Бунт против српските ријалити шоу-емисии
13 септември 2019Во просечно српско домаќинство телевизорот е вклучен речиси без прекин, пред екранот најчесто и децата смеат да седат со часови. Посебно омилени се т.н. ријалити шоуа, кои приватните телевизии ги емитуваат речиси непрекинато. Типичните учесници варираат од психички лабилни личности до познати криминалци. Во стандарден репертоар спаѓа сурово однесување, пцуење, невкусно изнесување интимни детали, насилство и секс.
„Понижувањата кои мора да ги трпат учесниците на шоуто се утеха за сопствените мизерни услови на живот и маките на гледачите“, вели психологот Александра Ѓуриќ, чија докторска дисертација е на тема ријалити шоу емисии во Србија. Од последиците страдаат и децата и возрасните, а во нив спаѓаат: „Растечка пасивност, отапување на критичкото размислување, загуба на интегритетот, осиромашување на емоционалниот и интелектуалниот развој на луѓето.“
Заклучокот би бил: ријалити шоу емисиите, оттргнати од контрола, со својата агресивност, порнографските и вулгарни тенденции, претставуваат растечки проблем во Србија. За волја на вистината, постојат општи законски рамки кои би требало да може да го сузбиваат ова, но просторот за интерпретација е преголем. Тоа на институциите им овозможува едноставно да го свртат погледот настрана.
„На почеток те игнорираат...“
33-годишниот правник и активист Саво Манојловиќ не сака веќе да го трпи тоа. Со своето, во 2015 година основано, „Здружение за заштита на уставноста и законитоста“, тој иницира закон за електронските медиуми, кој би бил толку јасно формулиран, што не би дозволувал простор за различни интерпретации.
За да ја покаже важноста на тоа, Саво Манојловиќ како пример споменува едно српско ријалити-шоу, во кое учесник со пиштол ѝ се заканувал на учесничка. При преносот во живо, за гледачите заканата изгледа сосем реална. „Ако некое момче во училиште изложи на вакво шиканирање некое девојче, примерот го зело од телевизија“, вели младиот правник.
Неговото здружение испратило писма до повеќе српски институции, заедно со Јутјуб видео од сцената со пиштолот како доказ. Правниците молчеле. Независната државна комисија, која треба да го надгледува запазувањето на законитоста од страна на телевизиите, одговорила: „Проверката на онлајн каналите како Јутјуб не спаѓа во наша надлежност.“ Тоа е апсурдна формулација, вели Манојловиќ. Исто како кога човек би испратил до обвинителството видео снимка на извршено злосторство, а одговорот би бил - обвинителството не врши филмска критика, истакнува младиот адвокат.
„... а потоа те напаѓаат“
Согласно српските закони, глорификацијата на насилство на телевизија е казнива, објаснува Саво Манојловиќ. Тоа важи и за „заведувањето на гледачите“. Здружението на правникот собрало потписи со цел да го поттикне парламентот на прецизирање на постојните закони.
Тоа дека моќниот сопственик на медиумскиот концерн Пинк не бил одушевен од оваа народна иницијатива, не е чудно. Во Србија „сите би сакале телевизиските програми да бидат според нивен вкус и да вршат цензура“, гласи неговата жалба. Тој ги активирал своите извонредни политички контакти уште пред една година, кога српскиот министер за култура јавно ги критикуваше излизгувањето на риалити - шоу емисиите во Србија. Дури и српскиот претседател Александар Вучиќ, исто како и премиерката Ана Брнабиќ, го „закочија“ министерот.
Во одговорот кој го составил Саво Манојловиќ, тој енергично го отфрла обвинувањето за цензура на кое се повикува сопственикот на Пинк. Во одговорот е содржан и податокот дека ТВ Пинк седум часа од времето на емитување пополнува со ријалити-шоу, односно речиси 40 проценти од вкупната програма, без ниту една минута за останати, со закон пропишани содржини од областа на културата, науката или програми за деца. Одговорот никогаш не е објавен на програмите на ТВ Пинк.
„...и потоа победуваш“
„Прво те игнорираат, потоа те исмеваат, па те напаѓаат и на крај победуваш“, ја цитира Саво Манојловиќ својата омилена изрека на Махатма Ганди. На почеток неговото опкружување реагирало скептично, многумина аргументирале дека во Србија ништо не се случува без соодветна партиска логистика. Но, одделни членови на здружението, студенти и невладини организации, веднаш биле одушевени. „Нашиот најголем успех се состои во фактот што имавме нула буџет, а сепак покажавме дека обичниот граѓанин има суверенитет. Луѓето се сила“, вели правникот.
Неговото здружение собрало доброволци, кои меѓу 23 и 29 јуни трпеливо издржувале зад штандовите излепени со рачно направени плакати. Но, следувал успех, тие собрале преку 42.000 потписи. Народна иницијатива во Србија може да се преточи во официјален законски предлог ако во рок од седум дена собере 30.000 потписи. За споредба: услов за учество на политички партии во изборниот процес се 10.000 потписи во многу подолг временски рок.
Саво Манојловиќ точно знае дека неговиот предлог-закон можеби со месеци ќе собира прашина во различни фиоки. Тој ќе организира втора фаза - јавен притисок врз институциите. Осоколен од првичниот успех, тој има надеж: „Наеднаш човек согледува дека не е сам, дека во земјата постојат бројни луѓе со слично мислење. Ако ги пронајдеш овие луѓе, тогаш заедничката победа е само прашање на време.“
До властродршците, чии јавни настапи понекогаш потсетуваат на ријалити-шоу кога ја пцујат опозицијата и неистомислениците, Саво Манојловиќ има јасна порака: „Парламентот нема да ја прифати промената на законот само ако највисокиот законодавец се одлучи за незаконитост. Ние не сме дел од проблемот, туку решение.“