1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Промена на границите веќе не е табу

Зоран Арбутина
12 септември 2018

ЕУ и натаму е заинтересирана за решавање на спорот меѓу Србија и Косово, но не сака да наметнува свои решенија. Двете страни мора да се договорат. Притоа, ни промена на границите не е незамислива, под одредени околности.

Nord Mitrovica Kosovo - Stadtimpressionen vor dem Besuch von Vucic in Mitrovica
Фотографија: DW/E. Elezi

Средбата на српскиот претседател Александар Вучиќ и неговиот косовски колега Хашим Тачи во Брисел, а потоа предвидениот говор на Вучиќ на Косово, до пред неколку дена беа најавувани како важен настан, пресврт во односите на двете држави. Се очекуваше голем чекор нанапред во решавањето на косовскиот проблем. До тоа не дојде, иако ЕУ се залагаше за средбата.

Игор Шолтес, ополномоштеник на ЕУ и известувач на Европскиот парламент за Косово, во разговор за Дојче веле не го крие разочарувањето и извесна беспомошност од развојот на настаните: „Никој не очекуваше толку години присутниот проблем да се реши преку ноќ“, вели тој, но сепак постоеше надеж за напредок. „Но, шанси за продолжување на договорот уште постојат. Разговорите мора да продолжат, зашто во прашање се важни прашања и за луѓето во целиот регион“, потенцира Шолтес.

Контроверзи околу промена на границите

Неодржаната средба меѓу двајцата претседатели предизвикуваше најголемо внимание поради пласираната идеја во јавноста за можна договорна промена на границите и размена на територии како решение на косовското прашање.

Концептот предизвика бројни и противречни реакции. Заговорниците ја нагласуваат важноста на решението до кое двете страни доаѓаат заеднички, на демократски и транспарентен начин, противниците го истакнуваат отворањето нов преседан и настанувањето нова динамика со несогледливи последици за другите земји во регионот. 

Ни ЕУ во прв момент не знаеше како да се постави кон идејата. „Никој не сака отворено да поддржува промена на граници според етнички принцип, зашто тоа повлекува различни други прашања“, вели Шолтес. „Затоа ја истакнувавме нужноста разговорите да се водат согласно начелата на меѓународното право. Тоа е рамка во која може и мора да се реши и прашањето за промена на граници“. 

Игор Шолтес: секој договор мора да е во согласност со меѓунаодното правоФотографија: DW/Z. Arbutina

Појдовен став е дека во принцип е добро сѐ за што двете страни ќе се договорат, но нужна е демократска легитимација на договорот, поддршка како во парламентите, така и меѓу народот, со оглед на важните прашања и далекусежните одговори. „И во меѓународното право важи - ако две страни постигнат договор за клучни прашања, тоа е нивна работа, ако е во склад со некои меѓународни норми“, вели Шолтес. Проблем моментно е неизвесноста во кој правец ќе тргнат разговорите меѓу Белград и Приштина.

Повеќе: 

Уште еден чин во циничната игра за Косово

Хан: размената на територии не треба да се отфрла

Страв од содржината на Пандорината кутија

Критичарите на промената на границите во прв ред стравуваат од домино-ефект во регионот. Ако се даде согласност за промена на граници според етнички принцип во Косово, може да се доведат во прашање граници во други земји, на пример во БиХ, Македонија и Црна Гора.

Меѓу жестоките противници на идејата е и пратеничката од Партијата на зелените и претседателка на пратеничката група на Зелените во ЕП, Ребека Хармс. Реализацијата на ваков предлог, смета таа, би довела до неминовно отворање и заострување токму на оние линии на судири во Западен Балкан, кои се познати со години. „Тоа претставува повторно разгорување на старите огнови на националистички судири. Со тоа на Балкан повторно би се отворила Пандорината кутија“, предупредува Хармс.

И Игор Шолтес е свесен за ризикот, но нагласува дека во секоја земја постои различна ситуација и секој проблем мора да се гледа одвоено. „Ако постојат две страни кои сакаат договор, во согласност со сите релевантни институции, е сосема поинаква ситуација отколку ако желба постои само на една страна, без оглед дали е во прашање отцепување или промена на граници“, вели Шолтес.

Грција и Македонија како пример

За ЕУ досегашниот тек на преговори меѓу Грција и Македонија околу името е пример за решавање на проблемите на Балкан. „Тоа е тој модел на договор кој покажува: каде има волја, постои и пат. ЕУ поддржува заеднички договор“, истакнува Шолтес. Таа волја во однос на Косово засега не се гледа, а неа не може да ја надомести ни ЕК ниту ополномоштеничката на ЕУ за надворешна политика, Федерика Могерини, нагласува европратеникот.

Ребека Хармс: ЕУ треба повеќе да инвестираФотографија: picture alliance/Wiktor Dabkowski

Притоа, ЕУ не наметнува свој модел, решение, туку инсистира на договор на двете страни согласно со меѓународното право. „Во основа е најважно Белград и Приштина да знаат каква иднина гледаат пред себе, не само за утре, туку и за 10-15 години. Тоа е важно не само од политички, туку и од економски аспект, ако не биде подигнат животниот стандард во тие средини, ќе продолжи иселувањето на луѓето во голем број“, предупредува Шолтес. 

Повеќе: 

Петрич: Заев како пример за Вучиќ и Тачи

Потребни се скапи инвестиции во развојот

Ребека Хармс смета дека решение на проблемот мора да се бара во реална пристапна перспектива на Србија и на Косово во ЕУ. Важно е притоа „Европејците да престанат сами себеси да се смируваат со заблудата дека постигнувањето подготвеност за пристап на овие земји е можно со релативно мал ангажман и малку вложени пари.“ Според неа, најважно е да се инвестира во развој на земјите во Западен Балкан, меѓу нив и Србија и Косово, за на луѓето да им се пружи животна перспектива. „Тоа нема да биде евтино за ЕУ. Големите ветувања се бесплатни, но нас треба да нѐ вреднуваат според вистинската подготвеност за инвестирање“, нагласува Хармс.

Ангажман е потребен и од геостратешки аспект, тврди таа, со оглед на неоколонијалистичкото однесување на Русија на Балканот. „Тоа се гледаше и во протестите околу промена на името на Македонија, тие делумно беа организирани, платени и оркестрирани од Москва и тоа на двете страни од границата.“ Може само да се замисли како би изгледало ако наместо за промена на име, би станувало збор за промена на граници, истакнува Хармс.

Западен Балкан останува нестабилно подрачје, каде и мала искра може да предизвика пожар. Секој позитивен напредок тука е добредојден. Затоа и Шолтес нагласува: „Проблемот меѓу Србија и Косово постои веќе 20 години. Тоа не се решава преку ноќ. Но, би било важно до крајот на мандатот на оваа ЕК да знаеме во кој правец се наоѓа одговорот. Тоа би бил голем успех на тријалогот меѓу Белград, Приштина и Брисел.“ Притоа и за ЕУ стабилноста на Балкан мора да остане висого рангирана тема, зашто „треба да се разбере дека од ситуацијата на Балкан и тамошниот мир, зависи и мирот во Европа. Тоа е тесно поврзано“, нагласува Игор Шолтес.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми