБ на Бојко Борисов и десноориентираниот Реформски блок. Тие во Парламентот треба да бидат поддржани и од националистичкиот Патриотски фронт и левоориентираната АБВ.

Борисов веќе беше премиер, тој стигна на функцијата во 2009 година со амбициозни цели. Неговите тогашни клучни ветувања беа сузбивање на организираниот криминал и корупцијата, но не успеа да ги одржи. Масовните протести на во меѓувреме се‘ посиромашните Бугари, конечно во февруари 2013 година доведоа до негов пад. Тоа што неговата партија сега повторно ги доби изборите и смее да застане на кормилото на државата, не е изненадувачки.

„Бугарија се врти во круг. Гласачите, поради недостиг од политички алтернативи, немаат вистински изборни можности“, вели поранешниот германски дипломат во Софија, Клаус Шрамајер за Дојче веле.

Нестабилен сојуз

Притоа, денешната задача на Борисов е потешка отколку во 2009 година, зашто земјата е економски исцрпена, а поддршката за неговата малцинска влада-несигурна. Нестабилниот сојуз од десничарите, левичарите и националистите претежно се одржува од причина што учесниците одбиваат нови избори, инаку речиси немаат програмски ништо заедничко. Соодветно на тоа, различни се и целите и ветувањата на коалициските партнери. Се зборува воопштено за „подигање на стандардот“ или не многу реалистичкото „трајно подигање на примањата“. Националистите стремат кон воведување на обврска за гласање.

„Ова е како голем подвижен дуќан, без конкретни водечки линии и стратегии, а поради непостоењето коалициски договор меѓу сите партии, исто така и договорно-необврзувачки“, оценува за Дојче веле Јохана Дајмел од Друштвото за Југоисточна Европа во Минхен. Притоа, таа укажува на важните реформи кои престојат, како на пример во енергетската политика и банкарството. Но, наместо да се носат одлуки, „веројатно само некако ќе се управува со земјата“.

Бојко Борисов и претседателот Росен ПлевнелиевФотографија: Reuters/S. Nenov

Сепак, и самото управување во Бугарија не е лесно. На земјата итно и‘ е потребна реформа на судството заради ограничување на партиско-политичките влијанија врз истражните органи и судовите. Политикологот Антон Тодоров ја фали новата влада за подготвеноста тоа да го направи, но не се сигурен во спроведувањето на реформите, зашто испреплетеноста на интересите во рамките на новата влада е премногу комплицирана.

Позитивен пристап

Напротив, за поздравување е тоа што новата влада планира промена на законот за изборите, за да спречи купување гласови. За поздравување и е намерата да се направат транспарентни сопственичките односи на пазарот на медиумите. Во амбициозните цели спаѓа исто така и натамошното поврзување на Бугарија со ЕУ и НАТО, а од другастрана намалувањето на енергетската и одбранбено-политичката зависност од Русија. Но, дали тоа ќе успее, Тодоров се сомнева. Зашто, со вицепремиерот Михајло Калфин од левичарската партија АБВ, во кабинетот влегува човек кој се залага за потесна поврзаност на Бугарија со Русија и за изградба на руските енергетски проекти во Бугарија.

Конфликтите се веќе програмирани, бидејќи коалицискиот партнер АБВ и Патриотскиот фронт ја задржаа отворена можноста за гласање против владата. Тоа ќе го принуди премиерот Борисов да бара постојано различно мнозинство. Колку долго може да опстои една вака нестабилна влада?

„Стабилноста на новата бугарска влада е на стаклени нозе. Сметам дека целосен легислативен период до 2018 година е многу неверојатен“, вели Јохана Дајмел.

Се чини дека Борисов остоумно ги пресметал консеквенците: токму „тешките“ министерства за правда, економија, здравство и социјала не се во надлежност на неговата партија ГЕРБ. Ако во овие ресори настанат болни реформи, премиерот веќе има однапред спремни жртвени јарци. А тие нему ќе му бидат и неопходни, за да може да ја оствари својата најголема интимна желба: во 2016 година да стане претседател на државата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми