1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фудбал

Бундеслига: На стадиони само вакцинирани и излечени?

Штефан Нестлер
14 август 2021

Дали на стадионите ќе можат да одат само вакцинирани и излечени? Околу ова се кршат копја на стартот на новата сезона на Бундеслигата. Некои клубови се за тоа, други се неодлучни.

Deutschland Impfaktion beim VFB-Stuttgart
Фотографија: Thomas Kienzle/AFP/Getty Images

Никој од 18 клубови на првата Бундеслига не оди толку далеку кога е во прашање коронавирусот како Келн. Од вториот натпревар на домашен терен, кој на програмата е на 28 август, клубот сака влез на стадионот да дозволи само на навивачите кои се вакцинирани против Ковид-19 или се опоравиле од инфекцијата. Исклучок се деца и лица кои поради својата здравствена состојба не можат да се вакцинираат.

Уште за првиот меч дома, кој се игра утре, на 15 август, клубот од Келн сака да продава влезници првенствено на вакцинирани и оздравени навивачи. Само илјада од досега планираните 16.500 влезници се предвидени за тестирани лица, првенствено деца и млади.

„Вакцинирањето е во целост лична одлука, која треба да се почитува. Но, ние имаме одговорност кон многу, многу навивачи кои се вакцинирани“, изјави директорот на клубот Александар Верле за весникот „Генерал анцајгер“.

„Задолжителна вакцинација на мала врата“

Копјата се кршат околу прашањето дали на стадион смеат да дојдат само вакцинирани и излечени или и тестирани лица. Јан Мајер, директор на Хофенхајм, го отфрла келнскиот модел и вели дека тоа е „воведување на задолжителна вакцинација на мала врата.“

Одговорните во Борусија од Дортмунд се наклонети кон келнското решение. „Кај нас се фаворизира решение на стадион да смеат само вакцинирани и излечени. Кога знаеш дека на стадионот 90 до 95 % посетители се вакцинирани, тогаш имаш чувство на поголема сигурност“, изјави директорот Ханс Јоахим Вацке на годишната конференција за новинари. „Ако веќе секој имал можност да се вакцинира, тогаш ние како домаќини можеме јасно да ставиме на знаење дека тоа го сметаме за разумно“.

Ако инциденцата е под 35 заразени на 100.000 жители во седум дена, на стадион во Дортмунд можат да влезат и тестирани навивачи. Но, ако тој број се зголеми, тогаш Борусија ќе дозволува влез само на вакцинирани и опоравени.

Од старите времиња пред коронавирусот - стадионот на Борусија полн со гледачи во 2017 година Фотографија: picture-alliance

Бесплатна влезница за вакцинираните

Клубот од Дортмунд во јуни својата арена ја стави делумно на располагање за вакцинирање. Оној кој ја прифати таа понуда, можеше да ја искористи приликата и да се фотографира со пехарот. На повикот се одѕваа 3.000 луѓе. Фрајбург за илјада луѓе кои следниот викенд ќе се вакцинираат на фрајбуршкиот саем, вети бесплатна влезница за еден натпревар на новиот стадион на клубот.

-повеќе: 

Дали коронавирусот го разединува општеството?

Без тест, невакцинираните нема да имаат пристап ни во отворени, ни во затворени објекти

Треба ли вакцинираните да имаат повеќе права од невакцинираните?

За разлика од Келн и Дортмунд, други клубови од Бундеслигата порадо би сочекале со одуката за пристап на невакцинирани лица на стадионите. Нивното мото отприлика гласи: „Зошто да се истрчуваме? Да сочекаме прво политичарите да си ја одработат својата работа“, - пред сѐ во поглед на тоа колку гледачи воопшто смеат да влезат на стадион! Ајнтрахт од Франкфурт најави дека во нужен случај ќе оди и на суд.

Колу фудбалери не се вакцинирани?

Германската фудбалска лига (ДФЛ) пред почетокот на сезоната апелира до клубовите да се погрижат за вакцинирање на што повеќе играчи. „Секој има слобода да се вакцинира или не. Но, тогаш постои и обврска да се направи максимално што е можно против инфицирање со коронавирус“, стои во писмото кое на клубовите им го испрати директорот на ДФЛ, Кристијан Зајферт.

Неодамна имаше случаи на зараза во Борусија и Штутгарт. Не се знае колку професионални фудбалери во Бундеслигата се вакцинирани. „Ние сме речиси сите вакцинирани. Има неколку играчи, но не многу, кои не се вакцинирани и тие мора секој ден да се тестираат. Ние сепак се обидуваме да ги убедиме“, изјави пред неколку недели спортскиот директор на Херта, Фреди Бобиќ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми