1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Булдожери и sидари

27 август 2020

Напати повторуваната заложба за владеење „во следните четири години” од страна на Зоран Заев не е само протоколарна или визионерска порака. Туку е потствесно признавање на кревкоста на неговиот конструкт.

Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

На крај, добивме Влада со сиклет Премиер, задоволни министри, среќни пратеници и незадоволни партии од власта и опозицијата. Добрата страна на овој конечен исход е што за прв пат по повеќе од деценија, добивме извршно-законодавен распоред на сили кој овозможува ревитализација на checks and ballances како инструмент на добро владеење. Гарантиран како од деликатната распределба на министерски портфолија помеѓу лидерски послушници на Заев  и Ахмети од една страна,  и партијски мастодонти од друга, така и од тесното мнозинство и дифузијата на парламентарниот состав со моќна – иако раштракана – опозиција. Сегашното тенко мнозинство може да биде надминато во месеците пред нас низ евентуални прелети од опозицијата кон власта. Но и доколку тоа не се случи, токму таквото тенко мнозинство може да биде гарант за долговечност на Владата диктирана од непријатните изборни резултати, посебно за владејачката партија. Стравот ги чува лозјата, а на Заев фотелјата колку што може подолго. 

Напати повторуваната заложба за владеење „во следните четири години” од страна на Зоран Заев не е, затоа, само протоколарна или визионерска порака. Туку е потствесно признавање за кревкоста на неговиот конструкт. Таа сосема легитимна аспирација на секој Премиер, за владеење во цел мандат, може да допринесе кон релаксација на односите и пауза од сезонските нервози на предвремени избори. Но легитимноста на аспирацијата во случајот Заев е озбилно предизвикана од легитимитетот на неговите докажани поведенија и политики кои ја исцртуваат лошата страна на финалниот исход. Изборот на негови министри од коалицијата „Можеме” е предвесник на таа лоша страна, во која интересот на неговото лично преживување има предимство пред обрската да реално се подобрат состојбите во државата.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Природата на негово владеење изградено врз деструктивната логика за преживување преку ништење на соперникот – било да е ВМРО-ДПМНЕ или ДУИ – не само што беше декласирана на последните избори, туку е и веќе катализатор на незадоволството во неговата сопствена партија. Деструктивизмот на Заев започнат со рушење на Бранко, рушење на Никола, рушење на Мицкоски, рушење на Али, не донесе до никаква новоградба, до никаква новина, до никакво подобрување на животот на граѓаните, но затоа го изгради неговиот имиџ на пред-изборен забревтан булдожер, но не и на пост-изборен конструктивен зидар. Во следните неколку месеци, таа негова природа ќе биде изложена на тест: дали ќе продолжи да владее преку сатанизација на политичката опозиција или пак преку испорачување на ветеното? Судејќи според изборот на министри и непрекинатата медиумска кампања против Мицкоски и Ахмети, не личи дека Заев има намера да ја смени стратегијата која нему му носи пирови победи, на опозицијата пизма а на граѓаните причина повеќе да чарето го бараат во иселување. 

Други колумни од Арсим Зеколи:

-Националистичкиот антинационализам

-Мирно пост-изборно дипломатско лето

-Како медиумите ги загубија изборите

Али Ахмети сеуште парадира, обвиен со ловорови венци на победник. Интересно е што овој Али Ахмети, денес и овде, за прв пат ја отфрли маската на скромност и се зададе во невидена парада на самофалење и самопромоција. Како што можевме да сведочиме во неговото последно тв интервју, во кое самоуверено им порача на албанските опозиции дека е време да ги оотфрлат сегашните и именуваат нови лидери. Инаку, вели првиот од ДУИ, на следните избори ќе ги победи уште поубедливо и ќе ги преполови од сегашните 12 на шест мандати. Реално, тоа и не е толку невозможна мисија, со обзир на паметта на опозицијата. Но славољубието дава причина за сомнеж дека Ахмети веќе почнал да позира пред огледало со рака ставена во пазуви и наполеонски дигнат нос.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Искрено, по сите скарам-сакам моно-етнички националистички дуети на Мицкоски и Заев, галамења на Села-Таравари и лигавења на Гаши-Реџепи, кој може да му го одрече тоа право на Ахмети да парадира и крека како Какаду во џунгла? Наведените партии секако не. Но неговата партија – секако да, и тоа веќе го прави. Опозиционерите би сакале да тековната кавга во ДУИ ја претстават како игранка смислена да прикрие ова или она. Но природата на личните интереси во позадината на препукувањата е потврда дека сепак станува збор за вистинска тензија и незадоволство. Вократко, какаду-парадирањата со шарени пердуви сепак не се доволни да се одвлече вниманието на јавноста од дилемата  дека со отказот кон Меџити, лидерот на ДУИ е ставен во чевлите на Груевски во 2015 кога по извршна команда мораше да се откаже од услугите на Мијалков и Јанкуловска. Леснотијата со која Ахмети ги фрла во отпад Хазби Лика, Садула Дураку, Беќир Асани беше овозможена поради согласноста на јавноста и мирот во партијата обезбеден преку Изет Меџити како последниот мохиканец на УЧК. Но таа леснотија е далеку потешко проголтлива кога на нивни места треба да се инсталираат ликови како Артан Груби, Фатмир Бесими и Бујар Османи кои се презрени од членството, Албанците и најмногу во круговите на УЧК кои отворено се сомневаат во чесните мотиви на нивниот командант.

Комично парадоксално е што истиот Али Ахмети кој на Алијансата и Беса им порачува да ги сменат Зијадин Села и Африм Гаши поради поразот на изборите, е истиот Ахмети кој во сопствената партија ги промовира губитниците Османи и Груби и сурово ги казнува победниците Меџити – Беџети. Кои впрочем и му го овозможија сегашното какаду-парадирање пред камери. Спремноста на Ахмети да ја исполни командата за чистка на УЧК од ДУИ би била барем помалку поднослива во партијата и јавноста доколку на нивно место би се нашле некои други ликови, посебно прифатливи за средната класа создадена од партијата. Во тој мал детаљ лежи парадоксот на одлуките на Ахмети. За разлика од создадениот медиумски привид во јавноста, подемот на реформскиот курс во ДУИ повеќе е заслуга на командантските кругови, вклучително Лика, Асани и Меџити, отколку на бирократските вртелешки Бесими, Груби, Османи. Кои сопственото "интелектуално модернистичко” преидмство го обезбедуваа преку љубоморно ништење на секој лик и фигура која ја сметаа како загроза по нивната доминација. Благодарение на Ахмети и медиумите, Бесими-Груби-Османи може да се сметаат како "современи реформисти” единствено во споредба со Асани-Меџити-Лика. Но во секоја друга споредба тие се ништо повеќе од обични комунистички-моделирани, командантски селектирани, амбасадно протежирани, мијалковистички контролирани дво-димензионални имитации на прогресивното. Нивната промоција не означува засилување на прогресивниот, реформистички залет на ДУИ, туку напротив – го означува крајот на тој дух, по идентичен рецепт и мотив кој можевме да го видиме во СДСМ под Заев.  

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Повеќе на темата:

-Програма на Владата: План за рестарт

-Новата влада на Заев фокусирана на домашните проблеми

-Заев го чека тежок пат по калдрма

Но Али Ахмети сепак не е веќе алфа и омега на неговата партија. Како што и самиот беше принуден да (несвесно) признае за непознаницата околку лиферуваните вести во приштинскиот печат за неговото повлекување од лидерската позиција и препуштање на ДУИ во рацете на Артан Груби како в.д. Претседател – до следниот партиски Конгрес. Обидите да таквите вести, објавени во жарот на тепачките во Чаир, со пелтечење ги претстави како "теории на завера од некои кругови” и "лажни вести” се само потврда дека и тој самиот е свесен за делувањето на механизми надвор од неговата контрола. За разлика од заборавната јавност, лидерот на ДУИ добро памети дека неговиот подем, како и на неговиот шеф на кабинет, започна со симнување од Приштина во Мала Речица. Она за што Али е помалку свесен додека се мерка наполеоновски во огледало, е дека неговите сопартијци се далеку пољубопитно загледани во темницата од која се има инсталирано.

Ова мора да звучи како мелем врз ушите (или очите, де) на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата, Беса, Груби, Османи и медиумската камарила која отече веќе во исчекување на падот на Ахмети за слобода на Македонија, т.е. нив. Вистина, за разлика од некогашните изјави дека ќе се повлече штом влеземе во НАТО и тргнеме кон ЕУ, Ахмети сега јасно изјавува дека нема намера да се повлече. Ќе си дозволам да интерпретирам – не му е желба да се повлече. Но, за жал на набројаните, дури и доколку се случи неговата посакувана демисија, тоа нема да биде од нивна голема корист. Самиот состав на Владата укажува дека СДСМ ја има примено пораката од Албанците „не сметајте на нас” и затоа се преориентираат од формулата едно-општество, една-партија, еден-лидер, кон старата формула на коалиција на етнички партии/ заедници. ВМРО-ДПМНЕ со новата вмровштина со вкус на сдсмовска интелектуала останува на курсот на македонско национално единство во Северна Македонија. Експериментот со граѓанското е завршено.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Но завршено е и со експериментот на албанската опозиција за капитализирање од гневот на јавноста кон ДУИ. Моралната вертикала на Таравари-Села и Реџепи-Гаши која ги правеше поразлични од ДУИ е веќе потрошена и отфрлена по нивното покорно и некритичко прифаќање на партнерство со Заев и Мицкоски. Со што водствата на двете партии им ставија на знаење дека во принцип ним им пречи само крим-корупцијата на нивниот етнички ривал, но далеку од тоа дека имаат проблем со онаа во македонскиот кампус. Таквиот селективен пристап кон моралот воопшто и криминалот осоебено, ги делегитимира двете партии како веродостојни надежи за реформи во албанскиот кампус и ја ревитализираа прифатливоста на самата ДУИ како „ѓавол кој барем го познаваш”. Опозиција која сеуште калкулира со пизмата кон ДУИ, инсистира на популизам без професионалност, промовира патриотска чест и исламистички морал во политика, е опортунистичка опозиција која следи, но не предводи; вика, но не убедува; со прст покажува, но прст на глава не клава. Лидерите на опозицијата не мора да дадат оставки, како што посакува Ахмети. Но лидери без идеја, визија и јасен став ќе си останат на чело на партии токму какви што посакува Ахмети.  

       

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми