1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бучковски ги слушна проблемите на Македонците во Албанија

13 јануари 2005

Претставниците на македонската заедница во Албанија синоќа од македонскиот премиер Владо Бучковски побараа да се заложи за подобрување на нивните услови за живот.

Македонците бараат воведување факултативна настава на мајчин јазик во училиштата во кои учат нивните деца, изградба на основната инфраструктура неоходна за живот и соодветна застапеност во државната администрација на Албанија.

"Премиерот Бучковски со неговиот албански колега Фатос Нано меѓудругото разговараше и за положбата на македонското малцинство во Албанија", изјави за Дојче Веле Марјан Ѓуровски од кабинетот на Бучковски.

Официјално, според пописот од пред пет години во Албанија живеат околу 5 000 Македонци, а според македонската заедница од оваа земја меѓу 120 и 150 илјади. Најголем број од нив се од Мала Преспа, Голо Брдо, Гора, Корча, Подградец и Елбасан.

Во неможност да ги остварат своите права Македонсците во Албанија формираа партија со седиште во Тирана но нивното политичко здружение сеуште не е регистрирано. Албанија како потписник на конвенцијата за заштита на малцинствата доби забелешки од Советот на Европа во однос на имплементацијата на оваа конвенција но и покрај тоа прогрес на тој план во оваа земја сеуште нема.

И претходникот на Бучковски, актуелниот шеф на македонската држава беше во Подградец и во Мала Преспа за да се запознае со проблемите на македонците кои живеат таму. Пред околу две години Црвенковски и Нано им ветија дека ќе им биде асфалтиран локалниот пат и ќе им бидат подобрени основните услови за живот, но ветувањето сеуште не е реализирано.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми