Бундесверот уапсил водач на талибанците
23 октомври 2012Војниците од германската елитна воена единица КСК од Бундесверот, според извештај на весникот „Билд“, го уапсиле еден од најбараните водачи на талибанците во Авганистан. Станува збор за т.н. гувернер во сенка во провиницијата Кундус, Мула Абдул Рахман, кого припадниците на КСК и на авганистанските безбедносни сили го уапсиле со уште едно лице во петокот, за време на средба на високи водачи на талибанците. Командата на мисијата на Бундесверот во Потсдам го потврди апсењето. И владата на провинцијата Кундус ја потврди акцијата. Нејзин портпарол истакна дека уапсениот талибански водач е одговорен за бројни напади. Рахман, според проценките, е одговорен и за убиството од заседа на тројца германски војници во Авганистан на Велипеток, во 2010. година. Освен тоа, тој издал наредба за кражба на двете цистерни со гориво во 2009. година, при чие бомбардирање по барање на Бундесверот, беа убиени најмалку сто луѓе.
Весникот „Билд“ пишува дека апсењето на талибанскиот водач, држено во тајна, не е единствената успешна акција на КСК овој месец. На 12. октомври припадниците на елитната единица КСК уапсиле талибански водач во провинцијата Баглан.
ЖА/дв/дпа/афп