1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бунтовниците мора да се откажат од Алепо!

Карстен Кинтоп
8 декември 2016

Сириските владини трупи и натаму напредуваат во освојувањето на Алепо. Битката за градот е веќе решена, смета Карстен Кинтоп.

Syrien Aleppo
Фотографија: Getty Images/AFP/AMC/Z. Al-Rifai

Источниот дел на Алепо е веќе пред пад.Тој е во рацете на бунтовниците уште од 2012 година. Сега не е прашање на месеци или недели, туку само на денови, додека бунтовниците таму не бидат победени и некогашната економска метропола повторно целосно се најде во рацете на сирискиот властодржец Башар ал-Асад.

Трупите на Асад напредуваат со зачудувачки брзо темпо

Темпото со кое бунтовниците минатите недели беа истиснувани од единиците на Асад окварт по кварт, е зачудувачко. Речиси никој не веруваше дека отпорот против напаѓачите може да колабира со толкава брзина. Зашто, само пред неколку месеци на бунтовниците им успеа да извршат пробив на еден опсаден круг. Се чинеше можно да успеат да му зададат удар на Асад.

Непрекинатиот оган од животот во Алепо направи пекол

Но, се случи сосем спротивното. Причината: источно Алепо со месеци е отсечено од надворешниот свет, нема речиси ништо за јадење и пиење, борбените авиони не престануваат со нападите, проследени со артилериски оган, исто така без пауза, целно напаѓаните болници се оштетени или уништени. Тоа ги скршува дури и најискусните вооружени борци кои пружаат отпор во источно Алепо. За секој жител во енклавата, тоа значи живот во пекол.

Карстен КинтопФотографија: BR/Foto: Theresa Högner

Брутална, но ефикасна стратегија

Воената тактика на Асад е средновековна, како што констатираат постојано и ОН, страшно брутална. Таа не ги почитува човековите права, но покажува влијание. Поддршката од Русија и од Иран на Асад му донесе решавачка предност, која тој целосно ја користи.

Среде фронтовите е приклештено цивилното население, повеќе илјади луѓе кои или не сакаат или не можат да бегаат. Бунтовничката енклава во која живеат непрекинато се намалува, таа е налик на јамка која постојано се затегнува. Со секој ден на борбите без пауза, таа е сѐ потесна. 

Судбината на Алепо веќе не може да се промени

Судбината на Алепо е веќе решена и не може да се промени. Опозицијата го загуби градот. Бунтовниците немаат никакви можности за свртување на листот во воен поглед. Натамошниот отпор против трупите верни на Асад затоа е сосем бесмислен.

Сигурно е: никој не знае што им претстои на луѓето од источно Алепо во случај бунтовниците да се откажат од битката за градот. Мачења, киднапирања, одмазда, сето тоа не може да се исклучи. Но, несомнено дека Асад и натаму безмилосно ќе продолжи со бомбардирање ако бунтовниците не се откажат до борбата. И на тој начин животот на десетици илјади луѓе е во опасност. Затоа, бунтовниците од Алепо треба да се откажат од градот. Тоа им го должат на цивилите во чие опкружување живеат и се борат. Подобро ужасен крај, отколку ужас без крај.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми