1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

„Бура“ од српска перспектива: злосторство без казна

Драган Максимовиќ
5 август 2021

Минаа 26 години од операцијата „Бура“, кога од своите огништа беа протерани над двесте илјади Срби, а над илјада беа убиени. Хрватска има поинакви податоци. Србија, пак порачува никогаш нема да ги заборави злосторствата.

Busije, Serbien | Gedenkfeier für Opfer der Operation Oluja
Фотографија: Dragan Maksimović/DW

„Уморни сме од барања и ветувања, а ништо не се знае. Поминаа 26 години. Злосторникот е казнет, но телата и останките се уште не се пронајдени. Прави ли некој нешто за овие 26 години?“, прашува Славица Башиќ која е само една од неколку стотици луѓе кои ги бараат телата на членовите на своите семејства убиени за време на хрватската акција „Бура“ или непосредно по неа. Процесот на потрага е се поспор, предупредуваат од здружението на членовите на семејствата кои и 26 години подоцна трагаат по телата. Според нив за владата во Хрватска штом нема тела, нема злосторство - така властите се однесуваат кон оваа трагедија.

Нема тела, нема злосторство

„Се уште нема обвинети за сторените злосторства врз српскиот народ. И да има изречено пресуди за одредени извршени злосторства казните се несоодветни. Околу 700 лица се уште се водат како исчезнати само од ‘Бура’. Во Хрватска на институтите за судска медицина има посмртни останки од уште 896 тела, за кои со години не се врши идентификација,“ вели Драгана Ѓуќиќ од Здружението на семејствата „Солза“, стравувајќи дека се наѕира крај на политизација на целиот процес, бидејќи очигледно е оти нема волја за сето ова да се разреши. „Имено кога нема тела, нема злосторства“, вели Ѓуќиќ.

Половина век трае борбата на семејствата на жртвите од српскиот егзодус од Хрватска, но и потрагата за вистината за убиените цивили за време на акцијата на хрватската војска, во која според податоците на Координацијата на српските здруженија, своите огништа ги напуштиле околу 220 илјади Срби, запалени се над 20 илјади домови и убиени 1800 лица од српска националност од кои 1200 цивили.

Фотографија: Dragan Maksimović/DW

Податоците од Хрватска се екстремно различни Според наводи на хрватскиот Хелсиншки комитет за човекови права, до крајот на 1995 година, околу 400 Срби се убиени во нивните домови. Според податоците на меѓународните организации, овој број е значително помал – според нив се убиени 80 цивили кои се движеле во колоните возила. Централната комеморација за одбележување на прогонот и убиствата на Србите од Хрватска годинава се одржа во земунската населба Бусија од каде на 26 годишнината се испратија пораки дека со извинување нема да се гази по мртвите, само затоа што се Срби.

Каква победа се слави во Хрватска?

„Хрватска го слави денот на победата и на благодарноста на татковината. Победа над кого? Над добрите и скромни луѓе, граѓаните на Книн, Вргин мост, Двор, Костајница, над чесните домаќини, земјоделци во селата на Лика, Далмација, Банија, Кордуна”, изјави српскиот претседател Вучиќ предупредувајќи дека Србите никогаш нема да ги заборават колоните со бегалци.

„Никогаш нема да ги заборавиме бескрајните колони трактори кои ги возат момчиња кои едвај спасиле глава од куршум, бомба или кама. Икони на нашите спомени и идентитетот се мајките кои ги кријат своите бебиња во страв да не се појават од некаде прогонувачите за да си ја довршат својата одамна планирана крвава задача“, изјави Вучиќ.

Повеќе:

-„Бура“ и размената на шлаканици со невините жртви

-„Бура“: Нечии туѓи злосторства

-Србија и Хрватска: „децата на деведесетите“ се уште војуваат

На одбележувањето на Денот на сеќавањето присуствуваа и претставниците на политичкото раководство на Република Српска. Српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, рече дека на овој ден се памети страдањето на српскиот народ од библиски размери потсетувајќи на тоа дека Хрватска и денес го опструира враќањето и остварувањето на имотните права на оние кои сакаат да се вратат.

„Се собравме тука за да запаметиме, а не само да се потсетиме. Ако се сеќаваме тоа некако ми звучи на понекогаш, а ако паметиме тоа станува сопственост и вмрежано во меморијата на овој народ и нашите држави. Да го запаметиме страдањето од библиски размери, уште едно во низата кои им се случиле на Србите на тие простори. Страдање кое може и треба да се смета за конечно решавање на српското прашање во хрватските држави и познатата идеологија на усташката Независна држава Хрватска, државата на хрватскиот народ која промовираше дека една третина од Србите треба да се уништи, една да се рассели, а една да се прекрсти”, изјави Додик.

Фотографија: Dragan Maksimović/DW

Зборови на помирување од централната комеморација испрати и поглаварот на Српската православна црква, патријархот Порфириј. “Ги паметиме настраданите ближни, но не сме злопамтила. Одмаздата и омразата го умртвуваат оној кој е опседнат со нив. Затоа да упатиме макар една мисла до Господа во своја закрила да прифати и други невини, настрадани во трагичната војна, без оглед на тоа на која вера или народ му припаѓаат”, рече патријархот Порфириј.

Злосторствата не се доведуваат во прашање, но…

Во Хрватска за воените злосторства во хрватската акција „Бура” до сега е осудено само едно лице, во случајот Прикљан и Мандиќ. Хашкиот трибунал во првостепена пресуда во 2011 го осуди генералот на хрватската војска Анте Готовина на 24 години затвор и Младен Маркач, првиот човек на Специјалната полиција на Министерството за внатрешни работи на Хрватска, на 18 години затворска казна.

Трибуналот тогаш заклучи дека Готовина и Маркач заедно со други функционери меѓу кои и тогашниот претседател Фрањо Туѓман, учествувале во здружен злосторнички потфат чија цел била трајно отстранување на српското население од подрачјето на Краина со употреба на сила, сеење страв, закани со насилство, прогон, присилни преселби и депортации, одземање и уништување на нивниот имот или на други начини. Но, Апелацискиот совет на Трибуналот, една година подоцна ги ослободи Готовина и Маркач од кривична одговорност, иако беше нагласено дека за време на операцијата „Бура” се сторени бројни злосторства врз српскиот народ и дека тоа не се доведува во прашање. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми