1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бунтот за Иловица кој не го гледаме!

21 јуни 2019

Протестот и борбата против режимот не е завршен, него не го води наводно демократската власт на Заев, ни некогаш активните граѓани од Скопје, ниту невладините, ни главните мејн-стрим медиуми, најмалку опозицијата.

Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Во Македонија се одвива граѓански бунт кој државата одбива да го препознае, за кој медиумите молчат и за кој мнозинството граѓани и понатаму се неинформирани.

Постои еден дел од државата и народот, на Југоистокот, во Струмичко, во атарот на премиерот Заев, во општините Босилово и Ново Село, над селата Иловица и Штука, на падините на планината Огражден, кој веќе 2 и пол години активно протестира против планираниот рудник Иловица на „Еуромакс ресорсис“.

Големата вест, во оваа и онака голема вест, е што буквално сите општествено-политички актери во земјата, гласно молчат околу реалноста на тоа што се случува во Струмичко.

Дента кога ова ќе го читате, ќе се одвива веќе петтиот ден на протести и блокади од страна на активистите и локалното население. Најновите случувања од четвртокот - започнаа и контрапротестите од страна на луѓе за кои сомнежите се дека биле регрутирани и платени од концесионерот, додека тензијата станува сѐ поголема, а можноста за судир помеѓу граѓаните и насилниците и клиентите на концесионерот, сѐ поверојатна.

Аналогија со старите методи

Тоа што сакам да го доловам и што евентуално и самите ќе го нотирате, е буквално аналогијата со сите политички, медиумски и коруптивно-клиентелистички методи и форми на притисок од времето на режимот, кои не само што не се искоренети, туку во случајот со Иловица, се жив пример за општата политичка состојба и коруптивна реалност во целата земја. Иловица е сликата како политиките на режимот и понатаму се перпетуираат и како оваа власт ги презема сите штетни проекти од претходната власт. Како власта ги дозволува или ги фаворизира најниските коруптивно-клиентелистички пракси, како не се грижи и не го почитува гласот на граѓаните, нивните локални интереси и како за ситен државен профит (замислете државата добива само 2% од пазарната вредност на експлоатираната руда) и за веројатно големи приватни провизии ја загрозува животната средина во целата земја, и тоа особено во најплодните земјоделски региони.

Но, ќе дојдеме до тоа. Ќе се обидам од информациите кои ги добив и кои стојат на јавно располагање да дадам еден упростен и краток историјат на проблемот. Сакам да потенцирам, мене целта не ми е да навлегувам во техничките аспекти, туку да дадам колку што е можно пообјективна слика и да алармирам за неправдата која им се нанесува на овие луѓе, на сите нас, и за молкот кој владее околу оваа скандалозна неправда. Секој демант, продлабочување на темата, најмал интерес од кого било, ќе значат мала победа за оваа голема кауза.

Во 2014 година, владата на Груевски во еден ден додели концесии за проспекциски геолошки истражувања во 22 општини, најголем дел сконцетрирани во плодниот и земјоделски Југоисток, а некоја година подоцна и 86 концесии за рудници. Рудниците како тој во Иловица, добиле дозвола некоја година порано, но и понатаму упорно се кријат документите „Договори за концесија за експлоатација", а на новинарите тоа им се објаснува со фраза „да не се разберат погрешно договорите”? Упорно се крие и Студијата за оцена на влијанието врз животната средина за проектот Површински коп на минерална суровина бакар и злато на локалитетот Иловица во Општина Босилово од 12 октомври 2011 година со архивски број 11-5303/3 доставено во Министерството за животна средина и просторно планирање.

Рудниците како Иловица се со отворени копови, предвидуваат големо уништување на шумите, почвата, прашина од минирањето на земјината утроба, огромни јаловишта со високи брани од 267 метри, но и она што најмногу ги вознемирува локалците, користењето на сулфурната киселина и на цијанидот во процесот на обработка на рудната суровина.

За волја на вистината, пратеничките на ДОМ, Лилјана Поповска и Маја Морачанин, го подготвија текстот за Законот за минерални суровини, и измените беа изгласани во јануари 2019-та година, со кои се забранува употребата на цијаниди и сулфурна киселина во рудници со отворен коп. Денеска гледаме како пратеничките од владејачката коалиција апелираат дека „Иловица не смее да се случи", затоа што предвидената технологија е во спротивност со измените на Законот за минерални суровини. Сите добронамерници се сомневаат дека забраната за употреба на цијанид и сулфурна киселина би останале само на хартија. Но, и без тие отрови, проблемот и опасноста не е ништо помала. Рудникот е предвиден на 500 метри висинска разлика од селата Иловица и Штука, да има брана полна токсини во висина од 267 метри, (тоа е дупло од Џеваир кулите), и која во случај на попуштање, би создала токсично цунами во целата Струмичка котлина, трајно уништувајќи ја почвата, водата и воздухот, а би можела да го загрози и течението на реката Струма во Грција и Бугарија. Понирањето на отровите во подземните води би било катастрофа за целата котлина и смрт за земјоделието, но и за поврзаните индустрии. Со самото тоа народот целосно би се иселил.

Дополнителен факт е што концесијата на „Еуромакс ресорсис“ е истечена во 2016-та година, и тие немаат никакво право да вршат археолошки истражувања, или да продолжат со копање огромен базен во планината. „Еуромакс ресорсис“ немаат доделени дозволи за експлоатација, немаат градежна дозвола, немаат интегрирана еколошка дозвола од категорија А, немаат ниту усогласување со просторен план на Република Македонија за да се изгради рудник на земјиште кое што моментално е пасиште и шума.

Туркање на интересот на концесионерот

А токму во овие денови на протест, се појавија археолозите од Заводот и Музеј Струмица кои треба да спроведат истражување кое ќе влијае на конечната одлука дали ќе има отровен рудник. Неверојатно е дека истите лица од музејот се претставиле носејќи маички каде спонзор им е концесионерот на рудникот. Фактички спонзор им е концесионерот, за кој се шпекулира дека богато плаќа поединци од институциите, дека обезбедил теренски возила за институцијата, ги опремил вработените од петици до глава, и дава огромни дневници за работници и за други поединци да прават притисоци, да провоцираат, а најново, и да организираат контрапротести. Додека ова го пишувам, населението протестира и одржува блокади, а неколку стотини метри под нив, концесионерот наводно организира контрапротест со некои 50 лица. Освен евидентниот конфликт на интереси, тука говориме и за свесно создавање на конфликт меѓу населението. Дополнително се поставува прашањето како на институцијата Завод и Музеј Струмица ѝ е дадена дозвола да врши архелошки истражувања, или зад таа маска да го турка интересот на концесионерот, кој воошто нема концесија,  бидејќи е истечена?!

Важно е да се додаде дека по бројните протести и блокади во текот на 2017 и 2018 година, се одржаа и два локални референдуми во Ново Село и Босилево. Резултатот покажа дека преку 90 проценти од населението се изјаснило против рудникот. Но, Уставниот суд одлучува да ги поништи затоа што не бил постигнат цензус од над 50 проценти. Излезноста била 40 % во Ново Село и 32,8 % Босилово, но со речиси иста излезност се избрани и градоначалниците на овие две општини. Ако се потсетиме дека сличен исход се бележи и при изборите на централно ниво, и при референдумот кој сепак беше сметан за легитимен, дека и на локално ниво важат непрочистените избирачки списоци, и дека не се зема предвид огромната иселеност на Истокот и Југоистокот, тогаш очигледна е хипокризијата на македонските власти и корумпираните и партизирани институции и судство.

Други колумни од авторот: 

Психодрамата на Заев!

Киднапираните победи и банал-национализмот на ВМРО

Не прашувај што може ЕУ за Тебе – Што можеш Ти за ЕУ во Себе

Емотивна Македонија

Доаѓаме и до актуелната власт која оствари големи изборни победи токму на локално ниво, понесена на бранот на незадоволството од рудниците и ветувањата на Заев дека „рудници на смртта“ нема да има. Од тогаш до денес владата на Заев избегнува да се изрази околу судбината на Иловица. Власта се ограничува папагалски да повторува дека гласот на народот ќе биде слушнат и дека немало да се употреби цијанид. За сите останати аргументирани факти, студии, докази, контрадикции кои произлегуваат околу рудникот, владата и понатаму молчи, не делува, а најмалку од сè го слуша гласот на народот.

