1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бурна ноќ на Шарената револуција

Кристина Озимец21 јуни 2016

Најмасовниот протест на Шарената револуција досега заврши со демолирана фасада на Министерството за правда и обид за уривање на споменик. Тензијата помеѓу демонстрантите и полицијата, не кулминираше во немили сцени.

Фотографија: Reuters/O. Teofilovsk

Шарениот „Прометеј“со наметка остана да стои . Иако демонстрантите повеќе од половина час се обидуваа да му врзат платно околу вратот со кое ќе го повлечат и турнат на земја, полицијата изненадно се појави и ги спречи во намерата.

Повеќе маскирани демонстранти се качија на скелето околу споменикот и ги расфрлаа даските и мрежата со која беше обвиткан. Преку уривање на скелето, демонстрантите сакаа да го урнат и споменикот. Но токму кога се подготвуваа да тргнат да го буткаат, одеднаш се појави кордон од специјални полициски сили кои започнаа акција.

Ги истуркаа демонстрантите кои со кренати раце извикуваа „Нема правда, нема мир“, а некои фрлаа картони и шишиња изреволтирани од полициската заштита на „Скопје 2014“. Кратко потоа, полицијата направи обрач околу споменикот и го чуваше до доцна во ноќта.

Граѓанскиот активист Марјан Забрчанец смета дека споменикот на Прометеј, по игра на случајноста е еден од најголемите симболи на глупоста на режимот на Груевски.

„Граѓаните не го чувствуваат за свој, преплатен е со народни пари, доплатен за мистериозно да му бидат ставени гаќи, позлатен и неприроден за домашниот менталитет, ограден за да провоцира. Синоќешните дејствија беа спонтани, неподготвени и неорганизирани, за што говори и фактот што акцијата остана нереализирана или незавршена. Перформансот околу позлатениот споменик наиде на големо одобрување меѓу демонстрантите, исто како и пред неколку недели кога беше разубавен со боја. Се чини дека овој чин беше разбран како симболичен атак врз симболот на глупоста, обвиен во злато во време кога снемува леб“, вели тој за Дојче веле.

Според него, синоќешната енергија и граѓанска посветеност на протестите, најавува следни протестни и политички дејствија за исполнување на барањата околу кои не смее да има компромис.

Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Batev

Најмасовен протест на Шарената револуција

Пред да стигнат до „Прометеј“, „шарените командоси“ на протестите извадија црева од кои се прскаше со шарени бои по зградата на Министерството за правда. Настрадаа и повеќе прозори, откако се фрлаа камења и полни кофи со боја врз фасадата, додека демонстрантите пееја „Шутка не ти бега Никола“.

Пред Владата говореа повеќе активисти на антивладините протести, меѓу кои и Павле Богоевски кој завчера беше приведен и Радмила Шеќеринска, потпретседателката на СДСМ. На протестот беше присутно целото раководство на опозициската партија, вклучувајќи го и лидерот на опозицијата, Зоран Заев.

Богоевски, кој во една вечер беше уапсен и пуштен од полицијата заради герила акција со спуштање платно на Камениот мост за време на роденденската прослава на ВМРО-ДПМНЕ, порача дека нема повлекување.

„Гласот на граѓаните мора да се чуе, мора да важи. И тоа не само на улица, не само во Собрание или на дебати, туку во сите процеси кои се од нивен интерес. Граѓаните мора да бидат дел од решението на кризата. Не за да носиме политики или да се бориме за власт, туку за да се осигураме дека идните преговарачки процеси ќе бидат транспарентни и секој граѓанин на улица ќе знае што се случува зад тие врати“, рече Богоевски.

Голем протест на „Шарената револуција“

00:28

This browser does not support the video element.

Здраво Савески од новоформираната партија „Левица“, кој повеќе од педесет дена беше во куќен притвор поради протестите за Дојче веле изјави дека Груевски повторно се крие зад народот. Во неговиот говор по којзнае кој пат испратил порака дека тој е подготвен да создаде насилство помеѓу граѓаните во Македонија, смета Савески.

„Тој по секоја цена сака да се задржи на власт. Но бројот на граѓани на овој протест кажува дека не се уплашија од неговата закана и дека излегоа да бараат слобода и демократија во Македонија. Народот е решен овој пат да ја врати земјата назад од криминалната банда и нема така лесно да се откажеме. Заканите на Груевски не не плашат“, рече Савески.

Вчерашниот протест на „Шарената револуција“ беше најмасовен од нејзиниот почеток пред повеќе од два месеци, по аболицијата на осомничените политичари од страна на претседателот, Ѓорѓе Иванов. Илјадници граѓани скандираа „Оставка, оставка“ и бараа уставна заштита на новоформираното Специјално обвинителство, на кое според нив му се заканува нарачано укинување од страна на Уставниот суд.

Како Прометеј доби наметка

Во 2012 година, веднаш по поставувањето на споменикот на „Прометеј“ во Жена Парк се појавија мистериозни женски организации кои побараа да бидат покриени гениталииите на скулптурата. Иако првичната замисла на авторот Томе Аџиевски беше скулптурата да биде гола, тоа не беше прифатено. Општина Центар одлучи работниците да му изработат и додадат наметка на голиот Титан од грчката митологија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми