1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундестагот гласаше „за“ генетски тестови на ембриони

7 јули 2011

Германскиот парламент денеска донесе одлука во полза на преимплантациона дијагностика (ПИД). Расправата беше жестока, зашто во процесот на вештачко оплодување се крие и можност за создавање „дете по желба“.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Станува збор за медицински метод кој не е нов, туку се користи веќе две децении. Но, сознанијата од анализата на човечкиот генетски материјал (ДНК) отвори големи можности за анализа на вештачки оплодена јајце клетка уште пред таа да биде всадена во мајчината утроба. Така, во 2009 година, во Велика Британија, е родено првото бебе кај кое со помош на генетска анализа на плодот е утврдено дека тоа нема да има ген кој се поврзува со ракот на дојката.

Предности и делими

Од друга страна, во САД практично нема правила за овој метод, па не е невозможно идните родители, со помош на таква дијагностика, на лекарите да им кажат каков пол треба да има бебето што треба да се роди.

Сознанијата од анализата на човечкиот генетски материјал (ДНК) отвори големи можности за анализа на вештачки оплодена јајце клеткаФотографија: picture-alliance/dpa

Колку и да звучи привлечно таквата „генетска контрола“ на оплодената јајце клетка, останува отворено прашањето - што е со плодот кој не задоволува некои критериуми на амбициозните родители? Дали тој мора да заврши во отпад само затоа што нема вистински пол или затоа што би требало да има црна коса, а нема?

Расправата во германскиот парламент за дозвола или забрана на вакви дијагностички методи е оптоварена и со искуствата од минатото. Во најмрачниот перид на земјата, нацистите ширеле монструозни идеи за „чиста раса“. Оттука, не е тешко да се соберат многу застапници за забрана на каков било „инженеринг“ на бебиња уште пред тие да бидат родени. Гинтер Крингс, конзервативен христијански демократ, вели дека ниту еден законодавец, никаква комисија и никаков лекар не смеат да одлучуваат за животот, за тоа дали е тој вреден или не е вреден за живеење. Застапници на ваков став има практично во сите партии во парламентот.

„Не“ за забрана, но „не“ и за дозвола

Фотографија: Fotolia/Karen Roach

Повеќе застапници, сепак, има став кој е наклонет кон прагматично решение: да нема целосна дозвола за избор на плодот, но и би било неодговорно да се забрани дијагностички метод со кој што би можела да се предвиди смртта на плодот во мајчината утроба. Умерените застапници на овој метод наведуваат два исклучоци во кои преимплантационата дијагностика (ПИД) би била дозволена - доколку постои оправдано стравување за животот на плодот и доколку, поради наследни болести што ги носат родителите, постои голема можност од тоа да биде погоден и плодот.

Од раните 1990-ти години во светот се родени околу 10 илјади ПИД-деца. Според проценките, доколку ПИД биде официјално дозволена во Германија, нејзе би ја искористиле околу 200 парови.

Автор: Анѓелко Шубиќ / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми