1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарско вето

27 април 2022

Наместо Северна Македонија требаше да се викаме Вето-изирана Македонија, бидејќи овој збор е поприлично одомаќинет кај нас, а воедно и целосно ги одбележа овие 30 години независност. Пишува Никола Тодоров

Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Фотографија: DW/B. Gerogvievski

Вето, вето, вето. Ова кратко зборче како да е судбинско за нас. Ова зборче уништи многу генерации. Ја уништи перспективата во државата и беше клучно во креирањето на еден тотално нефункционален државен систем. Ова зборче ѝ даде горчлив вкус на демократијата и слободата и креираше илузија дека комунистичкиот систем е подобар од слободата и демократијата. Жално е да се констатира, но Македонија е веројатно земја која има „попиено“ најмногу вета во историјата на светот. 30 години вето, секоја една година. Наместо Северна Македонија требаше да се викаме Вето-изирана Македонија, бидејќи овој збор е поприлично одомаќинет кај нас, а воедно и целосно ги одбележа овие 30 години независност.

Еве и  Бугарија,  нема да го тргне ветото, туку ќе го одложи. На прв поглед, овој наратив делува негативно, но доколку подлабоко се размисли, можеби ова да е и одлична вест. За првпат во нашата историја како самостојна и независна држава, барем некое време нема да бидеме под вето. Се надевам дека овој вето-слободен период ќе трае подолго од Крушевската република.

-други колумни од авторот: Путиновата војна, рамноземјашите и нашиот влез во ЕУ

Но, доста со сарказмот. Работата е пресериозна за саркастични досетки или сатирични текстови. Сериозната анализа говори дека ветото ќе стои во позадина како дамоклов меч, со можност во секое време да се активира. Ова значи дека Македонија ќе почне да се движи по европскиот пат и ќе ја напушти вечната станица наречена западен Балкан, но, ова значи и дека на секое едно поглавје може повторно да бидеме уценувани и/или блокирани. Тука постојат повеќе ризици. Првиот е опасноста од т.н. подвижна цел, односно опасноста на секое поглавје да ни бидат испорачувани нови, потешки услови. Второ, денес  Бугарија личи дека има разумен премиер кој е ориентиран кон иднината и не е заглавен во минатото. Но, како ќе биде утре не знаеме. Можно е оние кои сакаат Македонија да ја држат заглавена на вечната станица наречена западен Балкан да ги активираат своите пиони и послушници и да му ја срушат владата на г-дин Петков.  Сепак на крај на денот, Петков е политичар, па доколку биде исправен пред предизвикот Влада или Македонија, изборот ќе му биде едноставен и лесен. Трето, овие кои сакаат да ја имаат Македонија како остров на нестабилност на Балканот имаат свои пиони и послушници и во Македонија, па јасно е дека максимално ќе ги користат и овие полуги за да оневозможат поволен развој на односите помеѓу Бугарија и Македонија. Четврто, не се знае дали ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за отворање на Уставот заради внесување на Бугарите во нашиот Устав, а гледам дека ова ќе биде еден од основните предуслови за придвижување на преговорите во правец со можен поволен исход. Петто, владите во останатите земји на ЕУ можат да бидат под сериозен домашен притисок за замрзнување или напуштање на процесот на проширување со земји кои не ги делат целосно (или воопшто) вредностите на западните либерални демократии, па тогаш, дури и да имаме позитивен развој на односите со Бугарија, сепак да бидеме блокирани. Само да ве потсетам на француското вето (тогаш немавме проблем со  Бугарија).

-други колумни од авторот: Попис на стари или пензионерите се нашата иднина

Предлагам да усвоиме друга државна стратегија која ќе се базира повеќе на предвидливост, а помалку на молење. Правецот кон  ЕУ не треба да го напуштиме. Напротив, треба да останеме на тој правец, но паралелно да отвориме и да тргнеме и по паралелен пат во истиот правец. Предлагам паралелно со отворањето на преговорите за членство во ЕУ, да отпочнеме и преговори за членство во ЕФТА - Европска асоцијација за слободна трговија. ЕФТА е основана во јануари 1960 година, а денес има четири земји членки - Швајцарија, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн.

Членот 56 од Конвенцијата за основање на ЕФТА предвидува дека секоја држава може да пристапи кон оваа Конвенција, под услов Советот да одлучи да го одобри нејзиното пристапување, под условите што можат да бидат утврдени во таа одлука.

Целите на ЕФТА се: (а) да промовира континуирано и избалансирано зајакнување на трговските и економските односи меѓу земјите-членки со фер услови на конкуренција и почитување на еквивалентни правила, на територијата на ЕФТА, (б) слободната трговија со стоки, (в) прогресивно да се либерализира слободното движење на лица, (г) прогресивна либерализација на трговијата со услуги и инвестиции, (д) да се обезбедат фер услови на конкуренција кои влијаат на трговијата меѓу земјите-членки, (ѓ) да ги отвори пазарите за јавни набавки на земјите-членки, (е) да обезбеди соодветна заштита на правата на интелектуална сопственост, во согласност со највисоките меѓународни стандарди.

-други колумни од авторот: Обесете ги боксерските ракавици и фатете се за работа

По влезот во ЕФТА, ќе станеме и полноправна членка на Европската економска област (ЕЕО), бидејќи членки на ЕЕО може да бидат само земјите кои се членки на ЕУ или на ЕФТА.

Европската економска област (ЕЕО) била основана на 1 јануари 1994 година, врз основа на договорот меѓу земјите-членки на Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА) и Европската заедница. Овој договор дозволува Исланд, Лихтенштајн и Норвешка да учествуваат во внатрешниот пазар на ЕУ, без редовно членство во ЕУ. ЕЕО се заснова на истите „четири слободи“ како и Европската заедница: слободно движење на добрата, луѓето, услугите и капиталот меѓу земјите на ЕЕО.

Откако ќе станеме полноправна членка на ЕФТА, многу полесно ќе можеме да станеме дел од  Шенген зоната,  која е составена од 22 членки на ЕУ, и од земјите од ЕФТА. Ако станеме дел од Шенген зоната помеѓу нас и Грција на пример, нема да има гранична контрола. Да потенцирам дека Бугарија не е членка ниту на ЕФТА ниту е дел од Шенген, па не може да ни стави вето. Наша национална стратегија треба да биде да станеме дел од Шенген зоната пред Бугарија. Инаку, можно е земја која не е членка на ЕУ да стане дел од Шенген зоната, бидејќи ниту една земја членка на ЕФТА не е во ЕУ, а сепак сите се дел од Шенген.

И за крај, не е прашање дали можеме да станеме членка на ЕФТА, ЕЕО или ЕУ, туку дали можеме да станеме нормална, развиена, економски силна, либерална европска демократија! Ако ова го можеме, другото е лесно.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми