1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарско вето во ЕУ: Има ли надеж за пробив?

14 декември 2020

Доколку се оди по линијата на рационалното, би можело да се очекува Софија да попушти, ако не сега, тогаш по завршувањето на изборите во Бугарија. Но, историјата не учи дека логиката не секогаш и била сојузник на Софија.

Justizministerin Ekaterina Zaharieva Bulgarien Boyko Borissov
Фотографија: BGNES

Нов КОРЕПЕР- нова надеж за Северна Македонија дека годинава ќе ги отвори преговорите со ЕУ. Состанокот на амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во Брисел в среда, денеска одново ги засили надежите дека можеби ќе дојде до промена на бугарската позиција, откако веќе на двапати во еден месец, Софија го блокираше одржувањето на првата Меѓувладина конференција. Вицепремиерот Никола Димитров веќе се обиде да ги спушти очекувањата, изјавувајќи дека нема „намера да покренува големи надежи“, но потенцира дека и германското претседателство „се обидува да изврши пробив“. Официјален Берлин, засега, не споменува можен пробив, но без престан„ја бомбардира“ Софија со критики. Последната беше колумната на државниот министер за Европа, Михаел Рот во весникот Велт, каде уште еднаш и порача на бугарската влада дека „не може да го држи во заложништво" пристапниот процес кон ЕУ во кој, освен Северна Македонија, делумно страда и Албанија.
Не е тајна дека преговорите меѓу Скопје и Софија во некоја форма и натаму течат, и тоа веројатно со посредство на Берлин. Според неофицијални информации, можно е поттикот за новиот обид за пробив да доаѓа од минатонеделниот самит на ЕУ, кога лидерите во живо се сретнаа во Брисел.
Паралелно со амбасадорскиот состанок во Брисел, најавено е дека и министерот за надворешни работи Бујар Османи заминува во посета на неколку европски главни градови. Сето тоа укажува дека е во тек некаква нова дипломатска офанзива, но прашањето е колку е реално таа да заврши со решение до крајот на годинава.

Што е на маса?

Официјално, никој не кажува што е на маса во оваа рунда преговори. Неофицијално, од последната изјава на Бојко Борисов по средбата со македонскиот пратеник Владо Бучковски, може да се заклучи дека сега Софија е фокусирана на две барања: гаранции за суверенитетот преку користење на полното име Република Северна Македонија, и дополнителни гаранции за македонското малцинство во Бугарија. Во таа насока, интересно е што и шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева денеска ги рефокусираше барањата кон Скопје и ги ограничи на две најважни: Почитување на Договорот за добрососедство и откажување од било каква претензија за македонско малцинство во Бугарија.
„Северна Македонија се обврза да не покренува никакви малцински барања во Бугарија... Ова, имено би значело, дека една третина од бугарското население, жителите на регионот Пиринска Македонија, се малцинство!“, објаснува денеска Захариева во интервју за Еуроњуз.  Ова е исчекор во однос на изјавите со кои се расфрлаше Захариева во последниот период, почнувајќи од интервјуто за Ројтерс на 31 октомври. И тогаш таа инсистираше на македонското малцинство како на клучен проблем за Бугарија, но решението го гледаше поинаку:
„Нашите грижи потекнуваат од бескрајните тврдења за македонско малцинство во Бугарија. Признавањето на бугарските корени ќе му стави крај на тоа“, рече тогаш Захариева, објаснувајќи дека проблемот ќе се реши „доколку Скопје признае дека македонскиот јазик и идентитет имаат бугарски корени."

Претседателите Румен Радев и Стево Пендаровски во СкопјеФотографија: Cabinet of the President of Republic of North Macedonia

Оптимистичко и реално сценарио

Доколку ја оставиме настрана дилемата дали Софија на овој начин само ги денфува острите реакции на нејзина сметка кои стигнуваат од повеќе страни на светот и се обидува да прикаже подготвеност на компромис за да го намали притисокот врз себе, тоа остава пред нас две сценарија: оптимистичко и реално. 

Оптимистичкото би било дека Борисов би се задоволил со дополнителни гаранции околу користењето на уставното име и малцинствата во Бугарија и би дал зелено светло уште до крајот на годинава или на почетокот на следната. Реалното е дека, дури и да му се видат прифатливи понудите од Скопје, веројатно нема да ризикува ништо до крајот на предизборната кампања во Бугарија, со оглед на тоа што му расте рејтингот (Пендаровски) со билдање на кризата со Скопје. 

-повеќе на темата: Борисов можеше да испише историја, а тој дозволи да биде уценуван

Во прилог на тоа зборуваат и изјавите од петочната средба во Лисабон на португалскиот и австрискиот министер за надворешни работи Сантос Силва и Александер Шаленберг. На заедничката прес-конференција Шаленберг де-факто го наметна почетокот на пристапните преговори како еден од приоритетите за португалското претседателство и рече дека се надева дека Македонија и Албанија ќе ги започнат преговорите во следните шест месеци. Сантос се согласил дека темата ќе биде на агендата на португалското претседавање, без посериозни ветувања.

Покрај сите проблеми (Ковид, Брегзит, буџет, владеење на правото) со кои се соочува ЕУ, нереално е да се очекува дека Лисабон ќе го стави проширувањето во врвните приоритети, ниту пак дека ќе има енергија да се занимава со него со истиот ентузијазам како што тоа го правеше Германија. Затоа и обидите на Берлин да ја турка до последниот ден од своето претседавање темата за проширувањето, делуваат како обид таа да остане високо на агендата и во следните шест месеци, а во истовреме да се одржи притисокот врз Софија со постојаните критики. Играта, се чини, не е кој што ќе прифати, туку кој ќе има храброст да одбие и со тоа да си го навлече гневот на Берлин. 

Логична разврска?
Истовремено, тоа што Рот постојано го повторува и директно ја критикува Бугарија, кажува многу и за интересот на Германија да се протурка Северна Македонија кон ЕУ, но и за рејтингот кој го ужива Софија во водечките европски престолнини и особено во Берлин по двете вета. Исто толку важно е што и Рот и други германски политичари постојано повторуваат дека проширувањето на ЕУ кон Западниот Балкан е интерес на Германија, и на ЕУ. Со ваквото однесување Бугарија директно ги загрозува тие интереси, и тоа, доколку така остане, нема да мине без последици, без оглед кој ќе ја предводи идната бугарска влада. 

-повеќе на темата: Македонско-бугарски спор: Каноните на Тодор Живков

И конечно уште еден важен момент кој зачестено се споменува е доаѓањето на новата администрација на Џо Бајден во Вашингтон, и надежта дека повторно ќе зајакне соработката меѓу САД и ЕУ во однос на Западниот Балкан. Случајно или не, веќе слушнавме повеќе остри критики од поранешни и актуелни американски претставници (Олбрајт, Рикер) упатени кон Бугарија.
Кога сето тоа ќе се собере, извесно е дека Бугарија ќе се соочи со голем притисокот во следниот период, и ќе и биде тешко да продолжи да работи директно против интересите на двата клучни сојузника. Но тоа би била една логична разврска.

Историјата сепак не учи дека Бугарија не секогаш делувала рационално и мудро во својата политика кон Македонија. Од Втората балканска војна (Смилов), преку судирот со Советскиот сојуз во 1970-те години, па се до последниот со Германија (и ЕУ) бугарската историја е преполна со ирационални одлуки токму за „македонското прашање“. Притоа, не смее да се заборави дека освен мартовските парламентарни, следната година Бугарија ја очекуваат и претседателски избори наесен.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми