Бундесверот ќе остане на Косово
6 април 2004
Германскиот министер за одбрана Петер Штрук за време на вчерашната куса посета на Косово и на војниците на Бундесверот потврди дека германското воено присуство во покраината нема да биде редуцирано. Безредијата против Србите од средината на март тој ги оцени како тежок удар за меѓународните мировни напори на Косово. Тој во Призрен разговараше со младите војници кои беа сведоци на безредијата. Веднаш по пристигнувањето во Приштина тој разговараше со германскиот генерал Холгер Камерхоф кој командува со сите меѓународни единици – околу 25 илјади во моментов. За разлика од засилувањето со данските и американските војници кои веќе се повлекоа, Бундесверот ќе остане изјави Штрук:
“Германија ќе го задржи присуството на Косово. Околу 3 илјади и 800 војници ќе останат тука стационирани“.
Штрук изјави дека станува збор за тежок удар. Германската влада е разочарана од безредијата во март, изјави Штрук изјаснувајќи се за поголема улога на Европската унија на Косово:
“Главната улога овде ја имаат Обединетите нации и НАТО и тоа нема бргу да се промени. Мислам дека како Европска унија треба да преземеме поголема политичка одговорност, меѓу другото во одреден интервал Обединетите нации, НАТО и Европската унија да се среќаваат во Приштина на разговори за статусот“.
По кусата прес-конференција во главната команда на КФОР, Штрук ги посети уништените домови во Призрен, каде што разбеснетите косовски Албанци го разурнаа и седиштето на православната црква. Беше нападнат и соседниот манастир кој сега германските војници го обезбедија со бодликав тел, подеднакво како и многу други градби. Тажна слика која не кажува ништо добро за иднината на Косово, во што Штрук можеше лично да се увери.