Буш: „Македонија мора да добие покана што е можно побрзо“
5 април 2008Македонија и Грција се главна тема и на средбата на Јадранската група во Загреб со претседателот на САД Џорџ Буш. САД, како и нејзините нови НАТО пријатели Албанија и Хрватска сметаат дека Скопје и Атина треба за што покусо време да ги финализираат преговорите за името, да најдат заеднички консензус за конечно да се оствари внесувањето на Јадранската група во НАТО.
Веднаш по средбата со претседателот на САД, македонскиот претседател Бранко Црвенковски изјави дека можеби во овој момент треба трезвено да се размислува и да се искористи сојузништвото со САД. Тој побара во наредните недели да се соберат лидерите на политичките партии, да дебатира и експертската јавност за да се размисли каква одлука треба да се донесе пред евентуалното продолжување на преговорите со Грција.
Премиерот Груевски пак изјави дека деновиве треба да се направат пошироки консултации со експерти и политичките партии. Според него прерано е да се каже одреден став додека не спласнат емоциите по самитот во Букурешт.