Бундестагот го призна геноцидот врз Ерменците
24 април 2015 Претседателот на Бундестагот Норберт Ламерт ја отвори дебатата посветена на одбележувањето на 100-годишнината од масакрот врз Ерменците со оценка дека станува збор за геноцид: „Она што се случуваше пред очите на светот во Отоманската империја за време на Првата светска војна беше геноцид“. Тој ја повика турската влада да ја прифати одговорноста за злосторството, потенцирајќи дека не ја смета за директно одговорна.
Ламерс се осврна и на улогата на Германија, во тоа време сојузник на Турција, чии трупи биле вмешани во планирањето, па дури и во имплементацијата на депортациите.
Резолуцијата, која беше заеднички прифатена од владејачките партии ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел и СПД, го изедначува ова злосторство со останатите од 20. век: „Судбината на Ерменците служи како пример за историјата на масовни злосторства, етнички чистења, депортации и конечно за геноцид, кој така ужасно го карактеризираше 20. век“. Притоа, во резолуцијата се укажува дека холокаустот било најужасното од тие злосторства и за него „единствена вина сноси Германија“.
Двете најголеми опозициски партии во Бундестагот, Левицата и Зелените, оценија дека резолуцијата не е доволно остра. Ула Јелпке, пратеничка на Партијата на Левицата, ја обвини владата дека се исплашила од одговорот на Турција и рече дека е време „отворено да му се каже мислењето“ на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Чем Ездемир, лидер на Зелените, ја критикуваше резолуцијата која, според него, повторно не го квалификувала злосторството доволно јасно како „геноцид“. „Им должиме на жртвите да не испуштиме ништо и да ги наречеме нештата онакви, какви што се’. Оние кои се справуваат со грешките од историјата, не се понижуваат себеси, туку напротив, растат“, рече Ездемир.
Германската агенција ДПА во извештајот од дебатата во Бундестагот забележува и дека, наспроти вообичаената пракса кога се во прашање меѓународни теми и односи со други држави, на денешната расправа за збор не се јавија ни канцеларката Ангела Меркел, ниту министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер, ниту било кој друг член на владата.
Лобирање на Турција
Во изминатиот период Турција жестоко лобираше да спречи повеќе држави да го оквалификуваат злосторството како геноцид. Минатиот месец беше отповикан амбасадорот од Ватикан, откако Папата Франциско го употреби тој термин. Во четвртокот (23.04) беше отповикан и амбасадорот од Виена, откако австриските парламентарци се одлучија на сличен чекор.
По говорот на германскиот претседател Јоахим Гаук, во кој тој исто така го употреби зборот геноцид, турските медиуми реагираа жестоко. Онлајн-изданието на весникот „Хуриет“ ги оцени изјавите на Гаук како „шокантни“. Провладиниот весник „Сабах“ го критикуваше Гаук дека ја опишувал Османлиската империја со навредливи зборови. Весникот „Јени Сафак“ оценува дека Гаук со говорот ја пречекорил неговата надлежност. Весникот „Стар“ смета дека германскиот претседател ги опишал Османлиите како терористи. Турската влада досега официјално не реагираше на говорот на Гаук.