Бугарски политичар навредувал дипломатка
8 јануари 2014Бугарскиот ултранационалистички лидер Волен Сидеров навредувал француската дипломатска претставничка во Бугарија, која го одбила неговото додворување и ѝ се заканувал.
„Една француска дипломатска претставничка беше жртва на навреди и закани на еден бугарски државјанин за време на летот на компанијата ’Блгарија ер’ од Софија за Варна на 6 јануари вечерта“, се наведува во соопштението на француската амбасада.
Бугарското Обвинителство соопшти дека Французинката, која е аташе во Францускиот културен институт во Варна, била навредувана од Волен Сидеров (57), лидер на партијата Атака, кому ова не му е прв ваков инцидент.
Според бугарските медиуми, Сидеров се обидел да ја убеди Французинката за време на летот да седи покрај него, но таа го одбила, по што тој станал груб и се обидел да ја легитимира, на што немал право. Еден патник се вмешал за да и‘ помогне, но не успеал. Сидеров, кој е шеф на собраниската комисија за борба против корупцијата, патувал во Варна со двајца пратеници од својата партија.
Кавгата продолжила по слетување во Варна, во што се вклучиле и другите пратеници од партијата Атака, како и другите патници, од кои еден добил удар во пределот на главата, а Сидеров, според очевидци, удрил еден полицаец со бокс во пределот на лицето.
Партијата Атака има 23 пратеници во бугарскиот Парламент и ѝ дава премолчена поддршка на малцинската Влада на премиерот Пламен Орешарски, кого официјално го поддржуваат социјалистите и либералите.