Симптоматичен и неверојатен за гледање е молкот кој владее околу судбината на Иловица. Граѓаните протестираат речиси 3 години. Направија безброј обиди, од собиранки до протести со возила, илјадници апели, секојдневни посети на локациите, стотици писма и барања за одговори од институциите; од почетокот на оваа недела и секојдневни блокади. И повторно молк. Фирмата концесионер во овие години се обиде со секакви методи да изврши притисок врз локалното население. Се говори за поткуп на поединци, цели семејства наспроти непоткупливото мнозинство, поткуп на одговорни лица, на цели институции, тужби кон активисти, пропаганда, а преголем е сомнежот дека високи функционери од владејачката и опозициската партија се придобиени од страна на концесионерот. Како поинаку да се објасни и толкува овој молк и кај власта, и кај опозицијата, овој неоправдан молк кај речиси сите поважни медиуми во државата, било локални, било национални.

Неизвршена задача

Една држава и власт мора активно да се постави и да реагира со конкретни мерки пред протестот и незадоволството на голем дел од населението. Медиумите чија работа е да ја пренесат реалноста на нашата земја и народ, немаат право да се однесуваат игнорантски, ниту пред бројните сомнежи за корупција и неодговорност, уште помалку пред народниот бунт. На овој начин, вистинската Македонија исчезнува од екраните и новинарските текстови, и се заменува со молк во интерес на приватните фирми и нивните политички заштитници.

Повеќе од самиот конкретен проблем со рудникот, излегуваат на површина сите државни и општествени недостатоци и неодговорности, кои доколку оваа граѓанска битка се загуби, ќе станат посилни и уште повеќе бескруполозни. Делува како сите да имаат замешано прсти. Локалната власт, централната власт, локални и централни моќници, судови и судии, разно-разни институции, медиуми и новинари. Особено голема одговорност имаат и новинарите. Да не се известува за оваа реалност, да не се обидеме да обелодениме објективна вистина за состојбите, секој додавајќи мало делче во мозаикот, е како да сме се претвориле во пекари кои плукаат во лебот што го месат.

Како може државата и власта да дозволат една приватна фирма и нивниот профит да бидат носител на толку штетни последици, на толкав конфликт на интереси, на евидентни сомнежи за поткуп на цели семејства и институции, како и медиуми?! Како може државата да си дозволи да не дејствува и да го игнорира протестот кој трае речиси три години?! Конечно, како може државата и власта да си дозволат неодговорното однесување на една приватна фирма, уште повеќе во странска сопственост, да биде извор на граѓански поделби, тензии и судири?!

Населението од Иловица и Штука е упорно, често поддржани и од луѓето од околните места, не делуваат дека ќе отстапат. Иако уморни, тие се детерминирани да не попуштат. Не смеат да попуштат. Најголем дел од луѓето во овие раселени и испразнети краишта, мораат секојдневно и да работат и да ги бранат своите домови, но и да ја одбранат својата и нашата заедничка животна средина и природа. Работат за двајца и работат за сите нас. Младите се особено активни и несебично ја даваат својата поддршка.

Овој народ не заслужува да биде игнориран и закрвен меѓу себе поради нечии тесни интереси и профити. Не заслужуваат оние кои и понатаму се борат против сите најголеми и најкриминални одлуки, пракси и манипулации на режимот, кои се уште не се напуштени од актуелната власт, да бидат заборавени и оставени сами во својата борба.

Режимот драги сограѓани сѐ уште не е паднат, и луѓето од Иловица и Штука, најдолго се борат за правда, а се уште немаат мир. Ниту зборот испадна збор, ниту ова е едно општество за сите.

Драга власт, дозволувате пустош низ земјава, и тоа го нарекувате мир.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми