1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

1:0 за Армин Лашет 

Розалија Романиец
7 јуни 2021

ЦДУ однесе брилијантна победа на покраинските избори во Саксонија- Анхалт, смета Розалиjа Романиец. Изборниот резултат покажува: АфД може да биде победена и на истокот. 

CDU Digitaler Parteitag Laschet wird Vorsitzender
Фотографија: Hannibal Hanschke/REUTERS

Стравот беше голем. Во анкетите десничарската АфД до последно беше кнап зад Демохристијаните, а еднаш беа и први на листата. Победа на „Алтернатива за Германија“ на покраинските избори во Саксонија-Анхалт ќе беше историски пресврт, а со тоа и фатален сигнал на само неколку месеци пред изборите за Бундестагот. Но, се покажа дека ваквото хорор-сценарио е фатаморгана на десните популисти. ЦДУ покажа дека може да се мобилизира. За демократија и против АфД. 

Ветер во грб за кандидатот на ЦДУ за канцелар 

Над 37% од гласовите за ЦДУ – значително повеќе од она што го покажуваа анкетите. Колективно воздивнување кај Демохристијаните, особено во опкружувањето на кандидатот за канцелар Армин Лашет. Јасната победа во Саксонија - Анхалт му дава ветер во грб кој му е итно потребен на сојузно ниво. 

Фактот дека ЦДУ доби значително поголема поддршка во Саксонија – Анхалт би можело да има големо значење. Особенона истокот напредува ерозијата на народните партии. Во Саксонија - Анхалт се покажа дека овој процес може да се сопре. Токму тоа и е итно потребно на ЦДУ во сите источни сојузни покраини за да може да ја задржи предноста пред АфД.

Раздвиженост и кај останатите партии

Погледот кон останатите партии исто така покажува интересен развој. Либералите пред десет години испаднаа од покраинскиот парламент. Но, сега со речиси седум проценти поддршка може дури да се случи да ги заменат Зелените во покраинската коалиција. Иронично, токму Либералите им ги покажуваат на Зелените границите на напредокот, барем на истокот. Зелените кои беа дел од покраинската власт во Саксонија - Анхалт сега може да испаднат. И Левицата загуби доста гласови на покраинските избори. Иако посткомунистичката партија со 11% се уште има двоцифрена поддршка, АфДима двојно повеќе и продолжува да ја заменува Левицата како „Партија од истокот“. 

Уште едно разочарување е вредно да се напомене: поранешната работничка и народна партија на Социјалдемократите продолжува да губи во структурно слабата Саксонија - Анхалт на сите места. Тоа навистина остава горчина.

Своеглава Унија

Гледајќи го ЦДУ едно е јасно – успехот не се должи на претседателот на партијата и кандидат за канцелар Армин Лашет. Победата оди на конто на популарниот покраински татко Рајнер Хазелоф. Тој пак не го сакаше Лашет за канцеларски кандидат. Во Саксонија-Анхалт како и во останатите источни покраини фаворит беше неговиот конкурент од Баварија, Маркус Зедер. 

Розалија Романиец, автор на текстотФотографија: DW/B. Geilert

Сепак немаше штета од тоа што Лашет беше доста активен во предизборната кампања во Саксонија – Анхалт. И тоа само по себе ќе беше доволен успех. Новостекнатата сила на ЦДУ на кандидатот кој мора да се бори против имиџот дека ќе биде само продолжена рака на Ангела Меркел, му го дава итно потребниот ветер в грб. И е чекор на помирување и приближување на Лашет до истокот. 

Поприфатлива опција 

Лашет сака да ги задржи гласачите од центарот и истовремено да ги врати оние кои се за поконзервативна Унија. Кандидатот за канцелар не користи десничарска реторика, но пак им дава простор и на оние во сивата зона. Тоа беше и тактиката на Рајнер Хазелоф која се покажа дека функционира. ЦДУ така стана понеконвенционална и со тоа поприфатлива.

Тоа е инспирација за десноконзервативците во Унијата. За сега може да си сонуваат. За Лашет важи – до парламентарните избори треба што повеќе луѓе да имаат чувство дека ги адресира токму нив. Потоа картите – во зависност од коалициските партнери – одново ќе се измешаат. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми