1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Бурен старт на карневалот во Рајнската област

СН/ агенции
24 февруари 2017

И покрај дождот, силниот ветер и бурата над Рајнската област, илјадници луѓе во градовите - карневалски упоришта излегоа на улиците за да го прослават почетокот на „петтото годишно време“.

Bonn Weiberfastnacht
Фотографија: DW/M. Yüksel

Добро расположени Германци, хектолитри пиво, карневалски песни, танц и славење на секој чекор. Вчера сите го славеа почетокот на кулминацискиот период на карневалот. Согласно традицијата во 11 часот и 11 минути беше означен почетокот на петдневните прослави. Бројните карневалисти не ги поколеба не само орканот Томас кој во текот на целиот вчерашен ден беснееше над Германија, туку и заострените мерки за безбедност поради стравот од терористички напади. Така, на пример, во Келн на камиони им е забранет влез во центарот на градот, а поставени се и бетонски ѕидови на клучни улици. На улиците вчера имаше 2.200 тешко вооружени полицајци. Карневалот вчера го проследи и бурата со име Томас, поради која беа откажани прославите на отворено во некои места во Рајнската област. Инаку, вчера  жените ја презедоа власта во карневалските упоришта, од кои Келн е најголемото - со традиционалното сечење на вратоврските на мажите.

Во понеделник карневалот доживува кулминација на т.н Розенмонтаг, кога низ градовите минува централната карневалска поворка со многу возила од кои маскирани паринцови, принцези, црвени и сини офицери ќе фрлаат т.н. камеле, односно слатки. На крајот карневалистите се враќаат дома со полни торби  со „камеле“.

Започна „петтото годишно време“

00:59

This browser does not support the video element.

Германските карневалисти годинава на духовит и сатиричен начин се пресметуваат со популизмот. Овојпат нивна цел е американскиот претседател Доналд Трамп. Тој се прикажува како слон во продавница за порцелан, наместо нос има сурла - со тоа се алудира на штетата која ја предизвикува со своите изјави и одлуки. Трамп на карневалската поворка во Келн ќе биде прикажан и со кесето кое германските првачиња го носат  на првиот училишен ден, но во неа нема слатки, туку кодови за активирање на нуклеарни бомби. На мета на карневалистите се и претседателите на Русија и на Турција, Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган и секако канцеларката Ангела Меркел, која како бубамара лежи на грб и не може да се врати на нозе додека нејзиниот противкандидат за канцелар Мартин Шулц од Социјалдемократската партија бележи сѐ поголема популарност кај избирачите.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми