Буш најави симнување на трговските санции против Северна Кореја
27 јуни 2008Американскиот Претседател Џорџ Буш манифестираше задоволство и воздржаност во исто време. На на брзина свиканата прес-конференција во Белата куќа тој порача дека поднесувањето на документацијата за атомската програма на Северна Кореја е чекор во исправна насока.
„Објавувам соопштение што ги симнува прописите за тргување со непријатели, а кои се однесуваат на Северна Кореја.“
Останува скепсата
Буш јасно стави на знаење дека неговата администрација и понатаму критички ќе го набљудува развојот на ситуацијата во Северна Кореја:
„САД не одгледуваат никакви илузии во врска со режимот во Пјонг Јанг. Ние сме и понатаму многу загрижени поради кршењето на човековите права во Северна кореја, поради нејзините активности поврзани со збогатување уран, атомските проби, продавањето оружје и развојот на ракети што ги загрозува соседните земји во регионот.“
Се’ на се’ Џорџ Буш нагласи дека притисокот врз Северна Кореја останува, а укинувањето на трговските санкции нема да има влијание врз дипломатската и финансиска изолација на земјата.
Каде е плутониумот?
Скеспа во веродостојноста на политиката на разоружување што ја води моментално владата во Пјонг Јанг изрази и поранешниот инспектор за оружје на ОН, Дејвид Олбрајт. За ТВ каналот СиЕнЕн тој порача:
„Има уште многу работа. Северна Кореја се’ уште не им го покажала на САД нејзиниот плутониум!“