Бугарија со дронови и војска ќе се штити од илегални бегалци
Ж. Ацеска
17 август 2017
Во борбата против нелегалната миграција, Бугарија планира масивно обезбедување на границата кон Турција со дополнително ангажирање војска и техника за надгледување, најави министерот за одбрана Каракачанов.
Реклама
Бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов за германскиот весник „Велт“ изјави дека бугарско-турската граница ќе биде поделена во пет зони. „Во секоја од овие зони ќе биде испратена по една вооружена единица од формат на чета, чија задача ќе биде да го чува соодветниот граничен сегмент. Ќе бидат ангажирани и специјализирани борбени единици“, изјави Каракачанов. Предвидено е во граничниот појас да бидат присутни вкупно до 600 војници.
„Во пракса се докажа дека војската е многу поефикасна во обезбедувањето на границите отколку полицајците“, тврди бугарскиот министер. Каракачанов, освен тоа, најави граничната линија да биде надгледувана со помош на видео камери и дронови, за да се спречи влез на илегални мигранти. Тој критикуваше што Европејците досега не успеаја да ја затворат Медитеранската рута за мигрантите. „Не можеме да дозволиме и натаму во Европа масовно да стигнуваат нелегални мигранти. Во Италија и во Грција треба да ангажираме трупи од НАТО или од ЕУ и во краен случај - надворешните граници на Унијата да ги браниме и со силата на оружјето“, истакна Каракачанов. Заменикот бугарски премиер дополнува: мнозинството од оние кои стигнуваат во Европа преку Средоземното Море, се економски мигранти. „Тие не се прогонувани, не им е потребна никаква заштита на животот, тие единствено сакаат да живеат во богата западна земја“, гласи неговата проценка.
Организацијата за човекови права Про Азил остро ги критикуваше изјавите на бугарскиот министер за одбрана. Тие се косат со меѓународното право и со човековите права, изјави директоорт на организацијата, Гинтер Буркард во Франкфурт.
Луѓето на Балканската рута
Стотици илјади луѓе пред една година патуваа кон север преку Балканската рута. Подоцна бројот на бегалците значително се намали, но сѐ уште преку Балканот минуваат илјадници луѓе. Марија Илчева сретна дел од нив.
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Родено во бегство
„Во Грција сме од пред шест месеци. Нашето бебе е родено во Турција“, раскажуваат Ахмад и Винус. Тие доаѓаат од село во близина на Латакиа. Во руските бомбашки напади загубиле сѐ.
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Десет години бегалец
Абдуламир има 49 години. Последните 10 години овој Ирачанец живее во бегство. Во февруари 2016 дошол во Грција. „Непосредно пред грчкиот брег се појави брод на турската крајбрежна стража. Тој предизвика големи бранови. Смртно се преплашивме.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Кон Германија, „како и останатите“
„Во Бугарија стигнав вчера - преку Турција. Одам за Германија, како и останатите“, вели со широка насмевка 18-годишниот Фарман од Пакистан. „Германија е многу убава. Таму сакам да работам како готвач. Можам многу добро да готвам.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
„Кон Германија - по секоја цена“
„Србите по трет пат ме вратија назад во Бугарија. Но, ќе се обидам повторно. Одам за Германија, по секоја цена“, вели 28-годишниот Пакистанец Васим (со бела маичка). „Многу други успеаја, ќе успеам и јас.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Две семејства од Кина
Во бугарскиот бегалски камп Пастрогор доминираат млади луѓе од Авганистан и Пакистан. Таму живеат само две семејства. Тие се Монголци од Кина. И тие сакаат во Германија. Доаѓаат од Шилин Гол во автономната територија Внатрешна Монголија во НР Кина. „Постојано сме изложени на репресии поради тоа што сме Монголци.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Во Германија за да биде таксист
Патот од Пакистан до Германија го чини 6 илјади американски долари. Али (лево) е две недели во бугарскиот камп Пастрогор. Сега чека повик од шверцерот. „Морам да заминам за Германија. Мора да ја поддржувам финансиски мојата фамилија во Пакистан. Можам да возам такси.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Христијанин меѓу муслимани
„Јас сум христијанин и постојано сум навредуван од муслиманите во овој бегалски камп“, вели 22-годишниот анестезиолог од Иран. „Можам да си претставам да живеам во Бугарија. Само морам задолжително да се тргнам од луѓето со поинаква вера. Тие ми додеваат.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
„Вратете ме назад“
„Please, Mister, please, deport. Pakistan“, го моли овој човек (десно) раководителот на сместувалиштето за бегалци во Пастрогор. Неговото дете тешко се разболело и тој бара да го вратат кај него. „Патувањето за Европа беше грешка“, вели тој. Не е единствениот што мисли така. Назад сакаат и некои бегалци од Авганистан.
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Тепан од полицајци
Хорам од Пакистан неколку дена е во бегалскиот камп во српскиот град Суботица. Тој веќе се обидел да ја мине границата со Унгарија. „Таму бев брутално истепан од унгарски полицајци. Зошто? Не разбирам.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Посредно преку Италија
Омар Хидад е во бегство 11 месеци. 23-годишниот Пакистанец во меѓувреме е во Србија. Од Суботица сака да продолжи за Италија. „Таму добиваме азил многу бргу. Потоа ќе можеме да патуваме каде што сакаме“, се надева Хидад.
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Надеж за враќање
„Две недели сум во Келебија и се надевам дека наскоро ќе смеам да поднесам барање за азил во Унгарија“, вели ова момче од Сирија на српско-унгарската граница. „Кога војната во Сирија ќе заврши, ќе се вратам назад. Сирија е моја татковина. Моето срце ѝ припаѓа нејзе.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
„Меркел нѐ покани“
„Што направи госпоѓа Меркел?“, прашува ова момче од Авганистан. Тој една недела е во транзитната зона на српско-унгарската граница. „Таа нѐ покани и сега? Сега ги затвори границите. Зошто?“